Трекс и Македонија со настап на „100 милји на Истра” 2018 година

Изминатиот викенд 06-07.04.2018, поголема екипа oд 15 планински тркачи од Македонија земаа учество на една од најдобро организираните трки на балканско и европско ниво – 100 милји на Истра која се одржува на истарскиот полуостров во Хрватска. 

Настанот претставува фантастична можност да се учествува на трка од светски калибар каде оваа година беа пријавени околу 2000 натпреварувачи од 52 држави на четирите трки во планинско трчање. Финишот на сите трки е во приморското гратче Умаг, а стартот е на различни локации во зависност од должината на трката. 

На најдолгата „црвена” стаза од 100 милји (168 километри со 6500 метри висинска разлика) која стартува во Лабин оди преку целиот срт на Учка и Чичарија, преку Бузет, Хум, Мотовун, Грожњан и Бује, пријавени беа четворица наши тркачи – Игор Пирковски, Дејан Крле, Никола Цицоски и Игор Јовановски. 

Никола Цицоски (40:45:04) и Игор Пирковски (30:31:17) успешно ја завршија трката, а Крле и Јовановски беа приморани да се откажат. 

На „сината” патека долга 110 километри учествуваа најголем број на тркачи од нашата земја – вкупно 7 од кои сите успешно ја завршија трката. Тука најдобар резултат имаа Катерина и Дарко Шиповиќ (22:56:19), потоа Мартина Милева и Катерина Николовска (24:10:35), Иван Кантарџиски (24:55:39), Сања Николовска Најдовски и Виктор Најдовски (25:05:44). 

На трката од 67 километри учествуваа Дарко Роглев (8:27:21), Софија и Трајче Панковски (13:18:49) и Александра Ѓорѓиевскa (12:05:21).

Иако постигнатите резултати не се високи, сепак овој настап беше одлично искуство за многу нови планински и ултра тркачи од нашата држава. Трката е дел од календарот на светската Ултра-Треил Серија – Ultra Trail World Tour, a трката дефинитивно може да се каже дека е најдобро организираната на балканско ниво. 

Автор

TREX

Скопје

Македонија