Вистинското значење на квадратчињата од амбалажата

Ако сте наишле на некои од оние сензационални муабети и статии наменети за ширење паника или пак ако веќе сте ги прифатиле како точни и ги проверувате пакувањата на сета козметика што ја користите, сопрете за момент и просветлете се.

Во ера на ширење и консумирање на сè што е органско, природно, еколошко, да ви се крене косата од 100% хемиско и не е чудно. Сепак секој ден слушаме за ГМО храна, пластичен ориз, вештачки јајца, парабени, токсини, пестициди, па пазарувањето на здрави и природни производи кои навистина ќе ви годат станува вистински предизвик.

Наводно, бојата на квадратчињата на тубите кажува и за составот на она што е внатре. Па така темното квадратче означува целосно хемиски состав, црвеното 70% хемија и 30% природни состојки, а зелено за целосно природен состав.

Но, сепак тие квадратчиња се само маркација од најтемната боја искористена во печатењето и стојат таму само за машината да може да ги детектира кога производот поминува на лентата. Ништо повеќе, ништо помалку…

Убаво би било кога врз основа на еден знак – квадратче – лесно ќе можете да процените и за составот, но нажалост тоа не е така. За составот можете да процените само ако внимателно ги проучите состојките кои со закон мора да бидат наведени на пакувањето или доколку на самото пакување наидете на некој сертификат за 100% природно.