Ултра планински трки – поени

Често пати во разговорите на поискусните ултра планински трчачи се слуша за некои поени – кој колку собрал, уште колку му требаат… За што станува збор?

Trail running е трчање не само во планина туку општо во природа, па може да биде и во долина, кањон, пустина, покрај морски или езерски брег. Интересот и популарноста за овој спорт во последните години се зголемува. Станува збор за многу здрав спорт, а тоа што се случува во природа само го засилува доживувањето и секогаш нуди нови видици, пејсажи, искуства, па и авантури, бидејќи сме изложени на делувањето на елементите.

Со зголемувањето на интересот за овој спорт – одреден број на светски трки, оние најпопуларните, почнуваат да се соочуваат со проблем на преголем број на пријавени натпреварувачи. Tолку голем што настанот тешко може да се организира и контролира. Притоа се пријавуваат и натпреварувачи кои не се доволно кондиционо спремни или не се доволно спремни да се носат со суровите елементи на природата, иако се добри и брзи тркачи. Поради тоа најпознатата светска трка UTMB (Ultra Trail du Mont Blanc) од пред неколку години воведе систем на бодување како услов за пријавување на оваа трка.

Неколку други трки во почеток во соседните земји, а потоа се подалеку, беа оценувани според неколку критериуми за да се добие еден коефициент на тежина на трката. Секој натпреварувач кој ја завршил таа трка добива поени опеделен според коефициентот на тежина на патеката што ја поминал. Во пресметката на коефициентот главна улога имаат должината на патеката во километри и позитивната висинската разлика (вкупно искачување во метри). На тоа се додава и мала корекција во зависност од типот на патеката – колку проценти е асфалт (треба да го има што помалку), широк земјен или макадамски пат и потоа тесна планинска патека. Трките добиваат 1, 2, 3 или 4 поени.

  • 1 поен – за коефициент помеѓу 65 и 89
  • 2 поени – за коефициент помеѓу 90 и 129
  • 3 поени – за коефициент помеѓу 130 и 179
  • 4 поени – за коефициент поголем од 180

Формулата приближно е следна :

коефициент на тежина = должина (км) + позитивна висинска разлика / 100

Кон крајот на минатата година се формираше организацијата ITRA (International Trail Running Association) која сега е одговорна за верификација на трките и доделување на поени. Покрај таа задача, оваа организација се бави и со многу други организациони но и етички прашања поврзани со овие трки, а особено битен елемент е грижата за природата и незагадување за време на трките.

Нашата трка „По Стапките на Крали Марко“ односно Krali Marko Trails поднесе барање за евалуација на патеката за сезоната 2014 и доби потврда дека патеката ги задоволува стандардите за организирање на трка според нормите на организацијата и дека трката (од 64 km) ќе носи 2 поени.

Пресметката е следната :

должина 64,9 km и висинска разлика од 3020 m според оваа формула добива:

64,9 + 30,2 = 95,1 коефициент на тежина – значи следуваат 2 поени.

Секако дека ова е појдовна точка – за успешно организирање на планинска трка која се одвива на растојанија од многу километри, во потешко достапни терени и предели кои може да зафатат разни временски (не)прилики и на подолгите трки секогаш еден дел се трча во ноќ – бара многу работа, огранизација, волонтери, па и пари. Но, љубовта и трудот и напорот се исплатуваат на денот на трката кога ќе се видат уморните но задоволни лица на натпреварувачите и кога ќе речат дека следната година сакаат пак да дојдат.

Линкови :

http://www.ultratrailmb.com/page/237/Add_qualifying_races.html

http://i-tra.org/page/292/Evaluation_des_trails.html

Автор

TREX

Скопје

Македонија