Поздрав од Сагармата – Хималаи

На 6 мај Борче Ѓелевски и Горан Николоски како дел од трочлена македонска екипа појдена на трекинг на Хималаите се искачија на Lobuche East (6119 м.). Покрај тоа екипата посети и други фантастични локации и премини откаде очекуваме и повеќе информации во текот на следниот период. 

Кружната трекинг тура по Хималаите, Непал, во која учествуваа Борче Ѓелевски, Филип Филиповски и Горан Николоски (членови на ПСД Макпетрол од Скопје) беше надополнета со искачување на врвовите Gokyo Ri (5357 м.), Chola Pass (5368 м.), Kalapathar (5550 м.), Lobuche East (6119 м.).

„Возбудливото искачување на Lobuche East започна од високиот камп на 5400 м во 2 часот после полноќ, во целосна зимска планинарска опрема и во алпска наврска со непалски водич.

После четиричасовно напорно искачување од врвот видовме многу хималајски врвови како Еверест, Лотце Нупце и Пумори и впечатливиот Ама Даблам. Патем спиевме и во Намче Базар (3440 м.) и во Горак Шеп (5140 м.), поминавме покрај Гокио езерата, посетивме будистички манастири.

Годишно, Националниот парк Сагармата, каде што се наоѓа врвот Еверест, го посетуваат 30-тина илјади планинари од цел свет. Другите делови од Хималаите (на пример, Анапурна, Манаслу, Макалу, Мустанг, …) ги посетуваат и повеќе планинари.” – пренесува Горан Николовски. 

Екипата ќе биде на Хималаите некаде до средина на мај, а по нејзиното враќање очекуваме некои подетални информации и презентација за патувањето. 

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија