Русија доби забрана за учество на следните зимски Олимписки Игри

Интернационалниот Олимписки Комитет вчера во Лозана ја соопшти забраната со која се одзема правото на учество на најголемата држава на земјата Русија на следните зимски Олимписки Игри. 

Забраната претставува своевидна казна изречена од ИОК за Русија поради еден од најголемите допинг скандали во историјата на Олимписките Игри, каде државата се терети за потпомагање и спонзорирање на допинг програмата за огромна бројка на нејзините спортисти на претходните ОИ во Сочи 2014 година. Одлуката воедно се смета и за потврда од страна на ИОК за вината на Русија во овој скандал. 

Ова значи дека на рускиот олимписки тим ќе му биде забрането учество на ЗОИ во Пјонгчанг, Јужна Кореја следната година, знамето како и химната на државата нема да бидат испочитувани, а во книгата на рекорди и освоени медали во делот на Русија ќе стои бројката 0 „нула”. Сите атлети кои се натпреваруваат за Русија ќе имаат можност да настапат, но само како индивидуални атлети. 

Скандалот започна да излегува на површина откако во декември 2014 година германската телевизија АРД објави повеќе информации за државно инструираното допингување во рускиот спорт, по што следеше суспензијата на рускиот атлетски тим поради повеќе различни позитивни допинг резултати. Главниот лик кој открива уште повеќе податоци и детали за начинот на допингување и мамење во самата процедура е Григори Родченков кој е директор на Руската Анти-Допинг Асоцијација пред и за време на овие зимски Олимписки Игри. Во 2016 година Григори пребегува во САД откаде преку едни од највлијателните весници ги пласира овие информации во јавноста, а воедно учествува и во документарецот Икарус

Русија на ЗОИ во Сочи освои 33 олимписки медали од кои 13 златни со што беше на првото место пред САД и Норвешка, но ИОК засега одзема 6 медали од кроскантри скијачи и натпреварувачи на санки со што Русија на овие ОИ по број на медали паѓа на втората позиција. Сепак, оваа бројка може да биде и уште поголема бидејќи се водат истражни постапки и за други натпреварувачи и спортови од Сочи, а на следните игри кои се закажани за февруари 2018 медалите од Сочи ќе бидат ретроактивно доделени на соодветните натпреварувачи и држави. 

Засега рускиот спорт е еден од најзасегнатите со допинг скандали каде државата е прва по бројот на одземени олимписки медали (49) поради слични причини. Покрај забраната Рускиот Олимписки Комитет е казнет и со 15 милиони долари глоба која од официјалните лица на ИОК се вели дека ќе бидат пренаменети за анти-допинг цели. 

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија