Само два кандидати во трката за домаќин на ЗОИ 2022

Трката за домаќин на ЗОИ 2022 стана исклучително неинтересна откако потребните документи за кандидирање ги доставија единствено два града, Алмати и Пекинг.

Од првичните шест пријавени градови – Краков, Лвив, Осло, Стокхолм, Алмати и Пекинг во изборот за домаќин на Зимските Олимписки Игри 2022 година единствено Алмати и Пекинг ги доставија потребните документи за пријавување во дадениот рок оваа недела.

Иако Осло беше кандидатот со најголеми шанси да ја добие оваа позиција Норвежаните одбраа да не продолжат во кандидатурата поради огромните трошоци кои ги повлекува Олимпијадата врз грбот на градот домаќин кои во Сочи минатата година достигнаа неверојатни 51 милијарда долари. 

Краков од друга пак страна се откажа по принип на референдум каде 70% од излезените гласаа против Олимпијадата, а Швеѓаните исто како и нивните комшии ги нагласија трошоците како главен фактор во нивното отстапување од трката. Лвив отпадна од игра поради немирите кои се случија оваа година во Украина. 

На крајот, во трката останаа единствено Алмати од Казакстан, град кој може да се пофали со вистински услови за една зимска Олимпијада и Пекинг кои се далеку од вистинска зима за една ваква манифестација. Доколку Пекинг ги добие и овие Игри, градот ќе биде првиот домаќин на летна и зимска Олимпијада.

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија