П КАКО:

ПРИРОДА, ПРОШЕТКА, ПОХОД, ПСИХА, ПРЕМРЕЖЈА, ПОУКА, ПОБЕДА… ПОЛОГ, ПОРЕЧЕ, ПЕЛАГОНИЈА 

После неколку години редум на замисли, подготовки, прибирање на искуства и податоци овој продолжен првомајски викенд конечно се решивме и одлучивме да го оствариме планираниот поход од Гостивар до Прилеп, односно од Полог преку Порече до Пелагонија. Потковани со многуте совети, спорделени искуства и секако највеќе со големата поддршка од сите наши блиски и пријатели, ова беше првата од низата вистински донесени одлуки за цело ова патешествие.

По кратката вечерна прошетка низ Гостивар и краткото преспивање, уште во најраните мугри пред да зазори во 4:30 со ранците на грб го започнавме нашето патешествие. Преку железничката станица каде отидовме со цел да се сликаме и снимиме пред таблата со натпис Гостивар, со лесен чекор се упативме кон селото Балин Дол сместено во подножјето на Сува Гора со цел да го започнеме нејзиното искачување и преминувањето од првото кон второто П – од Полог во Порече.

Поради западната поставеност на падината сонцето сѐ уште не беше силно изгреало, така што искачувањето со лесен чекор навистина беше пријатно без голем замор, ожеднување и потреба за одмор или вода. После скоро 4 часа часа искачување дојде времето за првото премрежје и извлекување на првата поука. Пакувајќи ги ранците понесени од возбудата, вечерта за последен пат само ја проучивме топографската карта на Порече и се решивме да не ја печатиме бидејќи ќе ни биде доволен gps-уредот на мобилниот телефон на Андреја.

Пристигнувајќи на бачилата на билото на Сува Гора проценките беа дека од сателитската снимка тоа ќе биде тревнат и зарамнет срт по кој со лесно движење ќе скратиме значаен дел и ќе излеземе на превојот Пеклиште од каде што ќе ни следи спуштање се до селото Растеш во Порече.

Планината не порекна! Пред нас се издигнаа повеќе стрмни височини кои ние ги искачивме достигнувајќи до 1800 метри, а после 6 часа Гостивар сѐ уште беше пред нашиот поглед и тоа делуваше малку обесхрабрувачки. Присебни, излеговме на главниот пат и правејќи мала починка со брз чекор продолживме кон превојот и ловната куќа Пеклиште. Пешачењето под пладневното мајско сонце низ Сува Гора што на моменти беше и пеколно, ни покажа зошто оваа македонска планина го носи ова име: на нејзините падини не наидовме на ниту едно изворче или кладенче со вода.

Пристигнувањето на Пеклиште пак беше како пристигнување во рајот – студена и бујна чешма со најпитката вода. Продолжуваме кон Растеш во Порече со задоцнување од 3 часа од првобитните предвидувања. Пред нас наместо спуштање, сѐ уште се испречуваат стрмнини, успони и искачувања покриени со снег кој пркоси на пролетното мајско сонце. Повторно пауза меѓу густите и недопрени борови и зимзелени шуми на недопреното Порече. Претходната вечер постојано се шегувавме: „да стигнеме до Растеш, па веќе е друго…”, но никако да стигнеме до Растеш… После 12 часа непрестајно пешачење конечно стигнуваме во Растеш на првомајска прослава на 4 негови жители кои ги забавува едно момче на синтисајзер.

Пречек како на победници: пиво, пијалоци, честитки, помош, поддршка… Покрај сите молби да останеме и убедувања да нѐ пренесат со возило, ние бевме упорни и продолживме уште десетина километри по широкиот асфалтен пат до Самоков. Петнаесетте часа пат под сонце со повеќе килограми товар на грбот и фактот што почна да се стемнува и помрачува, а ние бевме уште петнаесетина километри далеку од Белица каде што имавме зацртано да преноќиме кај познати луѓе, изискуваа навремени промени во планот и носење на разумни одлуки со цел походот успешно да се заврши.

Преголемата желба да се продолжи, темнината и преморот кои се бореа со нашиот разум и тела не доведоа право кај чичко Кире кој е шумар во Самоков. Прилично кратко траеше недоумицата и „стрико” Кире кој на поречки постојано велеше „стрико” со својот ведар и сѐсрден дух не пренесе до мостот на Треска каде се сретнавме со пријателите од Белица кај кои преноќивме.

Прекрасни пријателски прегратки кои нѐ обдарија со животна сила и позитивна енергија нѝ дарија нашите најдраги пријатели Дарко, Мартина, Сандра, Јована кои со точаците крстареа низ Порече. Првиот ден заврши со изодени нешто повеќе од 45 километри со премор кој веднаш не вивна во сон. Петлите уште не беа запеале, а ние повторно во мугрите пред да зазори тргнавме на втората етапа од Белица кон Црешнево. Почнавме да се движиме нагоре по долот на Беличка Река, со цел да го избегнеме заобиколувањето по асфалтен пат на планинскиот гребен наречен Ветрушка кој е испречен меѓу Белица и Црешнево.

Прекрасната, бистра, бујна и студена Беличка Река беше првата препрека која Калино моме мораше во 7 часот изутрина, јуначки боса да ја прегази. Продолживме покрај левиот брег на места по височинки и низ густи грмушки да се движиме кон југ. После првата пауза за каснување, дојдовме до своевиден крстопат: долината на реката проширено продолжуваше напред, но десно ни се отвори едно долче низ кое имаше пробив за патека, а над кое се гледаше дека небото е многу блиску, што значеше дека сртот и преслапот се тука.

Претчувството дека тоа е вистинското место за скршнување помешани со досегашните и неодаменшни искуства на пешачење по беспаќата на Голешница со легендарниот Зоки Москито и описите на патеките низ Порече и долот на Белица од книгата „Материјали по изучувањето на Македонија” на Ѓорче Петров беа пресудни за одлуката да свртиме десно. Прекрасната природа на Порече не нѐ изневери, пред нас брзо прескокна некоја дивинка која според големината беше срничка или некој поголем див зајак. Пробивајќи се со сета тежина на товарот низ честакот преполн со густи грмушки, гранки, лисја, боцки, трња и ориентирајќи се само според небото, трасата на постари бандери и врвот Бел Камен на Даутица победнички излеговме на една прекрасна зелена ливада од каде го здогледавме Црешнево.

Природата секогаш сака да ги вежба телото и душата (психата), па затоа Црешнево иако блиску сепак беше далеку поради стрмниот и стотина метри длабокиот дол кој се нѝ се испречи пред него. Прво искачување и спуштање со сиот товар за овој ден. Преку Црешнево продолживме кон Локвица. По патот по кој не следеа стада овци, лисица и повеќе темни облаци пристигнавме и воедно го разоткривме и истраживме селото Старовци кое го нема никаде во картите, книгите и разните бази на податоци. Пречекани топло и срдечно од единствените жители ведриот овчар и старата бабичка кои не нудеа пиење, јадење и престој за да не нѐ фати невреме, сепак продолживме до Локвица.

 

Преморот и товарот полека не истоштуваа, но пријатното облачно и свежо време нѝ даваше сили со убав и лесен чекор да продолжиме низ раззеленетата западна падина на Даутица. Песната и шегата за големата битолска легенда Паљо нѝ го покренаа расположението и духот и по ситниот дождец и малата „модна ревија” на облекување и соблекување кабаници стигнавме во Локвица. Претстоеше второто и навистина мачно, премногу напорно и тешко искачување на стрмната падина кон Крапа по патеката и трасата на водоводот, каде за среќа сретнавме уште еден прекрасен човек во вистинско место на вистинско време за да нѝ го покаже точниот пат – ведриот планинар Ивица!

Повторно следеше спуштање со сиот огромен товар до последното поречко село Крапа. Последна кратка починка на селската чешма за да прибереме некој совет и насока на движење од мештаните за префрлање на Даутица и излегување кај манастирот Зрзе. Присебноста, упорноста и настојчивоста на Андреја од многуте разни насоки сепак ја избраа „наједноставната”, онаа преку мостот и голината што е во права линија со манастирот. Пред нас третото и последно за денес стрмно искачување нагоре. При крај на силите после 8 часови пешачење, со товарот кој стануваше се потежок на грбот одиме нагоре. Правиме многу мали и кратки паузи на секои десетина минути, додека Калина со ведра насмевка јуриша нагоре без престан.

Понуди за земање на „тенкот од ранец” што го носев доаѓаат од Андреја, но решителноста, упорноста, заемната грижа, почит и благодарноста за искреното пријателство и поткрепа не ми дозволуваат да го сторам тоа. Продолжуваме нагоре чекор за чекор и конечно сме на билото или сртот од кој сѐ уште не се гледаат ниту Зрзе ниту Пелагонија. Поодуваме уште малку и конечно прекрасната глетка – огреана од сонцето што тоне на заода пред нас се распослала зелената и рамна Пелагонија! Последното најстрмно и најопасно спуштање по голина преполна со камења до светиот обител Зрзе се испречи пред нас. Поминавме половина од стрмната и опасна, гола карпеста падина и достигнавме до засекот на долот обраснат со густа шума, дрвја, грмушки и честак низ кои се решивме да се спуштаме и покрај сета нелагодност и неудобност, пред сѐ заради сопствената безбедност. Прекрасен топол пречек од монашкото братство и отец Јов во обителот на светото Преображение – Зрзе кој не се опишува.

Пресни чај и колачи, ракотворби за спомен, убави зборови и разговор за закрепнување на телото и душата и глетка која нѝ потврди дека по 12 часа искушенија, премрежја, искачувања и спуштања, доживеавме вистинско преображение! Преображение на нашите личности од огромните и драгоцени животни искуства од ова патешествие. После изминати триесетина километри, преморот веднаш миговно не кутна во сон во пространата куќа на Андреја во Костинци. Последниот ден и последната етапа повторно започнаа рано изутрина овој пат пешачејќи со брз чекор низ плодната рамнина на Пелагонија. Поминуваме низ Секирци, покрај пругата одиме во Десово и Дупјачани. Појадокот под засиленото сонце беше последното заседание за носење одлуки: ќе го фаќаме возот во 13:30 за да најдеме места за седење и порано дома да стигнеме. Преморот ги поматува проценките и ги менува одлуките: не ќе имаме ниту време ниту сили, па ќе мора да го изоставиме искачувањето до Трескавец, а ќе го искачиме и преминеме гребенот на Негреа, Сурун и Златоврв преку местноста Преслап.

Пропустот од едното заборавено шише вода нѐ чинеше скапо на силното сонце. По кој знае кој пат среќаваме вистински луѓе на вистинско место во вистинско време. Пустелијата пуста нѝ донесе двајца прекрасни луѓе – земјоделци на трактор кои нѝ покажаа каде има студен извор-кладенец и нѝ дадоа едно од нивните шишиња. После вкупно стотитна поминати километри по разни беспаќа Прилеп конечно е пред нас. Пречекот од нашиот најдраг пријател Никола беше неопислив. Посета на манастирот Свети Архангел Михаил во Варош, победнички ракија и шопска за закрепнување, најсрденчни пријателски мигови и правец на станица. Полупразен воз, места за седење за среќа има. Патниците без воопшто да знаат каде и низ што сѐ сме оделе, со погледи на почит во очите не нѝ противречат ниту бараат да ги собереме нозете или да отстапиме столче. Почнуваме разговор за сѐ она што поминавме, а од што многу тука не споделивме.

Прекрасни чувства, поуки, просуди и само една помисла…. Прошетките и походите низ природата се прошетки и истражувачки походи во нашата душа (психа), ја откриваме нашата издржливост, постигнуваме победи и поставуваме нови предизвици, но се поучуваме и за сопствените можности и човечките потреби, а сето тоа ќе биде драгоцено искуство за понатаму во нашите животи при организирање идни походи, другарувања, пријателства, одгледување на деца и семејства и делувања во природата и општеството затоа што:

Природата е дел од човекот и човекот е дел од природата!

СЛЕДИ ВИДЕО ЗА СИТЕ УЖИВАТЕЛИ НА МАКЕДОНИЈА