Убавините на Салаковски езера (видео)

Можеби со мало задоцнување, но сепак не предоцна, доволно за да си ги освежите сеќавањата или пак да ја ставите оваа тура во вашата листа на идни уникатни патешествија низ нашата убава, планинска Македонија.

Спортското планинарско друштво “Драчево” во чест на државниот празник 8-ми септември- Независноста на Македонија, една седмица по празникот, по 6-ти пат го организираше планинарското дружење на “Салаковски Езера”.

Откако со организираниот превоз пристигнавме до селото Црн Врв, кратко се припремивме и го започнавме патешествието кон двете леднички езера кои што го красат подножјето на врвот ”Убава” (2355 м.н.в).

Дента нè послужи и времето кое што по обилните дождови ја исчисти планината, а притоа ги интензивираше миризбите на шумата и шумските плодови. По пат, не можевме да им одолееме на капините што растат покрај патеката. Тие ни послужија како одлични стартери на денот што ни претстоеше.

Направивме пауза на првата ледина штом излеговме од шумата. Бевме малку изморени од постојаниот успон, но шумата беше толку живописна што не ни претставуваше проблем да се движиме низ неа. По краткиот одмор со нови сили бевме спремни да продолжиме понатаму.

Како наближувавме до езерата, така и вегетацијата стануваше пооскудна оставајќи нè на голо со пространите пасишта и стадата овци што попатно ги сретнавме.

Убав беше моментот кога од пространството се искачивме на ридот и одеднаш се појавија ”Салаковските езера” (2180 м.н.м) во долот. Од спротива се издигнуваше врвот Убава, кој поради променливите временски услови и ветарот малку луѓе го искачија. Повеќето планинари сакаа да поуживаат покрај езерата, па дури и да покажат храброст со тоа што се брчнаа во нив и покрај ниските температури.

Собравме сила, јадевме и малку смрзнавме, пред да дојде времето за да се упатиме кон домот. Имавме околу 3 часа одење, по веќе изодените 3 часа, но тоа не беше проблем кога сите во групата се инспирираа еден од друг да продолжат напред.

Овој пат имавме полесен терен за одење, повторно живописна природа, а и времето брзо поминуваше во разговорите со добро друштво.

Конечно стигнавме во домот кој навидум изгледаше блиску, но само навидум… Во одлично средениот планинарски дом ”Караџица”, со незаменлива глетка кон врвот ”Солунска глава”, нè пречекаа со топло, вкусно гравче и салата што комплетно нè регенерираше по изодениот ден.

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија