Предности од зачленување во планинарско друштво

Во подолниот текст, Федерацијата за Планински Спортови на Македонија наведува десет важни предности со кои би се стекнале доколку сте активен член на некое од регистрираните планинарски друштва и клубови низ Македонија. 

ПРВА ПРЕДНОСТ: со членување во планинарските друштва низ цела Република Македонија станувате дел од големото семејство искусни планинари од секоја возраст.

ВТОРА ПРЕДНОСТ: новите членови на планинарските друштва ќе добијат основна обука за движење низ планина, ментор кој ќе им помага при купување на планинарска опрема и во текот на планинарските акции, книгата „Основи на движење низ планина”.

ТРЕТА ПРЕДНОСТ: 100-тина планинарски водичи, ментори, планинарски инструктори и други стручни лица кои се вклучени во работата на планинарските друштва, ќе ви овозмжат добра подготовка и безбедно движење низ планините. Планинарските водичи се образувани согласно меѓународни UIAA стандарди.

ЧЕТВРТА ПРЕДНОСТ: со членување во планинарското друштво може да учествувате на обуки, во школи, на презентации за безбедно движење низ планини, може да учествувате во планинарски акции за деца и младинци, може да обележувате патеки кои ги одржува планинарското друштво, може да учествувате во акции за заштита на природата.

ПЕТТА ПРЕДНОСТ: со платена членарина членовите на планинарските друштва имаат предност при учество во активности организирани од друштвото: планинарење, планинарско трчање, планинарско скијање, планинарски велосипедизам, планинарска ориентација, искачување на карпи, во Република Македонија и во странство.

ШЕСТА ПРЕДНОСТ: со платена членарина членовите на планинарските друштва имаат попуст на цената за преноќување (во групни соби со повеќе од 4 кревети) во планинарските домови во Република Македонија раководени од планинарските друштва, регистрирани во Федерација на планинарски спортови во Македонија (ФПСМ).

СЕДМА ПРЕДНОСТ: членовите на планинарските друштва регистрирани во ФПСМ имаат право на иста цена за преноќување во планинарските домови во земјите членки на Балканската планинарска унија (Србија, Црна Гора, Бугарија, Турција, Грција и Албанија), управувани од планинарските друштва регистрирани во планинарски организации во посочените земји, како и планинарите од тие земји.

ОСМА ПРЕДНОСТ: со платена членарина членовите на планинарските друштва се осигурени од незгода, согласно договорот што планинарското друштво го има склучено со осигурителна куќа. Ќе бидете осигурени од повреда, инвалидност и смрт при планинарење, како и за трошоците за спасување во Република Македонија.

ДЕВЕТА ПРЕДНОСТ: со платена членарина членовите на планинарските друштва можат да ја користат планинарската опрема што ја поседува друштвото.

ДЕСЕТТА ПРЕДНОСТ: со платена членарина членовите на планинарските друштва ќе можат да добијат попуст во продавниците за планинарска опрема, согласно договорот меѓу планинарското друштво и соодветната продавница.

Јануари, 2017

ФЕДЕРАЦИЈА ЗА ПЛАНИНАРСКИ СПОРТОВИ ВО МАКЕДОНИЈА

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија