Шамони забранува летање со костум по скорешните инциденти

Градоначалникот на француското гратче Шамони кое е светски позната локација за голем број на екстремни спортови во природа стави шестмесечна делумна забрана за летање со летечки костум (винсут) откако во краток временски период се случија неколку фатални несреќи. 

Забраната е прелиминарно поставена од страна на градоначалникот Ерик Форние оваа среда а ќе трае шест месеци во кои ќе биде забрането летањето со летечки костуми во одреден временски период од денот во регионот над градот. Причината за ваквата забрана е ставањето на ризик на луѓето во Шамони откако во последниот инцидент, рускиот екстремен спортист смртно заврши во фасадата на еден објект во градот.

„Не сме во можност да дозволиме ваков тип на летање над населени зони од градот да премине во нешто што е нормално бидејќи граѓаните се ставени под ризик” – вели градоначалникот во неговата изјава. 

Од фактот што последните 5 од вкупно 8 смртни случаи во вингсут летањето во Франција се случија на подрачје на Шамони, постапката на локалните власти изгледа несомнено разумна. Во светски рамки, пак, оваа година има дури 35 незгоди со фатален исход за што најмногу се посочува кон недоволната регулација во спортот како и фактот што голем број на недоволно искусни пилоти се нафаќаат на оваа работа. 

Забраната нема да биде целосна туку летачите ќе бидат обврзани да се најават на специјалната планинска полиција во градот за нивните активности кои нема да бидат дозволени во период од 10 часот наутро до 15 часот попладне.  

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија