Наслов

Водно-Матка Планински Маратон - една планина - еден кањон - многу авантура

Секоја планина си има своја долина, секоја река има свое езеро, нашето Водно ја има својата Матка. Нераскинлива природна архитектура и врска која е на само 10-тина минути од центарот на бучавата, можност за целодневно лесно пешачење или можеби уште поинтересно, трчање низ најатрактивните делови на планината Водно и кањонот Матка. 

Фото - Борис Гаџовски

Оваа пролет, на крајот од март, планината Водно и нејзиното фантастично природно огледало - кањонот Матка ќе бидат домаќини на настанот во планинско (треил) трчање - Водно Матка Треил Маратон.

Настанот е закажан за рана пролет - 25.03.2018 година кога ќе се одржи и првото издание на трките во организација на здружението ТРЕКС и ПСД Макпетрол. Во минатото, пред околу 10тина години, патеката - Полиција - Врв - Матка (Св. Андреја) во должина од 18км беше дел од тогашното државно првенство во планинско трчање, настан кој се одржа неколку години за ред. 

Идејата за возобновување на трката и нејзино надополнување во уште поголем предизвик, тимот на ТРЕКС веќе подолго време ја разгледуваше, за оваа 2018 година да се реши да ја потегне организацијата.

Фото - Борис Гаџовски

Планирани се две трки од 23 и 40 километри - маратон и полу маратон, кои имаат соодветна висинска разлика од 1400 и 2800 метри. Стартот е предвиден од месноста „Полиција" во населбата Водно, а финишот на врвот Крстовар - пл. дом Даре Џамбаз.

Временскиот лимит за минување на полу маратонот ќе биде 7 часа, а за маратонот 10 со тоа што на 26-тиот километар ќе биде предвиден дополнителен временски лимит. 

Трката е отворена за сите љубители на планината и движењето, а патеките минуваат низ едни од најинтересните делови и погледи на пределот како и бројните културно-историски локалитети во околината - вкупно 7 цркви и манастири, покрај реката Треска и езерото Матка, селото Горно Нерези итн. 

Повеќе информации може да пронајдете на веб-сајтот vodnomatka.mk, а пријавувањето е веќе отворено!

Фото - Борис Гаџовски

12 Јануари 2018

За авторот

Skopje