Соло искачување на Елбрус и скијање надолу

Со искачувањето на Елбрус на 17 Јуни годинава, мојот курикулум стигнува до 4 од 7 од проектот 7 врвови на 7 континенти.

Елбрус 5642м – Соло со скии / Илина Арсова, 10-18 Јуни 2014

Елбрус е вулкански врв лоциран на Кавкаскиот масив на територија на Русија. Со висина од 5642м, се зема како највисок врв на Европскиот континент. Меѓу сите останати атрактивни врвови во околината, Елбрус е најпопуларен за искачување и најлесно достапен со солидно опремени жицарници и ски лифтови кои овозможуваат моторизиран транспорт до 3750м.

Во екстремното планинарење, тој има битна улога како дел од проектот 7 врвови, што вклучува искачување на највисоките точки на сите континенти. Скијање од истите е поинаков предизвик кој само мал број луѓе во светот успеале да го реализираат.

Со искачувањето на Елбрус на 17 Јуни годинава, мојот курикулум стигнува до 4 од 7 од проектот 7 врвови на 7 континенти. Досега на листата се наоѓаат и: Јужно Американскиот врв, Аконкагва 6963м, Феб 2010/ Килиманџаро 5895м, врвот на Африка во 2012/ Сагармата (Еверест) 8848м, највисок во светот и на Азискиот континент, Мај 2013. Додека пак, не успеавме да стигнеме на врвот на С.Амарика, Денали 6195м, во обидот во 2012 година. Искачувањето на Елбрус беше „соло”, во телемарк скијачки стил.

Додека е доста свежо, можам да кажам дека искуството беше уникатно. Испреплетено со страв, возбуда, предизвици и дефинитивно нова животна лекција. На некој начин може да се каже дека се качив два пати во тие недела дена. За прв пат скијав од таа висина која сама по себе е предизвик за аклиматизација. Водена од мојата нова страст телемарк, се обидов да го практикувам овој стил колку што ми дозволуваше теренот и условите на снегот.

Патувајќи со скромен буџет, не можев да си дозволам да ангажирам водич ниту пак друга логистичка агенција. Напротив, со моите скромни познавања на рускиот јазик очекував на лице место да ги организирам сите детали околу превоз, храна, трансфери и престој.
На 10 Јуни стигнав во селото Терскол, во подножјето на планината, каде мојата прекрасна ново стекната пријателка Оксана ме вдоми и овозможи да се одморам после долгиот исцрпен 17 часовен пат. Оксана е истакната Руска бордерка, национален шампион во фрирајд, која повеќе години вози за Норт Фејс и Џонс. Работи како водич на Елбрус и врвот го има качено 80 пати. Освен во Русија има видни фрирајд достигнувања во Аљаска и на Ј.Американските Анди.

Бев благодарна на мојата пријателка Ванеса Браухер, новинарка за Швајцарскиот 7 скај магазин, која не поврза со идејата за формирање мрежа на женски адреналински зависници со битни достигнувања во светот. Во селото Чегет, се сретнав и со мојот Англиски пријател Џон Гупта, со кој сме биле на неколку заеднички експедиции во Непал.
Двајцата ми дадоа некои многу корисни совети околу планината, знаејќи дека сум таму за прв пат, сама и со скии. ретко правам детални истражувања за планините кога заминувам на ваква авантура, па и овој пат не бев воопшто запознаена со она што ме очекува.

Според прогнозата се очекуваа денови со силен ветер и екстремно ниски температури. Искрено не го сакам студот, и истиот ме застрашува. Без намера да ја потценам планината, но малку под стрес од целата работа која ја оставив назад во Мк, посакав да го скратам патувањето за да заминам дома што побрзо. Тоа не беше добра идеја. Со забрзана аклиматизација, се обидов да го искачам врвот во само 3 дена. Има жичарница со која најголем број од посетителите се качуваат од долината на 2250м до станицата Мир на 3750м. Аклиматизацијата започнува таму и оди нагоре до 5000м. И се така нагоре надоле, онолку пати колку што ни е потребно.

Времето беше далеку од перфектно, со силни ветрови и густ облак преку целата планина што резултираше со многу лоша видливост нагоре и надолу по падините. Претпоставувам дека ми недостигаше барем уште еден ден аклиматизација за да се движам побрзо во такви услови. Теренот ми беше нов и непознат, исто како и исловите на снегот кој беше променлив. Дост авреме и енергија ми одземаше менувањето од скии на чевли со дерези и обратно, зависно од стрмнината и замрзнатоста на теренот.

Имаше и други луѓе во далечината пред и зад мене, но не премногу бидејќи Јуни не е толку популарен за искачување. Јуни е некако пред сезона кога температурите се доста пониски од вообичаените тури во Август.

 

Бев сама најголем дел од времето.

Бев доста уплашена додека се качував по стрмното брдо после седлото кон врвот. Не гледав ништо ни угоре ни удолу. Беше облак/магла и силен ветар на висина од околу 5600м. Непосредно пред платото знаев дека сум во близина и не ми останува уште многу до врвот. Но размислував и на она што ме очекува на враќање. Како ќе успеам да се спуштам надоле со скии кога времето се влошуваше секој момент. Беше многу тешко да се донесе одлука, но сепак си реков ако видам луѓе кои одат надоле ќе се вратам со нив бидејќи не сакав да одам сама низ огромната белина.

На околу 60 м под врвот, тој ден на 14 Јуни, се одлучив да се вратам назад следејќи група со водич кои се враќаа од врвот. Се спуштив доле во селото Чегет, под силна еуфорија од планината. Бев задоволна со сопствениот рекорд, скијање од 5600м и покрај тоа што не стигнав на врвот, бев спремна да си одам дома.

Најголемото влијание кое ме убеди да се се вратам назад на планината и да се обидам повторно, беше татко ми Гоце Арсов. Тој ме подбутна и ми ја врати назад довербата, но и мотивот да не се откажувам од планината за само 50 м под врвот. Голема улога имаше и Илија кој благодарение на прогнозите на Глигор Митковски ме информираше дека времето ќе биде подобро во следните денови.

По 2 дена одмор и бурни двоумења, конечно повторно се качив горе. Времето беше добро. Овој пат и јас бев во многу подобра форма заради добрата аклиматизација од претходните денови и достигната висина до 5600м. Повторно тргнав сама, поаѓајќи од преноќиштето на 4100м, рано наутро на 17 Јуни околу 4Ч45 наутро. Патеката веќе ми беше позната. Беше прекрасно што овој пат можев да уживам и во глетката опкружена од прекрасни планини наоколу. И овој пат немаше многу луѓе нагоре, но сепак можеше да се почувствува нивното присуство. Се искачив со скии дури повисоко од минатиот пат, каде што ги оставив за да можам полесно да се движам низ стрмниот замрзнат траверс преед платото. врвот навистина не беше далеку од каде се вратив пред 3 дена. Бев пресреќна што сепак се вратив и се качив на врвот 5642м, ако ништо друго заради љубопитноста да видам како изгледа.

На врвот бев во 11ч пред пладне. Навистина опкружувањето е прекрсано со снежните Кавкаски врвови. Тој период од денот врвот секогаш се наоблачува и морав да побрзам да одам надоле. Патувањето на високи планини сам има своја посебна убавина, сепак уште поубаво е кога имаш со кого да го споделиш. Скијањето надолу беше забавно, особено во горниот стрмен дел под врвот каде што снегот беше пудрест. Во подолните делови беше повеќе замрзнат со дебели кори и брановидни текстури од ветерот и сонцето кои го растопуваат, преместуваат и повторно го замрзнуваат по должина на падината. Спуштањето надолу со скии е доста брзо, но мора да се внимава на можните креваси.

Се обидував да скијам Телемарк што повеќе, но имав опција и да ја фиксирам петата со комбинацијата од АТК и динафит везовите кои ги користев. Им благодарам на Телемарк Сноу Евентс од Италија кои ме спонзорираа со дел од опремата.

Благодарам на сета поддршка и при ова патешествие. Остануваат уште 3 врвови за да се комплетира проектот 7 врвови 7 континенти.