Eкологика

Рециклирање кое плаќа

Рециклирањето станува интересно кога има одредена награда за тоа. За жал тоа е потребната магија која ги примамува повеќето да се вклучат во акција. 

Во Пекинг ја сконтале оваа работа и создале иновативен начин како успешно тоа да се изведе. Низ станиците за подземното метро поставиле посебни машини за рециклирање пластични шишиња кои за возврат даваат одредена награда. Кога некој става празно пластично шише во машината, таа го скенира квалитетот на пластиката и според тоа го наградува рециклирачот од 5 до 15 јен центи, кредит за метро карта или екстра телефонски кредит.

Повеќето од овие машини се поставени на многу фрекфентни места каде дневно минуваат близу 60 илјади луѓе. Кога ќе се размисли на тоа дека скоро секој од нив носи некое пластично шише за вода или пијалок, тоа е многу пластика со која градот мора да се справи најдобро што може. Со оваа програма, рециклирањето на овие места станува многу поинтересно и прифатливо, овозможуваќи му на градот и жителите малку поголема совест во однос на животната средина, која во Пекинг не е на многу здраво ниво.

Ваквата идеја за рециклирање се видела доста интересна и за Сиднеј во Австралија, каде иако градот имал доста рециклирачки канти низ фрекфентните места, сепак тие биле полнети со секакви отпадоци, узурпирајки го процесот на рециклирање. Со вакви машини за рециклирање не само што не се остава простор за фрлање било каков отпад во нив, туку секој што рециклира пластични шишиња за возврат може да добие билет за гратскиот превоз, кредит за порачка на храна, или билет за фамозната сиднејска новогодишна прослава.

Доколку оваа практика се покаже како успешна, Aвстралијанците планираат да постават вакви машини низ целиот Сиднеј и низ цела Австралија, практика која секоја држава во светот може да ја присвои. А бидејќи добрите вести брзо се шират, веќе многу светски метрополи го тестираат овој начин на рециклирање, како Њу Јорк, Лондон, Москва, Доха, па дури и некои компании како Икеа и Пепси.