Ден 4. вторник, 6 јули г.п. Егзохи – Пиргос, 137 км

Велоаџилак – ден 4

Колку убаво сум се наспал. Рано се разбудив. Мислам дека уште ни сонцето не беше излезено. Марко сеуште беше во шаторот, а тоа значеше дека и јас не треба да се брзам да излегувам од вреќата. Удобно ми беше на камениот под, само со изомат под мене. Ми требаше ваков тврд сон оваа вечер, после непреспиената претходна ноќ.

 

Сврти на претходна страница >> Ден 3

Излегов од тремот и почнав да ги собирам работите. Имавме многу алишта што се сушеа. За среќа Луси не ги дофатило, иначе сите ќе беа расфрлани низ полето. Дури и патиките му ги скрив за да не може да си игра со нив во текот на ноќта. Штом Марко излезе од шаторот почнавме се да собираме и да пакуваме. Водените алишта ги наместивме врз сите други работи на багажникот и ги стегнавме со ластиците. Така најубаво ќе ги фати сонцето и ќе се испавтаат. Така најбрзо се сушат. Направив неколку фотографии со Луси и тргнавме. Немаше да може да не следи на спустот. Тргнавме надоле и веднаш забрзавме, тоа почна да лае од жал дека не може да не стигне. Трча и лае. Само се вртев назад ама се повеќе ми се губеше од видикот. Откако го поминавме селото Вазме имаше угорница и тука успоривме. Јас целосно го заборавив и одеднаш се појави од некаде. Пак лаеше и трчаше по нас. Не се откажува кучево, си помислив. Но таа угорница беше кратка, и пак му избегавме на следната удолница. За негова среќа во близина имаше населено место па ќе има каде да го вдомат. Слатко кутре.

Се движевме во правец на градот Зрново помеѓу благи планини и пат што одеше нагоре-надоле. Знаев дека сме на поголема висина од целта за тоа претпладне, градот Драма, и затоа знаев дека нема да имаме многу мака да стигнеме таму бидејќи претежно ќе се движиме по удолница. Беше облачно утро и почна да ме плаши дождот. Се движевме во правец на морето, а на брегот времето секогаш е понестабилно отколку на копно. За среќа, постојано имавме населени места па немаше да биде проблем да се скриеме доколку евентуално ни заврне дожд.
Го поминавме Зрново и влеговме во клисура каде што дуваше ветер во гради. Но за среќа се движевме по удолница, па не ни правеше многу проблем. Патот беше широк и прегледен па можевме да развиеме поголема брзина. Штом излеговме во рамницата го поминавме градот Просечен. Многу ми беше чудно дека имаше многу возила, во и околу градот. Кога стигнавме дома, после неколку денови, случајно разбрав дека во градот се случувала некаква средба на Македонците од тој крај. Нешто поврзано со фоклор, јазик, традиции. Значи уште ги има во тој крај на Егејска Македонија. Инаку, токму во околината на Драма, Сер и Кавала се одвивал најголемиот погром на македонското население кога после 1913, а посебно после 1923 година биле населувани Грци од Мала Азија во домовите на македонските семејства, а пак Македонците биле насилно протерувани од нивните домови и насила населувани во Пиринска и Вардарска Македонија. Но духот нивни се уште опстојува.

Од ова гратче следува рамен и прав пат се до Драма. Само сакав да стигнеме таму и да си купиме нешто за освежување. Ме исуши ветрот што го имавме во клисурата. Веќе се чувствуваше и влијанието на морето. Воздухот стануваше се повлажен и потопол. Пред тргнување ја следев прогнозата за местата каде што планиравме да поминуваме. Најмногу страв имав за тоа како ќе го поминеме делот што оди покрај морето. Ако не фати еден топллотен бран од Африка, ќе не изгори. Никакви пладневни паузи нема да не спасат. На влезот во Драма влеговме во еден заграден парк. Си ги прочитавме правилата на влезот и се сместивме. Ни се пушти едно момче со објасување дека точаците мора да бидат оставени на влезот од паркот, на паркингот специјално направен за нив. Ама, му велам, и така нема никој, да полежиме малку и ќе си одиме. Точаците мора да бидат покрај нас. Не можам да ризикувам да ги оставам без да ги надгледувам. Не бе, не сака да слушне. Добро, му велам, ќе си одиме. И излеговме. Еј како ми скрши филм. Така ми се лежеше. Повозевме малку низ Драма и веднаш го напуштивме градот. На картата гледав каде има некакво рекиче да одмориме. Стана многу жешко. Видов дека ќе преминеме неколку реки, но сите беа пресушени и претворени во барички. Повторно се движевме на југ и стануваше се пожешко. Се повеќе се чувствуваше морето. Тоа ни беше и мотивација да возиме побрзо. Таму се ќе се смени.

Го поминавме градот Доксат и застанавме во една продавница покрај патот да се освежиме. Имаше убаво паркче, студена вода и сок. Ги паркиравме точаците и влегов да купувам. Тројца мажи внатре и ме гледаат лево. Продавачот ме прашува од каде сум. Јас му викам од Македонија, не очекував некоја реакција од нив. Тој па ми враќа, абе ако сакаш биди и Циган, и Србин и Бугар, ама ти си од Скопје. Абе море, му викам, па ако знаеш од каде сум што ме прашуваш? Се осилив зошто имаше и други луѓе. Што може да се случи? Кој си ти, Дора Бакојани, му вратив. Ајде наплати ми и да си одам. Ми се пие сок. Па зема да ми објаснува како тоа тие биле Македонци, а мојата глава не била иста како нивната, значи јас не сум бил Македонец. Абе многу си паметен, му одговорив. Дај да си одам ајде. Другите двајца почнаа да се смеат, демек ете ме убедил. Излегов надвор и си седнавме со Марко. Си пиевме сокче, си каснавме нешто и си одмаравме. Да се оладиме од жешкото. Ми пријде едниот од внатре и ме прашува: „Од каде сте од Македонија?” Од Скопје му велам. Па ми раскажуваше како доаѓал во Скопје по работа. Остај го, ми вика, овој внатре. Се зафркава. А, па ме стресе, му велам. Види ме се тресам. После тој што ме нападна ни пријде и не праша дали сакаме уште ладна вода и извади шише од фрижидер. Демек не части. Нешто како извинување. Ја спикавме водата по бидони. Ајде Бакојани пријатно, му реков. Па се посмеавме малку и тргнавме. Не испратија како пријатели. Ова ќе биде прва од неколкуте средби со искомплексирани неквалификувани Грци што ќе се убедуваме од каде доаѓаме.

Набрзо го поминавме селото Борен, и на патот читам знак „Лидија”. Се движевме накај Кавала. Свети Павле. Филипи. Леле кога ми текна! Всушност, тоа е местото каде што во првиот век свети Павле ја покрсти Лидија и го донесе Христијанството во Македонија и во Европа. Така Лидија од Македонија ќе стане првиот Христијанин во Европа. Важно. За мене многу важен факт, многу важно место. Се исклучивме од патот и влеговме во селото Маџар Чифлик. Ги следевме патоказите што не водеа до местото на првото покрстување. Тоа беше убаво уредена ливада, во чијашто средина се наоѓаше форумот од античкиот град Филипи и црква посветена на света Лидија. Во близината поминуваше една мирна студена река на чиишто брегови имаше неколку одморалишта. Ме освои местото. Не можев да се изнарадувам. На влезот не пречека домаќинката на црквата. Не слушна како зборуваме и не праша од каде сме. Од Македонија, и кажав со тивок тон. Да не кревам галама. Таа па ми вика, од Скопје, треба да речеш од Скопје. Со изненадување и со мала доза на сарказам и реков: во право сте. Како го погодивте градот. Точно, ние сме од Македонија, од градот Скопје. Се откажа. Не се објаснуваше повеќе. Како да сакаше да ми каже да не расфрлам многу со тоа „Македонија”. Па ни посака добредојде и не пушти внатре. Веднаш се упативме кон црквата, па форумот, поседовме покрај реката, направивме некоја слика и заминавме. Почнаа да доаѓаат многу стари луѓе па направија галама. Посетата на ова место навистина значеше аџилак за мене. Тоа е едно од најсветите места во Европа.

Излеговме од селото и пак тргнавме по истиот пат за Кавала. Лево покрај патот се гледаа остатоците од стариот град Филипи. Огромен археолошки локалитет. Убаво е да се дојде овде повторно и се да се разгледа со внимание. Кавала не беше далеку. Веќе се гледаше планината што не делеше од морето и градот. Тоа требаше да биде крако искачување после што ќе следува спуст. Го поминавме селото Бадем Чифлик и почнавме да искачуваме стрмна угорница долга 2 километри. Не чувствував замор. Можеби затоа што знаев дека ќе излеземе на море, па таму ќе одмориме, ќе се бањаме и ќе ручаме. Имаше многу коли на патот, но не ни сметаа. Застанав на превојот да го почекам Марко, направивме некоја фотка и летнавме надоле. За момент се најдовме во градот и само баравме пат што води во центарот. На една постојка видов карта на градот и застанав да ја простудирам. Да видам во кој правец, по која улица треба да се движиме и што има да се види.

Искрено, немав некои претходни знаења за Кавала. Оставив да ме изненади. И тоа го направи пријатно. Навистина убаво приморско гратче. Имаше многу туристи, морнари кои што си ги чекаа своите бродови да ја истоварат робата и да тргнат на ново патување. Во далечината се гледаше старата тврдина и римскиот аквадукт што носеше вода од блиската планина. На главниот плоштад имаше споменик на свети Павле. Од тука тој ќе го започне своето мисионерско патување на Балканот ширејќи ја вистината и верата Христова. Тука ќе ги напише и неговите обраќања што подоцна се сместени во Новиот завет. Градот беше тивок, иако имаше многу сообраќај. Убаво уредена велосипедска патека што се движеше покрај брегот. Сакав да се движиме покрај морето заради погледот. Стигнавме до аквадуктот и тргнавме назад. Колку и да бевме љубопитни и туристички расположени, сепак бевме гладни. А возејќи навака се мотивиравме дека ќе јадеме гиро за ручек. Па не е фер да не пробаме гиро а возиме во земјата на гирото. А за воља на вистината, во сите пет дена низ Егејска Македонија, нема да пробаме гиро. Абе човек да се искомплксира. Или бевме рано сабајле, или доцна навечер, или нема во селото каде што одмораме, или веќе сме ручани. А толку сакав да каснам од тоа гирото. Се сместивме на плажата на западната страна на градот. Од тука имавме убав поглед на Тасос на југ и Света гора на запад. На плажата немаше многу луѓе, па се осмелив да извадам и да зготвам ручек. Демек гиро ќе одев да барам, ама ме смрзи да одам по улиците. Најдов една гироџилница во близината, ама беше затворена. Изгледа работеа двократно. Направив салата од краставици, убаво ја зачинив. Растворив цевитана. И спржив по три јајца со по три виршли. Ни требаа калории. Можеби изгледа како обилен ручек, но на пат се трошат многу калории и мора да се надополнуваат на овој начин. За тоа време Марко влезе да плива. Го почекав и ручавме. Луѓето малку не гледаа под око, ама што да им правам. Само тука имаше сенка и услови да готвам. Нема во ресторан да одам.

Тука ја поминавме жештината. Покрај море можеш навистина убаво да се релаксираш. Влези си во вода, музика, почитај малку, разгледај лево-десно, стави се под туш, па пак попливај и така во круг. Многу беше важно дека има туш на плажата. Па сме заспале. Веќе поминало 4 саат и кога се разбудив веднаш почнав да се спремам. Бевме рафрлани насекаде. Тоа ретко ми се случува. Обично сакам работите да ми бидат прибрани и блиску до мене. Ги заплакнав садовите, ги ставив во кеса и тргнавме. Патот на картата покажуваше дека само треба да се држиме покрај морето. Движејќи се на запад ќе одиме во правец накај Солун. Патот беше релативно рамен. Обично покрај морето знае да има многу угорници и цел ден да оди нагоре-надоле. Сега немавме поголеми проблеми. Стигнавме до туристиичката населба Кале чифлик (Неа перамос) и малку се загинавме. Картата покажува едно, патоказите друго, луѓето трето. Можеби десетина луѓе прашавме и никако не можевме да се снајдеме да го најдеме излезот од населбата и да продолжиме покрај морето. Само ги прашував како да стигнам до Лутра Елефтерон, но по патот покрај море. На крај се снајдовме некако и излеговме на вистинскиот пат. Ние, всушност, сме требале да го фатиме патот што тие си го викаат „Палео етники одос”. После ми текна се. Тоа е стариот Виа Егнација. Тоа бил главниот пат пред да го направат новиот автопат. Ама мене додека ми текне. Секогаш кога ќе се спомне Егнација, јас мислев дека зборуваат за автопатот. А на автопат не смееме да излеземе. Тоа беше широк пат, одличен за велосипеди, немаше многу сообраќај. Само грабиш километри. Ама ми се здосади. Само гледав лево накај морето. Ни денеска не знам да кажам што сум видел на тој пат. Мислам дека беше најдосадниот пат што го возевме на целото патување. Само зајдисонцето ми даваше некаква утеха да возам. Ми се збоктиса.

Па почна и да се стемнува. Требаше набрзо да најдеме место за спиење. Арно ама, десно од патот имаше планина и некакви овоштарници, лево беше плажата, ама претежно беа приватни. Неколку пати се симнав од патот да најдам пат до плажа, ама сите беа блокирани со капии. Потоа сфатив дека ќе мораме да бараме сместување во камп или некој хотел. Така, покрај патот читам кафе-ресторан Мицале. Оп хотел. И се договоривме, ако ни бара докај 20 евра по човек ќе се сместиме. Барем шатор да пуштиме. Сепак некаде мора да преспиеме. И влегуваме во дворот, го среќавам газдата. Му зборувам на англиски, а тој ме прашува од каде сум. Од Македонија, му викам. Јел причаш српски, ме праша. Викам, причам, зошто да не причам. Па жена ми е Србинка, ми вика. Добредојдени сте. Побарав дозвола да пуштиме шатор во дворот и да платиме за тоа. Во дворот веќе имаше поставено шатор, исто од точкар, и мислев дека е сосема нормално да се кампува тука. Ама ние немаме места за шатор, ми вика. А овој бе? Па и тој изгубен како вас. Му понудив 40 евра за двајцата за да се сместиме. Замислете, ме одби. Многу пари се тоа. Ќе платиш 30 евра и слободно користете се што сакате во хотелот. Види го човеков, дури ми намали. Пуштивме шатор во дворот, па влегов во вода, се истуширав, вечеравме и се сместивме на терасата да гледаме фудбал. Играа Португалија – Велс, полуфинале на Еуро 2016. Си седнавме со дечкото со точакот. Беше Греманец кој што 50 дена ќе вози по целиот Балкан, па преку Игуменица ќе се префрли Италија, па од тука до Австрија и ќе земе воз до дома. Се напивме по некоја ракија, пиво, се собраа луѓе Срби, Грци, Германци, Македонци. Муабет со сите, малку фудбал, си пројде времето. Ајде на спиење.

Сврти на наредна страница >> Ден 5