Екологика

Кругот на рециклирањето

Рециклирањето е лекција од природата која треба да се научи и применува. Сè си има своја функција и сè се движи во кругот на различна примена.

Има една чудна негативна страна во денешниот животен стил на луѓето – креирањето на отпад од работи кои повеќе не ни требаат и немаат корист во нашиот живот. Ние сме единствените животни суштества кои креираат отпад, во природата ништо не претставува отпад, секој материјал има своја функција.

Но има и друга чудна позитивна страна во денешниот животен стил на луѓето – селектирањето на материјалите кои повеќе не ни требаат, за нивно претварање во суровини за нови производи.

Рециклирање, промена на некорисните материјали во нови производи.

 

Како се прави?

За рециклирањето да постои, најпрвин некорисните материјали треба да бидат одделени едни од други т.е. не треба да се фрлаат како отпад кој понатаму останува во природата и ја загадува средината во која живеат луѓето и останатиот жив свет.

Следните чекори во рециклирањето се собирање на одделените материјали и носење до местата за обработка, каде тие се прочистуваат, и во зависност од материјалот, следат различни процеси на преработка до добивање на финални суровини, спремни за употреба во создавање на нови производи.

Најлесните материјали за рециклажа :

Хартија

Сите видови хартија кои се користат во домот, на работа, или било каде, можат да се рециклираат, а во процесот на преработка се добива пулпа од која се произведува нова хартија.

Стакло

Сите видови на стакло, освен огноотпорно стакло, се материјал кој се рециклира при што на многу поедноставен начин (стаклото се крши на ситни парчиња и се топи) се добиваат нови производи од стакло или пак некои стаклени амбалажи можат повторно да се полнат по нивно темелно прочистување. Кој тоа носеше празни пивски шишиња до дуќан за да купи пиво?

Пластика

Пластиката како материјал кој не се разградува во околината е дури опасен ако не се рециклира, поради канцерогените елементи во самата структура на пластиката. Со рециклирањето се добиваат ситни пластични парчиња кои потоа се користат во производство на било какви пластични производи.

Текстил

Најпознатиот материјал кој се рециклира е текстилот, воглавно поради едноставното донирање на употребувана облека или нејзино повторно продавање. Исто така кај нас познатите черги, кои постарите паметно ги правеа од стари парчиња облека, се одличен пример за рециклажа на текстилот.

Метал

Мeталните материјали (најчесто алуминиумски или железни амбалажи) се најполезни за рециклажа поради големата потреба од метални суровини, кои потоа се користат повторно за производство на истите производи или за било кои други метални производи.