Освојување на Митикас, Олимп

На средба со боговите на Олимп (текст + видео)

Група од 15-тина македонски планинари во организација на ПК Македон тргнаа во освојување на врвот Митикас (2917 мнв) на Олимп.

Викендов што измина (12-14 септември) група од 15-тина уживатели на планините се упатија во освојување на вториот највисок врв на Балканот врвот Митикас на Олимп. 

Поделени во 4 автомобили петокот на пладне се упативме кон кампот Евридики во близина на градот Литохоро, каде направивме македонско селце од шатори. Дента се опуштавме на плажа, чекајќи да се собере целата екипа, бидејќи некои тргнаа покасно од Скопје поради работни обврски.

Сабота наутро беше денот за освојување. Некаде во 5 и пол часот тргнавме кон почетната точка за искачување на 1100 мнв. Еден дел од групата тргнавме со појако темпо, а друг дел лабаво се движеа по планината. 

Како се движиш нагоре погледот е се поубав и поубав, од една страна морето, а од друга страна останати врвови од планинскиот масив.

За околу 3 часа еден дел од екипата стигнавме во домот на 2760 метри, и освежувајќи се со чајче и кратка ужинка ги чекавме останатите, за на крај да се собереме заедно да го искачиме Митикас. Поголемиот дел од групата останаа да уживаат во домот и погледите кои се нудат од таму, а само 5-6 души се упативме во искачување на Митикас.

Некои што прв пат го искачуваа Митикас движејќи се кон кулоарот беа возбудени, а некои и со неверување дека ќе успеат да се искачат, а нас што веќе сме биле, знаевме што не очекува и ги тешевме останатите дека не е кој знае колку тешко да се искачи кулоарот. За околу 40 минути откако тргнавме од домот, стапнавме на врвот на Олимп, Митикас (2917 мнв)

Горе останавме 20-тина минути, направивме по некоја фотка, но облаците кои се насобраа не ни дозволија да уживаме во погледот кон морето, но тоа друг пат.

Веќе дојде време да се симнуваме, стигнавме повторно во домот, мала ужинка и да не губиме време се упативме кон колите оставени на 1100 метри. Како и секое симнување од планина, така и ова беше долго и досадно па со муабет и зезања стасавме до колите.

Оттаму се упативме во Литохоро на по едно заслужено гиро. Мислевме дека и втората награда ќе ја зграбиме, вечерно бањање во морето, но дождот што не зафати не ни го дозволи тоа задоволство. Но затоа следниот ден беше резервиран за таа работа, уживање на плажа и споделување импресии од претходниот ден. 

На турата и се ближеше крајот, и така во неделата попладне се упативме кон дома.

И за крај шлагот….