Нашата Тара-рафтинг авантура

На 05 јули годинава, 15 рафтинг ентузијасти тргнавме кон Црна Гора, за да ги искусиме убавините на рафтингот на Тара. Некому му беше првпат, некому четврти…

На одење возевме полека, трудејќи се да ги разгледаме сите убавини што ни се нудат на патот и да се спремиме за сите возбудувања на авантуристичкиот викенд што ни претстоеше. Попатно застанавме кај манастирот Острог, место кое е неопходно да се посети. Потоа стигнавме во кампот Саставци, местото каде што се сместивме.

Тоа е локацијата каде се сретнуваат Тара и Пива и ја формираат Дрина, како и место каде што се случуваат живи свирки и се вртат ора на македонски, српски и црно-горски песни.

 

Бевме пречекани со домашна сливова ракија и ловечки гулаш со тазе печен леб во фурна.
Наредното утро се прават подготовките за повеќе часовниот рафтинг, проследен со забава и муабети меѓу рафтинг ентузијастите.

Рафтингот траеше околу четири часа со повеќе брзаци од различни категории. Се правеа и неколку паузи за одмор со ладно пиво. Оние похрабрите скокаа од карпи, се пуштаа низ брзаците. Температурана на водата беше околу 9 степени целзиусови, а оние што беа доволно храбри влегоа и под водопад каде температурата беше не повеќе од 5 степени.

 

По рафтингот следува ручек со повеќе вида на месо печени во сач преку 4 часа. Вкусен оброк за да се надоместат загубените калории после рафтингот. Дента бевме и сведоци на рекордот на пуштени чамци по Тара. Пуштени беа преку 100 чамци, односно преку 1000 луѓе.

Остатокот од викендот помина во одмор и уживање покрај Тара. Како изгледаше сето тоа ѕирнете во видеото погоре…

Се гледаме следната година со уште побројна екипа.