Ништо од Нанга зимавa

Во лавина повредени Михал Обрицки и Павел Дунај

Во сабота на 8-ми март 2014 година, двајцата учесници на зимската експедиција на Нанга Парбат (8152 м.н.в.) Михал Обрицки (Michał Obrycki) и Павел Дунај (Paweł Dunaj) беа погодени од лавина. И обајцата имаат многу модринки, едниот е со скршени ребра и нога. Според последната информација и обајцата се во базниот логор и чекаат да дојде хеликоптер.

Лавината се случила малку под Логорот 1. „За среќа, и обајцата не биле затрупани од лавината и биле во состојба да повикаат помош. Јацек Телер (Jacek Teler) и Томаш Мацкиевич (Tomasz Mackiewicz) кои останале во Базниот Логор веднаш тргнале нагоре и стигнале до настраданите. Околу 4:00 часот утредента сите веќе биле во базниот логор.” изјавува Марек Клоновски (Marek Klonowski).

Тој додава дека „Сега се во Базниот Логор. Михал има преврска на носот. Ногата најверојатно не му е скршена. На листот има сериозна прободна рана од заб од дереза. Целиот е со модринки. Павел е со скршени ребра и рака. Ја моли мајка си да не се грижи.”

Павел и Михал треба да бидат евакуирани од Базниот Логор со хеликоптер. Полската експедиција немала платено депозит за хеликоптерско спасување. Фирмата што ги врши хеликоптерските спасувања е во сопственост на армијата и врши хеликоптерски спасувања само ако е уплатен депозит.

По неколку повици на релацијата меѓу Пакистан и Полска, проблемот е решен. Според прогнозите, снежните бури може да продолжат и до вторник, а за среда се очекува делумно облачно време. До 10ти март 2014, 18:00 по пакистанско време, Базниот Логор сеуште е непристапен за хеликоптер поради временските услови.

Во меѓувреме, Томаш, Јацек и локалниот персонал помагаат во грижата за повредените алпинисти.