TREXери на Salomon Vitosha Trail 2014

Не требаше долго за да одговориме позитивно на поканата од нашите бугарски пријатели за учество на второто издание од нивната трка Salomon Vitosha Trail.

Откако се преброивме, по некоја случајност или не, математиката покажа 9 трчачки расположени тестостерони: Трајче Панковски, Жикица Ивановски, Јовица Јованчев, Мики Стефанов, Никола Павлов, Филип Тумановски, Ѓоре Ѓорѓиевски, Борче Милосковски и јас, Марјан Бонев.

Salomon Vitosha Trail e кружна трка која се случува на планината Витоша во Софија, Бугарија. Истата изобилуваше со технички детали, снег, мини мочуришта и лизгави камења – елементи кои бараат голема фокусираност и „прилагодување на брзината според условите на патот“. Се случи изминатава сабота, на 24 мај. Истата се нудеше во 3 пакувања: 27km со 1300m висинско искачување (D+), па 12km со D+ 600m и рекреативен формат од 5km со D+ 100m. Првите 2 трки искачуваа заедно по иста патека до највисокиот врв на планината – Црн Врв 2290мнв, а потоа по различни патеки се спуштаат до финишот кој всушност претставува и старт на трката (планинарскиот дом Алеко).

Патешествието го започнавме 1 ден пред трката, во петок, околу 16.30 часот кога тргнавме кон Бугарија, со намера да преспиеме во „хижа Алеко“ и аклиматизираме на 1800мнв. Па така по долго асфалтно и кратко клацкање по карактеристичната бугарска коцка стигнавме нешто пред полноќ, домарите си легнале, ама нормално учтиво телефонски ги разбудивме за да ни отворат. Разгледување на профилот на патеките, краток муабет, изведување секои на своите ритуали и кома во кревет.

Следното утро стануваме сите според тоа на кој колку време му треба за подготовки пред трка и се собираме заедно во 08:30 за регистрација во дворот на хижата. Стартот на долгата трка се случи во 09:45 додека на средната во 10:30

Одлична организација, квалитетна маркација со минимални нејаснотии, неколку контролни и пунктови со вода и храна, мерење на време со чипови на рака и контролни чип-чекери, додека за фаворитите имаше и GPS уред за следење во времетраење на целата трка, со видео приказ на мапа на голем екран поставен во пунктот за пречек на финишерите.

Долгата трка ја завршија 96, додека средна 90 натпреварувачи. Помеѓу тркачите беше и најпознатиот бугарски, а и моментално најдобар ориентирец и планински тркач – Кирил Николов, со прекар Дизела, кој го сруши сопствениот рекорд на долгата патека и постави нов од 2 часа 24 мин. и 40сек.

Одлично се претставивме и ние. Јас ја истрчав за 1 час 11 мин. и 16сек. – доволно за 3 место во севкупен пласман и 2 место во мојата категорија, а Жикица Ивановски одлично ја „извозе“ долгата патека со време под 3 часа т.е. 2 часа 58 мин. и 48 сек. = одлично 13 место во севкупен и 12 место во својата категорија.

Сепак, најважно е дека сите од нас ја завршивме трката неповредени и во предвидените временски ограничувања.

Убави спомени си понесовме од оваа трка-патешествие, најдовме простор да ја презентираме и нашата трка – „По стапките на Крали Марко“, а Бугарите повторно се претставија како вистински домаќини – ќе им одиме пак!

Резултати тука

 

 

Автор

TREX

Скопје

Македонија