Екологика

За маалските муабети „Македонија на море“

Уште од одамна ќе се слушнеше некој муабет како со топењето на мразовите и зголемувањето на нивото на океаните и морињата, Македонија, кај и да е ќе излезе на море, па ќе имаме и морски туризам. Има некоја вистина во тоа…

…но, за такво нешто да се случи ќе треба да поминат еден куп години и тотално различна состојба на планетата. Благодарение на научниците и ентузијазмот на National Geographic, можеме да провериме дали таа маалска теорија „држи вода“.

Rising Seas – специјалното NG издание посветено за растот на морињата прикажува една прилично различна слика на светот. Целиот мраз од копното е стопен и истечен во морињата, зголемувајќи го нивото за 66 метри, создавајќи нови крајбрежја на континентите.

Што би се случувало со нашиот континент?

Лондон, само меморија. Венеција, длабоко во Јадранско, Холандија и Данска скоро и да немаат копно. Кај нас, Егејско море стигнува некаде блиску до Гевгелија, сепак недоволно за замислениот туризам…

Но за ова сценарио да се случи, ќе треба да поминат неколку илјади години, ако не успееме да го сопреме глобалното затоплување и претераме со јаглеродниот диоксид од јагленот, нафтата, гасот, уништувањето на шумите…

Температурата на планетата би пораснала за 11 – 12 степени, променувајќи го во целост начинот и можностите за живот на луѓето и останатиот жив свет.

Звучи страшно и незамисливо, а одлучувачки фактор е токму 21иот век во кој сме сега. Делата кои ги правиме сега, одлучуваат каква планета ќе имаат идните генерации. Веќе сме на пат кон 2 степени потопла планета, со можности за неповратливо глобално затоплување ако ја поминеме таа граница…