Прв до врв 2014: Сите на Водно на 1 јуни!

Во недела на 1 јуни, врвот на Водно ќе биде целта кон која масовно ќе се упатат илјадници планинари и велосипедисти за да земат учество во спортско-рекреативниот настан Прв до врв. Втора година по ред, а со цел да прерасне во традиција, првиот викенд во јуни се одбележува денот на Водно, со трки во планинско трчање и велосипедизам, како и пикник на врвот на планината.

Прв и најмасовен дел на Прв до врв е трката во планинско трчање, во која илјадници спортисти и рекреативци ќе тргнат кон целта по своето најдобро време во искачувањето на Водно, од основното училиште Кочо Рацин па се до врвот. Трката е во машка и женска конкуренција, а минатата година најдобрите времиња ги запишаа Јовица Ристовски (35 мин. и 9 секунди) и Росица Костова (44 мин. и 27 секунди).

Велосипедистите ќе се натпреваруваат во категориите друмски (road) и планински (mountain) велосипедизам, стартувајќи од Музејот на град Скопје па се до целта на врвот на Водно. Минатата година најдобри резултати остварија Никола Грбиќ (0:40:01) и Ивана Герчакова (1:42:54) во друмски велосипедизам, додека во планински најдобри беа Борче Јорданоски (0:53:06) и Тања Пенева (1:13:22).

Во рамките на пикникот ќе се одбележи третиот роденден на жичарницата на Водно. Во забавниот дел од настанот е предвидено да се одржи церемонијата на доделување награди за најдобрите, по што ќе следува музичка програма со настапи во живо на DJ-и и музички групи, а за присутните ќе се организира и лотарија со награди обезбедени од покровителите на манифестацијата.

Минатата година, на првото издание на Прв до врв учествуваа 1.200 натпреварувачи, од кои 900 во планинско трчање и 300 на велосипед. Оваа година се очекува овој број да се зголеми за два до три пати со оглед на популарноста на настанот и досегашното темпо на пријавување на учесниците. Можат да учествуваат сите старосни групи од 7-77 години, во машка и во женска конкуренција. Добродојдени се сите спортисти, ученици, студенти, млади, возрасни, семејства, ветерани, вработени во компании, институции и дипломатски претставништва, припадниците на АРМ, полицијата итн.

Пријавувањето се врши преку официјалната веб страница на настанот, а деновите непосредно пред настанот сите натпреварувачи ќе добијат стартни пакети со својот број и маичка на специјално поставен пункт во центарот на Скопје, за чии детали сите ќе бидат претходно известени на адресите кои ги оставиле при пријавувањето.

Организатор на Прв до врв е о3 Ивент Менаџмент во соработка со Град Скопје, ЈСП Скопје и Жичницата Милениумски Крст, Атлетската и Велосипедската федерација на Македонија.

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија