Наслов

Нешто повеќе за „Специјална Олимпијада Македонија” - Разговор со Елена Зисовска

Во интерес да дознаеме нешто повеќе за „Специјална Олимпијада Македонија” како една од главните спортски организации кои ги вклучува лицата со интелектуална попреченост во најразлични спортски активности, ја контактиравме Елена Зисовска, помошник тренер по пливање-волонтер и координатор на програмата Млади Атлети во самата организација, но и редовно активна девојка на повеќе различни спортско-рекреативни полиња. 

Спортот и младиот човек, рекреација или нешто повеќе?

Ми се допаѓа тоа што младите се почесто рекреативно спортуваат. Без разлика која е првобитната цел со која почнуваат да рекреираат, дали е тоа здравје, физички изглед или заради тоа што спортувањето е во тренд, активноста полека почнува да го менува начинот на живот на поединецот и води кон стекнување на здрави навики. Дури и да станува збор за мода, тогаш е најполезната мода што некогаш постоела.

Кои се твоите почетоци и активно спортување?

Потекнувам од семесјтво во кое од секогаш се практикувале различни спортови, но и покрај напорите на моите родители, како дете не покажував особен интерес за спортување. За разлика од моите две сестри кои често постигнуваа одлични резултати, јас не успевав во раната возраст да се пронајдам во некој спорт. Започнав со гимнастика и пливање, потоа се занимавав со фитнес и пилатес, практикував јога на која сеуште повремено се навраќам, а сакам и да планинарам. Пробував авантури како параглајдинг и сурфање на ветер.

И тогаш дојде време за спортовите на издржливост. Велам дојде време, бидејќи за овие спортови е потребно да се постигне одредена зрелост, особено ментална зрелост во смисла на способноста да се издржи физички стрес подолго време. Па така со пливање и возење велосипед активно се занимавам речиси три години, а трчањето ми е нова љубов. Сметам дека никогаш не е доцна да се почне со рекреативно спортување.

Нешто повеќе околу твојата улога во Специјална Олимпијада Македонија

Во Специјална Олимпијада Македонија моментално имам улога на помошник тренер по пливање-волонтер и координатор на програмата Млади Атлети. За тренинзите по пливање сме задолжени Радован, Мартин и јас и имаме голема посетеност од нашите атлети кои се многу посветени и вредно работат. Додека пак, на програмата Млади Атлети работи поголема група на волонтери, бидејќи станува збор за деца на возраст од 2 до 9 години, со и без попреченост, кои преку спортски игри во инклузивна средина учат основни вештини и ги развиваат психомоторните способности.

Целта на програмата е да создаде атлети кои понатаму ќе се приклучат на некои од спортовите кои се практикуваат во Специјална Олимпијада и да реализираат успеси кои ќе им обезбедат почит и прифаќање во средината во која живеат. Од друга страна сакам да ја истакнам и улогата на Специјална Олимпијада во мојот живот, бидејќи атлетите ми се голема инспирација и мотивација.

Како си прифатена и од каде ја црпиш енергијата за оваа работа

Често зборувам за правата на луѓето со попреченост и тоа што ме радува е тоа што постепено ја препознавам промената на ставовите кај луѓето кои не се директно засегнати од оваа проблематика. Всушност, попреченоста ја создава самото општеството заради тоа што не им овозможува пристап на лицата кои се поразлични од редовната популација до она што претставува секојдневие. Желбата за промена на оваа состојба е тоа што го чува ентузијазмот во мене, а луѓето со слични ставови кои ги запознавам додека ја работам оваа работа ми даваат надеж дека промената ќе се случи.

Со што друго се занимаваш или работиш?

Покрај сето ова, професионално работам во угостителство како дел од долгогодишниот семеен бизнис и сум студент на правен факултет во втор циклус студии по Уставно право, насока човекови права и демократија.

Триатлонот и ти!

Долго време сонував за триатлонот како натпреварување и се уште имам многу да учам. Главната причина заради која се задржав на овој спорт е применливоста на вештините кои се стекнуваат при негово практикување во другите области на животот. Издржливоста, менталната сила, самодисциплината, упорноста и цврстата воља ги прават триатлонците комплетни атлети и личности и јас сакам да се развивам во таа насока.

Жените и спортот кај нас...

Спортот нуди еднакви можности за жените и мажите, но тие не секогаш се искористуваат праведно. Кај нас, а и во светот, сеуште постојат спортови кои се сметаат за "машки" и девојките не добиваат доволно шанси. Улогата на жената во општеството неминовно се менува, па така ако сакаме да имаме образовани, проактивни, храбри и полни со самодоверба жени кои ќе се носат соодветно со современите предизвици, одличен начин е да ги унапредуваме уште од најрана возраст преку спортот.

Активно членувам во една неформална велосипедска група наречена "Macedonian women bike squad" која има за цел да даде поддршка и да поттикне поголем број на девојки активно да возат велосипед, да ги скршат стереотипите, да поминат повеќе километри, да стигнат на места за кои не знаат дека постојат, да ги бутнат замислените граници, да ја почувствуваат слободата... само затоа што можат.

21 Ноември 2016

За авторот