Трансверзалец ја маркира големата „Западна Македонска Трансверзала”

Во изминатиот пролетен период Планинарското Друштво „Трансверзалец” имаше повеќе акции за маркирање и расчистување на планинарските патеки од Западната Македонска Трансверзала која е и најголемата во Македонија. 

Во повеќе работни акции членовите на друштвото целосно ја поминаа, измаркираа и расчистија последната третина од трансверзалата на потегот од Лера – Маврово – Галичник – Селце и Тресонче – Лазарополе – Гари до Бабин Срт на Стогово. Поминати беа 68 километри, поставени 52 столба и 29 патокази, а расчистена беше и поголемиот дел од трасата која минуваше низ стари, заборавени и напуштени патеки. Дополнително маркирани беа патеките и кон други околни села и природни убавини кои може да се сретната долж патеката. 

Засега остануваат да се маркираат уште почетните две третини од трансверзалата од планинарскиот дом Љуботен преку цела Шар Планина до Лера и Морава кои се сметаат за последните планини од масивот. Бидејќи овој дел е на релативно повисока надморска висина и поради променливите временски услови друштвото маркацијата ја остави за понатамошниот период откако ќе се стабилизира времето. 

Западната Македонска Трансверзала е првата и најголемата планинарска трансверзала во Македонија која беше основана од тогашното планинарско друштво Елема во 1974 година и претставува своевиден симбол на македонското планинарство. Таа се протега од врвот Љуботен до Охрид во должина од приближно 160 километри. 

Минатата година, после подолг период на мирување беше направено повторно поминување на група од 16 планинари. 

Проектот за маркирање и воздигнување на планинарските патеки низ Македонија е овозможен со помошта од Агенцијата за Промоција и Подршка на Туризмот на Македонија.

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија