Ден 10. недела, 10 јули Радика – Гостивар – Скопје, 121 км

Велоаџилак – ден 10 – крај

Во текот на вечерта се разбудив и излегов од шатор. Така сум се смрзнал. Насекаде имаше магла и температура не повеќе од 10 степена. Многу ладно за јули. Се тресев додека стоев надвор. Па и алиштата ми се натопија од влагата, се тресев дури и додека не заспав во вреќата. Радика се забучила, мислиш ќе не однесе. Беше навистина голема. Но сепак немаше опасност бидејќи бевме на повисоко ниво од текот.

Сврти на претходна страница >> Ден 9

Тоа беше деветото и последно утро на пат. Кога ќе ми текне каде бевме на почетокот. Кога тргнавме од плоштад, па Кочани спиевме, па Пиринска, па Егејска, Мала Преспа и пак назад. Повторно ми дојде она чувство дека сакам да продолжам да возам. Чувството што го имав кога бевме некаде околу Кожани, на патот што одеше за Игуменица. Стигни до таму до морето, товари се на траект и вози низ Италија. Толку е едноставно. Се разбудивме рано како што ни кажа вработениот. Не сакав да му направиме проблеми. Набрзина собравме се, товаривме и тргнавме. Се договоривме да јадеме погоре малку. Сакавме да повозиме малку, да си го заслужиме доручекот.

Беше недела и немаше многу сообраќај. Патот тука продолжува да се движи спротивно од текот на Радика и е во благо искачување. Беше ладно, посебно во деловите каде што беше сенка. Дури и коловозот беше воден и ми беше страв да не се лизнеме на некои места. Во клисурата има голема влажност и навечер кога ќе залади под влијание на високите планини и горскиот ветер, влажноста кондензира и ги прави утрата да бидат многу влажни и студени. Затоа и тој крај изобилува со вегетација. Има мнгоу вода.

Иначе тоа е еден од моите омилени краишта во Македонија, заедно со Мариово се разбира. Кога бевме мали моите не носеа мене и браќата на летување или зимување во Маврово. Селата како Леуново и Никифорово, самата планина Бистра и националниот парк ми беа при срце и ми будеа убави спомени. Дополнително, оваа страна на планината, наречен Рекански крај, изобилува со национални и верски различности и за мене од секогаш бил предизвик да го проучам и разберам, а подоцна и да го пренесам како знаење. Кога си тука секој збор со локалците е алтан вреден. Во крпче си го врзуваш секој муабет што ти го направиле и си ги памтиш. Кај нив нема празен муабет. Секогаш се зборува за планината, за Македонија, за верата, за минатото, за Радика, за Бигорскиот манастир, за селата што висат по планините. Сум имал можност да посетам многу од Реканските села и тврдам дека повеќе историја не крие ниту еден крај во Македонија. Можеби демирхисарско и малешевско може да им конкурираат на Реканциве. Толку се питоми и кротки, приемчиви, што не можеш да поминеш макар да се поздравиш, рака да му стегнеш на човека.

Доручкувавме на клупата кај Жировница. Направив едно кадро и го ставив на фејсбук и пишав дека јадеме морска храна во Неа Жировница, Грција. Така ми дојде во седум часот сабајлето. Глупости. Доручкувавме од работите што ги купивме во Струга. Издржале, не се расипале. Како беше топло минатиот ден имаме среќа што не се отрувме од тоа куленот и саламите. Имавме и патлиџанче салата и кока-кола. Мислам, каде без кока-кола? Иначе од каде гориво за на угорницана? Со Марко се смеевме дека вредеше турава да се извози, макар за кока-колата. Почнавме со по една лименка дневно, а завршивме со по литро.

После Жировница патот продолжува да оди споритвно на реката по блага угорница. Не е страшно. Се вози. Патот неколку пати ја поминува реката Радика. Одвај чекав да се појавиме на некои сончеви места за да се стоплам. Сенките беа навистина ладни.
Потоа кај свртувањето за Ничпур и Стрезимир свртевме десно и јас од тука го сметам превојот. До браната има околу 8 километри постојано искачување, ама не е стрмно. Правевме пауза кај рестораните што се прават кај Трница и одморивме малку. Се залетавме многу после доручекот. Многу ни се огрешија газдите на мотелот, ама не е за кажување. Само ќе им го памтиме со Марче. Ама ако. Не се постапува така со патници. Ние ништо не сме им згрешиле за тие така да се однесуваат со нас. Не се знае утре нив кога ќе им затреба услуга некаде на пат.

Одморивме малку, каснавме по една банана и тргнавме нагоре. Во втората половина искачувањето станува и пострмно. Ама убавината на пределот не ви дава да мислите на угорницата или заморот. Само гледај си лево-десно по планината и уживај. Нема брзање. Врткај со педалите и горе си. До браната стигнавме за еден час. Јас очекував повеќе време да ни земе. Веднаш свртевме лево и стигнавме на превојот кај влезот во националниот парк. Вработените во паркот, оние што ги проверуваат дрвата дали се печатени, си правеа големо гезме на скара. Не сакавме да им се мешаме. Само по едно мевце им земавме. Не понудија. Ама и ни се спушташе удолницата, затоа не сакав да се задржуваме повеќе. Јас сакав веднаш да тргнеме и да му ја летнеме надоле. Кога веќе возиме накај дома, сакав што побрзо да стигнам. А тоа е една од најголемите грешки кога си на пат. Никогаш не брзај кога ја гледаш целта. Тогаш се опушташ и ги правиш најголемите грешки. Си велиш: ај уште малку има. А всушност нема врска дали е малку или многу. Концентрацијата мора да се задржи. Нема опуштање. Кога си пред целта помалку јадеш, може и од возбуда. Помалку пиеш, се тешиш дека си пред крај. Ама организмот си бара гориво и на крајот, исто како и на почетокот.

Надоле возевме брзо. Не застанавме никаде до Гостивар. Но сепак внимававме на кривините. Имаше сообраќај и не сакавме да направиме беља. Многу е различно кога сте на точак празни и кога носите толкав товар позади. Бисаѓите ви даваат дополнителен момент на движење и инерцијата е поголема. Затоа мора да се прикочи на време и да се гледа во далечината за да се процени кривината. Исто како со товарните камиони.

Кога влеговме во Гостивар веднаш почнавме да бараме место за ручек. Сакавме да ручаме некое месо во некој убав ресторан. Да бидеме господа. Онака, да нарачаме некое мрсно месо да тече од страните. Со компири и кечапмајонез и сок. Седнавме во еден ресторан чиишто газди постеа тој месец. Ама убаво не испочитуваа. Многу убаво не послужија и не частија газирано сокче.

Горе-доле Гостивар го поднаучив. Знам да се снаоѓам. Барем влезот и излезот не ги грешавам повеќе. Знам да го најдам патот за Чајле. Ќе си тргнеме од тука па ќе го поминеме Форино, па Чегране и веќе од тука почнува новиот асфалт на стариот пат за Тетово. Веќе не фати многу жешко. Ама па и беше рано за одмор. Стиснавме и извозевме многу брзо. Марко дури и беше километар пред мене. Јас си застанав на онаа пумпата кај што се поминува Вардар и си се оладив. Си наполнив свежа вода и малку си прилегнав во сенката. Ама многу ѓубре има. И друг пат имало ѓубре, ама сега ептен. Тука доаѓаат многу излетници и нормално си ги применуваат своите навики да си го оставаат ѓубрето каде што пикникуваат и после си критикуваат зошто имало ѓубре. Ајде, луѓе се.

Знаев дека некаде кај Челопек има пат за Желино, ама никогаш го немав возено. Сакав да го пробам. Ама да е рамен. Така ми се смачи од угорници што кога ќе помислев на онаа пред Групчин ми се стемнуваше. Марко беше застанат на свртувањето кај Челопек и ми вика ајде од тука. Каде бе, му викам. Ајде преку Челопек ќе одиме, ми вели. Тој го возел тој пат претходно и му беше познат. Ок, му реков, ќе одиме од таму ама ако е рамно. Па мислам дека е рамно, ми одговори. И тргнавме. Застанавме на бензиската на влезот пред Челопек и помуабетивме малку со локалците. Си кажаа што имаат, ни се почудија малку и продолживме. Во селото се свртува лево и тој пат води кон Желино. Но патот води преку село Стрмница. Колку сум јас наивен? Па како може патот да биде рамен ако поминува низ село Стрмница? На ова ми текна дури кога почнавме да ги качуваме угорниците пред селото. Кратки и стрмни. Од оние лутите што ќе те загреат и одма потоа те ладат. Не можеш ритам да фатиш. Кога сум почнал да пцујам. Ми се сврте од тоа жешкото. Таму па нема ни сенки, ни вода. Постојано поминуваат камиони што изнесуваат песок од сепарациите. Прашина да се наголташ. Па влеговме во селото и продолживме право кон Желино. Тоа село го поминавме и се појавивме на патот за Скопје. Свртевме десно, па почнавме да ја качуваме угорницата пред Групчин, па одморивме кај тие новите гробишта покрај патот. Моравме тука да застанеме за да се оладиме. Имаше многу народ и чекавме ред за водата. Ама течеше многу слатка студена вода.
Веќе бевме блиску до дома, ама сепак имаше уште многу. Не сакав да брзам. Кога и да стигнеме ќе биде добро време. Веќе го договоривме татко му на Марко да не чека на плоштад. Јас сакав и да поминам од кај Цаци на работа, ама малку сум се преценил. Заглавивме. Јас мислев дека е само удолница па ај ќе летаме надоле. Ама не било така. Имаше вртење и тука. Имавме контра ветер и не можевме да ги прелетаме тие километри како обично кога се враќаме од Тетово.

Следна пауза ни беше на бензиската пред Сарај. Јас мислев дека до крај ќе возиме без пауза, ама пак се преценив. Навистина беше многу жешко, и плус од ветерот, скроз дехидрирав. Поседовме тука малку, земавме сила и продолживме. Требаше да ја поминеме гужвата низ Сарај, па низ Ѓорче и Карпош да стигнеме на плоштад. Марко предложи да се симнеме на кеј. И покрај реката излеговме на плоштад.

Крај