Недела, 24 Јули 2011

Мојата прва експедиција – Ден 7 (154 км)

Утрото се разбудивме околу 8. Штама. Нема ништо во околината. И одеднаш воз…

Претходни страници од книгата: Ден 6


Каква ноќ? Колку ли само возови поминаа вечерта додека спиевме. Ама спиење беше ова? Ама помина ајде. Сè наоколу е водено. Значи цела ноќ врнело. Се вратив во шатор да го чекам Јово, да не дремам на ладното. И така, си лежам и си мислам. Кој знае зошто си замина синоќа? Кој ли го налути? Ама Јово си е Јово. Ова беше прв пат да го оставам сам. Мислам дека и правилно постапив. Морав некогаш да го одбранам и Марко. Постојано бев некако наместен помеѓу чеканот и наковалната. Морав да балансирам помеѓу него и Марко. Веќе беше премногу очигледно дека двајцата се во тивка војна. Не правеа муабет. Што и да кажеше Марко, Јово му се спротивставуваше или го игнорираше. Јово знаеше целосно да се оддели од нас и сам да вози напред. Тоа го руши духот на екипата.

Повторно излегов од шаторот. Веќе беше околу 10 саат. И го видов точакот на Јово на патот. Тој одамна бил тука само што не сум го приметил кога излегов првиот пат. Или не сум ни погледнал натака? Рано се разбудил. Како нема да се разбуди кога измрзнал на дождот ноќеска. Зошто ли си отиде? Веднаш се подготвив, им кажав на другите двајца дека ќе ги чекаме на патот и тргнав накај точакот. Јово не беше таму. Ама мора да е во близина што го оставил точакот на патот. Тој и намерно го оставил точакот на видно место за кога ќе излезам да го видам и да тргнеме. Во меѓувреме се шетал по околината. Ух како се израдував кога го видов. Си помислив: што ли ќе правам ако ми замине некаде? Нема талефон, не го знае мојот број, пасошот и парите му се кај мене. Ама во ред беше. Му се налутив малку дека замина претходната вечер, ама тоа е пресметан ризик кога си со Јово. Мораш да бидеш подготвен на сè. Само се молев да не се продлабочи одбивноста што ја имаше кон Марко.

Ме видел и се симна од надвозникот под којшто спиевме. Седнавме во првото кафуле. Тоа се оние кафулиња покрај локалните патишта во кои има и бензиска пумпа, и цигари и кафе и за јадење по нешто. Обично сместени во куќичата на сопствениците на самото кафуле. Дојдоа и Марко и Гоце. Одвај некако ја убедивме старата Французинка да ни каже каде се штекерите да ги полниме телефоните. Пиевме по некое кафе или чај. Кој што сака. Малку смеење, онака за добро утро, да се опуштиме пред патот. Сè е во ред. Денеска треба да се доближиме што е можно поблиску до Мон Венту за да можеме утре да го качиме. Целта ми беше да стигнеме до подножјето на Монт Венту и да си оставам само неколку километри до планината за загревање. Плановите мораат да се исполнуваат. Затоа и се викаат планови. Барем да стигнеме до Нион. И тргнавме. Почнавме да се движиме на југ покрај реката реката Изер. Прв град на којшто наидовме беше Романс. Нас ништо не ни значи градот. Воопшто не ни е познат. Тоа ќе биде уште една попатна станица кон целта. Но Романс се покажа дека е едно убаво, мало, спакувано градче. Такви видовме многу, ама ова беше посебно. Пределот по кој што возевме овие денови е претежно земјоделски. Нема автопати и тоа ни помага да покриваме поголеми релации бидејќи автопатите ни одземаат време да се ориентираме по кој пат да тргнеме, а да не излеземе на автопат бидејќи е забрането. Една мала индустриска зона на влезот на градот и толку. Останатото се е земјоделие.

Патот е прав и рамен. Дури ни беше и благо наколнет бидејќи возевме по течението на реката. Излеговме од Романс и тргнавме кон Валенс. После само неколку километри вртење наидовме на индустриската зона пред градот што значи дека сме блиску. Влеговме во Валенс од северната страна. Кога ќе помислам, ни за Романс, ни за Валенс, претходно немав слушнато ништо. Испадна дека Валенс е поголем град. Подолго време ни требаше да стигнеме до центарот на градот. Им пријдовме на едни дечко и девојка да ги прашаме дали ова е Париз. Чудно не погледнаа, ама брзо сфатија дека се зафркаваме. И нив им правиме интересно, ама и за нас. Кога си на пат само со четворица луѓе, се заситуваш. Имаш потреба да свртиш некој муабет и со други луѓе. Приметија дека се зафркаваме па прејдовме на други теми. Беа двајца млади Французи и беа на пат околу Франција. Ништо посебно. Обична приказна за дечко и девојка што го користат времето да прошетаат малку. Седнавме на плоштадот. Се реновираше. Имаше малку млади што седеа по околните ресторани. Каде ли им се луѓето? Зошто градовите се празни? Седнавме малку да каснеме нешто овошје што сме го собрале од попатните плантажи, а Марко и Гоце да свиткаат некоја цигара. Тие денови веќе почнаа да виткаат тутун. Купуваа од оној убавиот Драм тутун за виткање. Потоа тргнавме да го бараме излезот на градот. Наидовме на еден прекрасен парк што се викаше Марсови полиња. Исто како оној во Париз. Прекрасен парк. Полн со млади луѓе. Лежат на тревата и читаат. Дечко и девојка се чепкаат на клупата. Други двајца легнале под дрвото и си зборуваат нешто. Фонтани на сите страни. Од цвеќиња изработен грбот на градот. Се гледа дека вложиле.

Над паркот имаше видиковец и скалинада за надгледување. Е токму тоа го правевме ние. Одмана немавме видено вакво нешто. Толку млади на едно место немавме видено од Торино. И ни беше интересно. Ама кај имаме ние време за одмарање. Не сме тука да се восхитуваме на нивните паркови туку да возиме по нивните патишта. Во тоа ние уживаме. Парковите во некоја друга можност. Во близината на Валенс реката Изер се влеваше во реката Рона. А ние одиме на југ. Тоа значеше дека ќе продолжиме да се движиме надоле. Тоа ни беше од голема помош после оние искачувања на Алпите. Сега бевме во можност да покриваме поголеми растојанија. На излезот од градот требаше да се префрлиме од другата страна на реката. Одвај го направивме тоа. Сироти Французи не зборуваат ниеден друг јазик и сите различно не сфаќаат и различно ни кажуваат. Сретнавме некои луѓе во една шума и ни објаснија каде да се качиме на мостот за да преминеме од другата страна. Тоа беше многу долг мост. Рона е огромна река. И така, продолживме на југ. Покрај патот имаше знаци кои што означуваа кампинг места. Марко постојано инсистираше да посетиме некој од нив. Конечно моравме да прифатиме од една едноставна причина. Денеска е седми ден како возиме а се немаме бањато од Милано. Седум дена не сме се избањале? А секогаш велев дена хигиената е најважна на вакви тури. Хигиената на прво место. Ќе знам подобро за следниот пат.

Влеговме во кампот Ле Катамаран. Гоце и Марко му пријдоа на сопственикот кој што седеше во барот и го прашаа дали смееме барем да се истушираме. Тоа беше камп за шатори и приколки. Не беше воопшто скапо. Имаше коли од цела Европа. Тоа им е полесно и поевтино. Затоа така летуваат. Ох, какво олеснување. Додека јас и Јово се туширавме, Гоце и Марко си пиеја кафенце. Барем некое евро да му оставиме кога веќе не ни наплаќа за услугата. Одма е друго. Сега можеш да си облечеш и чиста облека. Иначе, зошто би облекувал чиста облека, посебно бициклистички, кога си за никаде нечист. Милина. Ај што се избањавме, па и ручек си направивме во кампот. Па мислам дека ова беше прв пат да јадам на маса и столчиња после оној доручек под водопадот пред Алп Дуез. Си направивме ептен мераклиски ручек. Се имавме, освен ракија. Епа тоа што го понесовме ја испивме првиот ден во Милано. Ама ако, и вака е добро. Почекавме да се исушат алиштата што си ги исправме, јас прилегнав малку, се заблагодаривме за услугата и тргнавме на пат.

Попладнето само возевме. Никаде не застанувавме. Моравме да му се доближиме на Монт Венту. Поминавме покрај едни огромни оџаци. Подоцна заклучивме дека е нуклеарна централа. Се гледаа тие цевките што носат вода за ладење на реакторите. Мали гратчиња се редеа едно по друго. На ридот над секое од нив имаше по една огромна тврдина. И тука градовите личеа еден на друг. Секаде улиците се тесни, насекаде споменици посветени на Првата светска војна. Тука некаде го поминавме и седумстотиот километар на турата. Имаме поминато една третина од патот. Најчесто напред беа Јово и Марко. Јас имам проблем со одржувањето на брзината. Дали заради неискуство или заради темпераментот? А Гоце постојано заостануваше. Воопшто не можеше да не следи. Кога ќе наидевме на мост или надвозник, секогаш заостануваше далеку позади нас. Затоа Јово го нарече Гоце Подвожњак. Бидејќи одвај ги искачуваше. Гоце имаше голем пад во формата. Тој тврдеше дека било заради тоа што возеше од дома до тука само со точак. Но не. Гоце не се хранеше како што треба и постојано пушеше. Значи кога застануваме да правиме пауза, застануваме да земеме воздух, да одмориме малку, муабет да направиме и тргнуваме. Ама Гоце одма палеше цигара и го каравме заради тоа. Пред да тргне на пат тврдеше дека во Европа нема да пуши зошто цигарите биле скапи. Ама не успеа да ги остави.

Кај градот Монтелимар повторно ја поминавме реката. Веќе се стемнуваше, а сè уште бевме далеку од Монт Венту. Гоце и Марко сакаа веднаш да почнеме да бараме место за логорување. Гоце беше исцрпен и се вадеше дека пред да тргне на пат сум го подучувал да почнува да бара место за преспивање уште пред да се стемни. Да знае каде спие. Но ова беше друго. Ние бевме повеќемина. Кога си група, кога и да легнеш е исто. Опасноста да се случи нешто е помала. Јас реков дека продолжувам. Јово се сложи со мене. Ги оставивме назад. Марко беше упорен дека не мораме да брзаме никаде. Но јас велев дека додека не ја исполниме целта на Монт Венту не можеме да се опуштиме. Продолживме со Јово. Беше многу темно но чувствувавме дека искачуваме планина. Но сепак знаев дека позади таа планина ќе имаме спуштање затоа што пределот беше ридски. По некое време возење покрај Рона, се исклучивме и свртевме на исток. Тука патот беша подигнат како на насип. Возејќи во тишината слушнавме звуци од животни. Кога ги вклучивме ламбите видовме повеќе од 50 диви свињи кои пасеа во житото. Сега кој од кого да се плаши? Ама паметни се тие. Веднаш почнаа да трчаат кон блиската шума и се сокрија. Што ли ќе правевме ако тргнеа накај нас? Многу беа. Прекрасна глетка дури и за навечер, иако се исплашивме. Беше невообичаено.

Држевме правец кон градот Грињан. Тоа е мало градче, но тоа што го видовме вечерта не запрепасти. Каква убавина. Целиот регион беше со винова лоза. Градот е сместен позади еден рид. Кога го заобиколивме ридот веднаш ни се отвори глетката врз градот. На врвот имаше прекрасно осветлена тврдина. Долниот дел од градот беше оставен во мрак за тврдината да дојде до израз. Прекрасно, но немаме време за застанување. Ако влеземе ќе треба да седнеме и ќе се оладиме и нема да ни се вози повеќе. Само поминавме по периферијата на градот. На излезот имаше два патокази. Се движиме во правец на градот Нион, а до таму се стигнува од две страни. Го одбравме северниот пат и не погрешивме. Влеговме во градот Толињан. Исто така прекрасно градче, но тука тврдината беше во самиот град. Таа го штитеше центарот на градот. Седнавме во близина на градските ѕидини и јадевме нешто. Искористивме убава клупа и светло. Зошто ако излезевме од градот имаше опасност да не најдеме место за јадење, а веќе бевме гладни. Ноќта беше темна како ретко кога. Требаше да најдеме место за сместување. По целата должина на патот нивите беа оградени со камења. Тоа беа приватни имоти во коишто не сакавме да поставуваме кампови. Не знаевме како ќе изреагираат сопствениците. Се трудевме да не привлекуваме многу внимание. Така се помали шансите да влеземе во невоља. Мирисаше чудно. Се обидувавме да откриеме што е тоа.

Конечно видовме пат кој што водеше до една фарма и тука свртевме. Почна многу да дува. Се сокривме во едни дрва и тие не спасија да не пуштаме шатор. Немаше потреба бидејќи дрвата ни даваа заштита. Бевме уморни и знаев дека убаво ќе спиеме. Но пак се појави оној мирис. Што ли е тоа? Прекрасно мирисаше. Целиот воздух беше облагороден. Тргнавме во околината и откривме дека тоа се полиња со лаванда. Епа нема нешто подобро од тоа да спиеш во поле со лаванда. Малку муабет со Јово, брифинг пред спиење. Тој ден имавме поминато најмногу од сите етапи на турата. Стигнавме на триесетина километри од почетокот на искачувањето на Мон Венту. Тоа ќе биде сосема доволно за загревање. По пат ќе го видиме и Нион, седиштето на УЕФА. Се смири и сообраќајот. Ветерот продлжи да дува, но ние имавме убаво засолниште. Дрвата убаво нè штитеа. Нас не ни треба многу. Само топла вреќа и спомените од изминатиот ден. Ах каков живот?


Сврти на наредна страница: Ден 8