Одржана обука за планинарски водичи при ФПСМ

Во период од 22 до 27 мај оваа година во планинарскиот дом „Смрека” на Попова Шапка беше одржана третата обука за планинарски водичи при Федерацијата на планинарски спортови во Македонија. 

На обуката која траеше пет дена 20 планинари, членови на македонски планинарски друштва и клубови имаа можност да присуствуваат на бројни теоретски и практични предавања кои се основата за понатамошен развој на планинарско-водичката дејност во нашата држава. 

Обуката опфаќа оспособување на планински водичи за здобивање на лиценца од категорија А при ФПСМ која подразбира трисезонско (пролет-лето-есен) водење по лесни, средно тешки и напорни тури по обележани и необележани патеки, беспатја и минување на снежни јазици.

Предавањата беа составени од бројни теми за безбедност и справување со разни ситуации при водење на групи во планина, предвидување и превенирање на евентуални опасности, психологија и организација на водење, јазли, практична обука за осигурување, прва помош, навигација и ориентација, метеорологија и бројни други елементи, знаења и вештини кои се неопходни за еден планинарски водич.

На крајот од секое теоретско и практично предавање кандидатите полагаа тестови за наведените теми како и беше направена завршна тура која влегува во критериумот за оценување на самите кандидати. 

Координатор на обуката беше Љупчо Дебарлиев заедно со Николчо Петров и Горан Николоски како дел од комисијата за планинарски водичи при ФПСМ,  а предавачи на разните теми беа луѓе од соодветните области. Федерацијата на планинарски спортови во Македонија активно работи на подигнување на стандардот на обуките што тие го сметаат од големо значење за една држава како Македонија. 

Обуката го чинеше првиот дел од целото лиценцирање, по што следува изработка на семинарски задачи на оние членови кои ја имаат поминато истата и исполнување на приправнички стаж во рок од две години кои се состои од различна бројка на тури кои под менторство (на веќе лиценциран водич) треба да ги исполни практикантот. 

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија