Ви се трча ли на Беласица?

Оваа есен на 07.10.2017 на падините на прекрасната Беласица за прв пат ќе се одржи трката Беласица Скај Ран – прекугранична трка во планинско трчање од селото Смолари, Македонија преку билото на Беласица до Петрич, Бугарија. 

Беласица претставува една од најживописните планини на нашите простори која се повеќе се искористува како дестинација за активен туризам, планинарење, велосипедизам и уживање во природата. Оваа година екипите на Планинарското еколошко друштво „Еделвајс” од Струмица заедно со клубот „Белаекстрим” од Петрич потпомогнати од проект под капата на Европска Унија ќе организираат повеќе вакви активности меѓу кои и првата прекугранична трка Беласица Скај Ран. 

Должината на трката изнесува 65 километри со 3600 метри висинско искачување. Стартот е во селото Смолари откаде се посетуваат Смоларските водопади, планинарскиот дом Шарена Чешма, па атрактивниот врв Сечена Скала 1785 м.н.в., преку врвот Тумба се минува во Бугарија до селото Клуч откаде се упатува кон највисокиот врв на Беласица – Радомир 2029 м.н.в, па врвот Конгур 1860 м.н.в за да финишира во градот Петрич. 

Покрај долгата трка, во истиот ден ќе се одржи и кратка трка Беласица Скај Ран Шорт која во должина од 27 километри ќе оди од Смолари до селото Клуч. 

Сите заинтересирани може да пронајдата детални информации и да се регистрираат на следниот ЛИНК, а како премиерно издание оваа година стартните пакети ќе бидат целосно бесплатни. 

Повеќе за Беласица

На планината Беласица и овој крај од Балканот се преплетуваат многу култури, историја и богата природа. Патеката минува низ познатото место на Беласичката битка (во близина на селото Клуч) каде цар Самоил во 1014 г. е поразен од византискиот цар Василиј II, а биодиверзитетот на флората и фауната е исклучителен. 

Едно од најзастапените дрва е костенот, а од флората може да се најдат околу 1400 различни видови што е околу 1/3 од сите растителни форми во Македонија и Бугарија. Од животинскиот свет тука се пеперутките, 9 (од 10 во Европа) видови на клукајдрвци и други животни. 

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија