СЕРИЈА НА ИНТЕРВЈУА ОД НЕВЛАДИНАТА ОРГАНИЗАЦИЈА ТАКТ НА ТЕМА ЖЕНИТЕ ВО СПОРТОТ

За да се стане успешна спортистка потребно е да се има желба, посветеност и упорност

Сонот на младата пливачка Ана Јаневска се Олимписките игри во Токио 2020 година кои се на пат да станат реалност за неа со упорност и многу работа. Нејзиниот предизвик е да се покаже во најдобро светло на натпреварите каде што ја претставува својата земја, а инспирација и мотивација наоѓа во успешните приказни на врвните светски спортистки.

1. Од каде љубовта кон пливањето?
Љубовта кон пливањето ја имам уште од малечка бидејќи водата многу ме привлекува.

2. Со кои предизвици се соочуваат пливачките кај нас и на меѓународните пливачки терени?
Предизвиците растат во зависност од конкуренцијата, како што и секој натпревар е предизвик сам за себе. Мој личен предизвик е да се покажам себеси во најдобро светло на натпреварите каде што ја претставувам својата земја.

3. Кои се Вашите најзначајни и најдраги успеси? И што Ве очекува во блиска иднина?
Оваа година имав бројни успеси и награди од кои би ги издвоила: европските квалификации во Кавала со срушен рекорд на 50 м делфин во квалификациите, и истиот тој рекорд беше повторно срушен од моја страна и во финалето; Летното државно првенство кое што се одржа на Воениот базен во Скопје со освоени шест златни медали и последниот најуспешен натпревар – Европски детски олимписки фестивал одржан во Гјор, Унгарија, каде што го подобрив сопствениот резултат во дисциплините 50 и 100 м краул.

4. Која е за Вас мотивацијата и предизвикот да се биде пливачка? Која мисла Ве води? Вашата инспиративна приказна…
Покрај желбата за пливање, инспирација ми беа и сè уште ми се врвните светски спортисти на кои им се восхитувам, и мојата мотивација е да бидам поуспешна од нив.

5. Што би им препорачале на младите девојки кои сакаат да се занимаваат со пливање?
Секој што има желба да проба да се занимава со овој спорт нема да згреши поради тоа што има големи бенефиции за комплетното здравје, за стекнување здрав начин на живот, како и за формирање и истакнување на својот карактер.

6. Кои се најважните квалитети кои треба да ги поседува успешна пливачка?
Според мене за успешна пливачка потребени се желба, упорност, талент и, секако, здравиот начин на исхрана и редовниот сон.

7. На кој начин спортот Ве промени, на какви вредности Ве научи? Дали не прави подобри луѓе?
Секако дека не прави подобри луѓе, лично мене ме направи да се чувствувам посигурно и посамоуверено на секое поле.

8. Во однос на пливањето што сметате дека треба да се оствари/сработи за подобрување на условите во нашата држава?
Условите што ни ги нуди државата се солидни, но секогаш може и подобро. Пливањето е спорт во кој е потребно да се вложува континуирано како што и ние пливачите вложуваме напор за да ја покажеме нашата земја во најдобро можно светло.

9. Дали се остваруваат соништата преку спортот?
Секако дека се остваруваат со поставена цел и со стремеж кон тоа што најмногу те исполнува.

10. Кои се вашите цели за во иднина?
Имам големи планови и соништа за во иднина кои, се надевам, ќе станат реалност… Тука секако се издвојуваат Олимписките игри во Токио 2020 година.

Подготви: Андријана Ананиева

Автор

TAKT NGO

Скопје

Македонија