Тројца млади планинари одат во прво поминување на трансверзалата 3П-ЧЕ

Овој првомајски викенд низ три македонски планини и три долини, тројца наши млади планинари и љубители на природата за прв пат ќе се обидат да поминат низ три наши региони кои почнуваат на буквата П, и во кои зборчето „ЧЕ” е чест разговорен детал. Спојте ги овие три работи и ја добивате трансверзалата ТРИПЧЕ, a за Трипун ќе прочитате подоле…

Планинарењето отсекогаш било составен елемент во животот на луѓето во нашата држава. Впрочем, како и да не биде кога Македонија е едно мало парче земја со огромен број на прекрасни планини. Во последно време со растот на популарноста за активен и здрав живот меѓу сите возрасни популации, планинарењето претставува еден од наједноставните, лесните и евтините начини за уживање, активност на отворено а воедно и задоволување на неделните потреби за вежбање и движење.

Како пример за позитивниот правец во кој оди планинарењето ги имаме тројцата млади планинари Калина Велевска, Марио Шаревски и Андреја Котески кои овој викенд, поточно утре на 1 мај ќе се тргнат во својот прв одбид да ја поминат свежо (од нив) поставената планинарска трансверзала 3П-Че или ТРИПЧЕ.

Во разговор со Марио Шаревски кој заедно со Андреја ја имаат направено идејата за спојување на Полог – Порече и Пелагонија во една планинарска трансверзала тој малку повеќе ни ја објасни позадината на самото име на трансверзалата.

  • „Преку 3 планини, низ 3 котлини и долини ќе оствариме мало патешествие или trip-че кое ги поврзува областите и дијалектите во кои се зборува со „че”, но и каде што е доста чест и присутен прекарот Трипче од личното име Трипун.”

    „Тргнуваме од Гостивар во рамнината на Полог и искачувајќи ја планината Сува Гора на пределот со Добра Вода се спуштаме во преубавото и неоткриено Порече кое ќе го поминеме попреку од запад кон исток. Преминувајќи ја реката Треска на местото каде што се заезерува езерото Козјак пристигнуваме во околината на Белица кој изобилува со прекрасни извори, водотеци и чудесната пештера Пешна. Продолжуваме искачувајќи се на билото на Даутица крај врвот Бел Камен и пештерата Змејовица од каде што ќе излеземе кај манастирот Зрзе и ќе слеземе во рамнината на Пелагонија каде ќе пристигнеме во Костинци. Конечно, последната етапа од нашиот пешачки истражувачки поход долг околу 120 километри започнува низ рамнината на Прилепското Поле, од каде што ќе се искачиме на Бабуна кај манастирот Трескавец под Златоврв и крај Марковите Кули ќе слеземе во нашата конечна одредница – градот Прилеп.”

Со ова, тричлената екипа во текот на три дена треба да помине 120 километри недопрена македонска дивина, спојувајќи три обласити кои започнуваат на буквата П: Полог – Порече – Пелагонија и би требало да се постави една нова планинарска трансверзала.

Според Шаревски би било одлично истата да се спои со Шар Планина т.е. дел од Западната Македонска Трансверзала (Љуб-ох) и преку Селечка во Мариово, Ниџе и Кожуф да се направи целосна трансверзала во правец северозапад кон југоисток.

Идеите се безбројни, љубовта кон планината, природата и Македонија се спонтани и природни, а ваквите потфати се задолжително вредни за споменување.

Посакајте им убаво време на ова одлично трио!

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија