10 годишнина од загинувањето на Красен Андоновски на Мон Блан

Пред точно 10 години, на 07.08.2003 година, несреќно загина македонскиот планинар Красен Андоновски во обидот да се искачи Мон Блан. 

Красен беше дел од македонската експедиција која броеше 11 членови од ПД Кораб и 5 планинари од битолските клубови. Целта беше да се искачи највисокиот врв на Алпите во чест на 100 години Илинден.

Во прилог ја ставаме колумната на Ферид Мухиќ за неговиот и наш пријател објавена во весникот Дневник.

 


Красен

Красен е сега сигурно на својата Кожуф Планина. Со некаква метафизичка трансмутација, и телепортација, Мон Блан го испрати кај својата македонска сестра, во која Красен се вљуби при првата средба. Да ја чува и да ја заштитува нејзината неспоредлива убавина.

Голема обврска на секој човек е жив да ја пречека смртта.

Најчесто, смртта наоѓа празна лушпа наместо човек; тропа на куќарката, избелена и пуста, а полжавот одамна го снемало.

Красен е вистински човек. Никогаш не беше полжав. Ја восхити дури и смртта. Таму на моќниот Мон Блан, Белиот Врв, кој пукаше и ечеше додека од врелината на воздухот се топеа неговите глечери, покренувајќи ја и таа кобна лавина од земја и карпи. Од тројцата што беа на главниот удар, Красен беше најмногу жив. Најподготвен да ја пречека смртта. И го стори тоа. Ја пречека. Замина, за да остане, стори, за да стане тоа на што и името го обврзува: Красен и прекрасен човек.

Две зими поминавме заедно, спонтано, а неизбежно. Во “14”-та. Ќе се ставевме тројцата, со неговиот најдобар пријател, околу шест попладне. Зимно време тоа е веќе приквечер. По две-три чаши рујно вино. Понекогаш, чајот. И потоа, тие неверојатни разговори! Од Красен научив многу нешта за мирот, концентрацијата, и особено, за можноста да се живее без озлобеност, без пепел во очите, без пелин во душата.

Тој беше и основач и претседател на еколошкото друштво на млади, “Горјани”. Јасен, логичен, со хируршка прецизност ги егзекутираше сите стереотипи, заблуди, ставови засновани врз концептуална мрзливост на умот.

Оикос е постар од логија, домот е постар од науката за него (економијата), светот е постар од човекот. Екологијата не го измислила светот, науката не го создала нашиот дом. Човекот не е тука за да и суди на Природата, туку за да ја сочува. Тоа беа темелните столбови што го потпираа хармоничниот свет од неговата еколошка и хуманистичка визија. Ја имаше мудроста на примордијалните народи од американскиот континент. Како и тие, и тој не зборуваше ЗА рибите, цвеќето, шумите, планините; како и тие, и тој ја знаеше вештината да зборува СО нив.

Ујдиса, благодарение на таа древна мудрост, да се видам со тие што тој ги одмени, уште пред да се вратат дома. Автобусот (бел, со битолска регистрација), со кој заминаа сите, а се враќаа без него, го намести право пред мојата кола, во долгата колона возила, некаде низ рамните сремски села, каде што скршнавме, не знаејќи едни за други, поради блокадата на автопатот кај Шид. Чудесно едноставно, едноставно – чудесно! Во сите очи светкаа солзи додека се прегрнувавме, со него отсутен, а присутен засекогаш.

И потоа, патувавме во таа тивка, нема колона по целиот пат до Скопје. Допушти да сме потресени, не и да сме тажни. Го раководеше чинот на една особена иницијација. Тие десетина часа како лично да беше со секого од нас, овозможи да се кренеме до една повисока свест.

Красен ја имаше својата Планина. Секој човек ја има. Малкумина се тие што знаат дека ја имаат. Уште поретки се тие што успеваат да ја пронајдат. Красен ја најде кога првпат се сретна со Кожуф Планина. Сигурен сум дека Планините, тие прадревни храмови што земјата ги кренала во славата на небото, а минливоста им ги посветила на вечните нешта, имаат свои тајни знаења, сопствен јазик на кој комуницираат, и техники со кои невозможното за нас, го прават лесно и можно за себе.

Красен е сега сигурно на својата Кожуф Планина. Со некаква метафизичка трансмутација, и телепортација, Мон Блан го испрати кај својата македонска сестра, во која Красен се вљуби при првата средба. Да ја чува и да ја заштитува нејзината неспоредлива убавина. Тоа бидна. Красен го повика Планината и тој мораше да замине. Сите ги подучи во нешто. Оние што го познаваа, ги упати во вредноста на пријателството без сенка; оние што не го сретнале, ги научи како да го најдат сонцето на големата хармонија, здола ниските облаци на нашиот темпорален хаос.

Красен чекори низ врвиците на Кожуф Планина. И ќе продолжи да ги изодува. Без оглед дали ние ќе го видиме или не. До нас е едната од прекрасните планинарски патеки на неговата Планина, меморијално и симболички да му ја подариме. Да ја наречеме Патеката на Красен; Красенова Патека; Патеката на Красен Андоновски. За него, сега, тоа веќе не е важно. Тоа е битно за нас сите.

Македонското планинарство веќе ја има изградено својата репутација. Ја создава својата историја. Историјата, пак, ја маркираат подвизите на знаменити поединци, кои за чекор го прошириле нашиот хоризонт, за стапка го кренале нашиот дух. Красен ги направил и двете нешта, со тоа што покажал колку е важно смртта да ја пречекаме живи. Со тоа што станал и останал прекрасен човек.

ФЕРИД МУХИЌ

Извор