Вторник, 26 Јули 2011

Мојата прва експедиција – Ден 9 (Карпентрас-Авињон-Екс ен Прованс 120 км)

На една година пред да тргнам за Франција не знаев за постоењето на Мон Венту. Прв пат за планината и за Прованса слушнав од пријател. Ми рече дека тоа е рај за велосипедистите…

Претходни страници од книгата: Ден 8


Така и испадна. Кога се качивме горе веднаш му напишав смс. Му кажав дека го качив Мон Венту од најтешката страна. Веднаш ми врати смс со честитки. Нему му го посветив искачувањето. Од него дознав многу работи за велосипедизмот и општо за лутањето по светот. На пример, тој тргнал да го освојува Монт Еверест, како планинар, после две недели откако се родил неговиот син. Жена му едноставно го поддржала. Го правел тоа што го сакал. Идол.

И така си се разбудивме весели и наспани во едно поле со жито покрај фарма за коњи. Нема врска, тогаш сè ни изгледаше интересно. Покрај нивата имаше и друг пат. Спореден. Некои сакаа да тргнеме по него, но јас инсистирав да се вратиме на главниот пат којшто изгледаше дека не е баш дозволен за велосипеди. Никаде немаше забрана, а дефинитивно личеше на оние забранети патишта кадешто не смеевме да возиме. Но иснистирав да возиме по него зошто ми беше преку глава размислувањето дали смееме или не смееме. Има трета помошна лента од страна и ќе возиме по него додека не најдеме друг подобар пат за велосипеди. Откако тргнавме од Италија цело време се замаравме дали е вистинскиот пат или не е. Ако има забрана за движење од вклучувањето, нема да го возиме. Ако нема никаква забрана одиме и готово. Не можат ништо да ни направат. Картата што ја имав не покажуваше дека е тоа автопат. Си возев нормално. Тоа и ме опушташе. Знаев дека во тој дел од Франција нема автопати и кој пат и да го фатиме ќе биде вистинскиот.

Тргнавме и возиме. Одиме кон Авињон. Имав некои знаења за градот уште од факултет. Но, пред да тргнам Чарли ми кажа дека таму се одржува најголемиот уличен фестивал на светот. Ние се погодивме на претпоследниот ден. Не бевме далеку од Авињон. Но патот натака беше многу досаден и сложен. Картата ми беше нефункционална. Некако се движевме во погрешен правец. Почнавме да возиме по некои плантажи, низ некои мали места, предградија на Авињон. Беше неинтересно. И така врткајќи се низ куќите се појави градот. Најпрво се виде големата тврдина на ридот над градот. Како и во секој град во Прованса. И влеговме во градот преку некоја удолница. Беше рано затоа што рано станавме и брзо возевме. Прво застанавме во Мекдоналдс заради лап топот на Марко и да пијат кафе. Ни стана навика од секој Мекдоналдс каде ќе влезевме да земаме од брисачите за раце. Значи ритуал: влегуваш, се миеш колку и каде можеш, зошто следниот пат којзнае каде ќе биде, полниш бидони со вода и ја вадиш целата хартија од тоа држачот. Ама целата. Ако имаше и тоалетна, и тоалетната. Јас цело време во мене имав хартија еден топ.

Станавме и тргнавме и кон центарот на градот. Градското јадро на Авињон е утврден град. Насекаде сообраќај и метеж, но внатре е тивко. Нема коли, освен за дотур во продавниците, луѓето си шетаат слободно, велосипедисти насекаде. Прекрасен град. Но фестивалот го правеше уште поубав. А го фативме токму на време. Насекаде низ градот имаше залепено, обесено, поставено постери коишто ги канеа заинтересираните на настанот којшто го организира некоја уметничка група. Илјадници постери насекаде. Најпрво требаше да земеме нешто за јадење. Застанавме пред еден маркет. Целиот беше обраснат со ползавци. Ама целиот беше зелен од надвор. Многу интересно. Си го проверив буџетот. Оти буџет имавме со Јово. И моите и неговите пари и документи беа кај мене. Се ми остави. И јас ќе си вадам по едно десетче или дваесче од кај двајцата и ќе пазарам со тие пари. Кога ќе сакаше Јово да си купи нешто, му давав од неговите пари како на внуче.

И влегуваме внатре да купиме нешто за сите четворица. Купивме леб и нешто друго и остана уште да купам салата. Земав една краставица и чекам ред. Продавачката ми ја измери и ми вика евро и шеесет. Што, и викам. Ама органска е, ми вика. Абе каква органска. Врати таму. И не ја земав. Иначе за ручек си земавме едно пиле печено, евтино го најдовме, и пире и плус земавме некоја главица кромид за салата. Повторно се упативме кон периферијата на тврдината и јадевме до една од многуте порти што водеа во градот. Потоа повторно се упативме кон центарот и така возејќи конечно ја најдовме папската резиденција. Иначе Авињон во еден дел од историјата беше седиште на Папите. Нели обично се во Ватикан, но овојпат Французите го украдоа папството и го преселија во Авињон. Тоа е единствениот град во светот, покрај Рим, кадешто беше сместена папската држава. Ги оставивме точаците во една од градините, како оседлани коњи пред салуните, и тргнавме да шетаме пешки, да одмориме од точаците.

Голем дворец, многу камен. Се гледа дека некој важен човек бил сместен тука. Дворецот требало да биде повисок од сите кралски дворци во Европа за да се знае дека папата бил над сите кралеви и владетели. На плоштадот пред дворецот имаше претстави на отворено. Насекаде некакви изложби. Застанавме да гледаме една јапонска претстава. Беше многу чудна. Потоа се упативме кон црквата над плоштадот. Од таму имавме многу убава глетка на околината. Се запознавме и разговаравме со две девојки од Австралија коишто беа на пропатување низ Европа со поголема група на Австралијци. Беа одлично друштво во тие околности. Си поразговаравме и заминаа. Ги повикаа. Потоа Марко и Гоце ги снема и со Јово направивме прошетка во другиот дел на дворецот. Влезот во папската палата беше многу скап, а и немавме интерес да влегуваме. Го видовме само она што беше слободно. Потоа се најдовме кај точаците и тргнавме. Излегувајќи од градот се приклучивме на неколку уметници коишто имаа потреба од статисти. Беше интересно. Беше убаво да се измешаме со народ бидејќи поголемиот дел од времето бевме само ние четворица.

Излеговме од градот и се упативме кон градот Кавајон, тој пат ќе не однесе до крајната дестинација за тој ден Екс ен Прованс. Изгледаше дека патот ќе биде уште еден од оние досадните кога само вртиш и ништо не се случува. Само чекаш да се доближиш до целта и да почнеш да бараш место за кампинг. Во таков случај се става слушалки на уво и вртиш со педалите. Правиме една колона и држиме темпо. Гледаме секој да може да го следи темпото. Толку се воигравме што повеќе не ни гледав во тој пред мене. Ќе се наведнев со лактите на воланот и ќе си најдам нешто за занимација. Дали нешто ќе чепкам, ќе го гледам магнетот на километражата или тркалото како врти. Нозете само вртат, а јас не сум ни свесен за тоа. На ваквите делници најинтересно ни беше она покажувањето со прст каде има дупка. Почнавме дури и за ситници да се предупредуваме. Тоа ми стана досадно зошто почнаа да покажуваат и за најмалата дупка на патот. А ти мислиш којзнае што има таму. Исто така, на вакви делници, за да ни биде интересно си покажуваме со прст нагоре-надоле, кадешто има нешто интересно да се види. После Кавајон посетивме еден музеј за стари автомобили на отворено. Имаше коли од 1920 година. Какви ли не модели? Преку петстотини коли, мотори и велосипеди. Имаше точаци од 19 век, мотори со приколка како од втора светска војна, имаше од оние колите од времето на Ал Капоне, стари формула 1 болиди, коли со три тркала, коли во коишто се влегува од напред, точаци со големо предно тркало, и најдоброто е што можеш да влезеш во секоја од нив. Уживанција. Тоа е најдоброто за разбивање на монотонијата на патот. Навистина се радувавме на такви работи зошто беа нешто различно од возењето и беа бесплатни.

Така возејќи стигнавме до Екс ен Прованс. Името на градот се пишува многу чудно, а никој од нас не знае француски, па сите го изговаравме различно. На крај распишавме награда за првиот што ќе дознае како се изговара точно. Значи Екс ен Прованс. Со значење Екс во Прованса, зошто имало и друг Екс во друг регион во Франција. Овој е во Прованса. На влезот во градот посетивме друг музеј на отворено. Овој беше малку пооткачен од претходниот. Овој човек собираше делови од паднати авиони и хеликоптери. Беше интересно да откриваме кој дел од што е и за што служел. Имаше крила, мотори, ротори, кабини, кок-пит.

Влезот во Екс беше преку една удолница. Токму на таа удолница ќе направевме голем абеља со Гоце. Од радост дека сме ситгнале во градот земавме да возиме без раце и потоа дури и се прегрнавме со едната рака возејќи, и така ни се врзаа воланите со рачките за кочниците, шалтерите… Среќа што се исконтролиравме, иначе ќе се испотепавме на удолницата. Гревовите немаше да ни се гледаат. Направивме мала тура низ градот и влеговме во центарот. Екс е мал град, но многу богат. Тоа беше првиот град во којшто влеговме попладне а да има толку народ на улиците. На центарот имаше еден голем кружен тек во чијашто средина имаше огромна фонтана. Можеше да се примети дека градот е богат. И имаше многу млади луѓе и убави девојки. Само си седнавме и си ги гледавме луѓето. На Марко му дојде идеја да купи едно вино за пред спиење. Сакаше да части за нешто. Јово отиде да шето по тезгите на плоштадот, а јас и Гоце останавме покрај точаците. На плоштадот останавме можеви еден час. На излегување од градот имавме проблем со ориентацијата. Застанав еден дечко со кола да го прашам каде треба да тргнеме. За среќа знаеше англиски и ми го покажа правецот и ми кажа се за Екс. Дека жителите на градот се преселени во Париз и се на многу важни позиции во владата на Франција, и скоро сите завршувале факултет, дека Екс е центар на студентскиот живот во Франција и затоа имало толку млади во градот. Ми кажа и дека мораме да ја посетиме блиската планина Мон Сен Виктор бидејќи погледот од градот бил инспирација за многу сликари во минатото. Обично кога немале инспирација доаѓале на ридот и ја гледале околината. Било нешто прекрасно. Сега не би можел да кажам ништо зошто не ја посетивме планината. Некако бевме исцрпени од возење. Немавме интерес за ништо освен да најдеме место за кампинг.

На излезот од градот пробавме да се сместиме покрај една река, но таму имаше бездомници па решивме да не ризикуваме. Затоа па се сместивме на 200 метра подоле во еден парк покрај истата река, но тука имаше и клупи и маси за пикник. Прво го поставивме кампот за спиење, па почнавме да готвиме вечера. Си направивме шпагети со салама и кашкавал. Се што ќе зготвеше Јово беше многу вкусно. Не само затоа што бевме гладни туку навистина беше вкусно. Со вечерата испивме и по некоја чаша вино. Нема нешто подобро за пред спиење. Целосно го опушта организмот. Секогаш кога ќе се напиев вино пред спиење, спиев најубаво. Ова беше ден со многу досадно возење, но за среќа посетивме два прекрасни града. За тоа вредеше да се весла толку. Ми се допаѓаше што сеуште бевме во Прованса. Околината е прекрасна, но некако се заситив од возењето. Ова беа преодни денови додека да дојдеме до Азурниот брег. Таа промена ќе ми биде добредојдена. Најмногу заради хигиената. Собравме се и легнавме. Немаше потреба од шатори.


Сврти на наредна страница – Ден 10