Непал воведува ГПС следење за качувачите на Еверест

Во текот на следнава пролетна качувачка сезона на Еверест, властите во Непал планираат да воведат ГПС следење на оние кои ги започнуваат своите експедиции за искачување на највисокиот врв на светот. 

Во следните пролетни месеци април и мај, туризмот во Непал очекува нов бран на високогорски искачувачи што целат кон највисокиот врв на планетата. Со цел да се зголеми безбедноста на планината, властите планираат оваа сезона да тестираат систем на ГПС уреди со кои би се следело движењето на планинарите и истите би се искористиле во итен случај од страна на спасувачките служби. 

Се работи за пробна верзија на систем кои се планира да се имплементира во иднина, а оваа сезона ќе биде тестирана на некои од качувачите. Покрај безбедносниот аспект на ваквите уреди, тука е и важната улога што ГПС уредот ќе ја има при верификување на искачувњето откако во историјата на највисоката планина на светот веќе постојат бројни лажни искачувања – од кои едно и минатата година од страна на индиски пар кој успеа да фотошопира фотографија на врвот. 

Засега за верификација на искачувањето надлежните бараат фотографија од врвот, но честопати од разни причини ова докажување знае да биде избегнато, манипулирано и слично. Цената на уредите е предвидена на 300 долари од уред. 

Во изјава за медиумите Министерството за Туризам нагласи дека доколку тест фазата на системот мине успешно оваа година, во иднина таа би се имплементирала за сите качувачи. 

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија