Сабота, 23 Јули 2011

Мојата прва експедиција – ден 6 (46 км)

Сабајлето нè разбудија звуците на градот. Тоа е населено место и мора да си функционира. Иако е сабота се беше раздвижено и подредено на турот. Сепак, Тур де Франс не доаѓа во твојот град секоја година. А тоа е најпознатото спортско натпреварување во Франција. Станавме и се собравме. Нужда во паркот нормално.

Претходни страници од книгата: Ден 5


Повторно излеговме на главната улица. Беше сосема различна од претходната вечер кога немаше жив човек. Сега имаше илјадници пешаци, шинобуси, автобуси, автомобили, велосипедисти. Сите одат некаде. Повеќето од нив во паркот каде што беше стартот на етапата. Седнавме во едно кафуле Гоце и Јово да пиеле кафе. Да се освестеле. Како ли само им се даваат пари за кафе? Влегов да побарам штекер да го полнам телефонот. И одма муабет со сопственикот/шанкер. Од каде сте? Од Македонија, му велам. И излегов. Седнав на масата. Па влегов да проверам нешто на телефон и од сите маси ми кажуваат по некој збор на македонски. Еј мајката. Кој ме мести сега? Од каде па овие знаат да ме поздрават на македонски. Само се поздравив со сите нив рачно, но не ги прашав од каде знаат македонски. Не сакав да си ја расипам мистеријата. Ми доаѓаше да рипнам од радост. Далеку сум од дома, сепак. И си останав да си разговарам со шанкерот и дојде извесен Џером. Си нарача кафе. Малку разговаравме. Пред да си отиде му рече на шанкерот да ни направи на сите тројца по еден чај (кафе за Јово, подоцна се каеше, зошто чајот беше превкусен). Подоцна разбрав дека Џером е поранешен борд-шампион на светот. Супер човек. Имаше за читање некои весници. Во сите весници првата половина беше посветена на Тур де Франс. Еј, ова е многу популарно насекаде низ Франција. Луѓето во кафаната ги прашавме каде е стартот на етапата и ни го нацртаа правецот на едно ливче.

Така искористивме и тура низ Гранобл. Мало убаво градче. На ридот над градот имаше тврдина наречена Бастиља. Го носеше името на славната тврдина Бастиља во Париз каде што започна Француската буржоаска револуција. Единствената Бастиља надвор од Париз. Сè си беше уредено. Не беше онака стерилно чисто и убаво, но беше симпатично. Интересно. На пример, им текнало крошните на дрвата на улиците да ги скастрат во коцкаста форма. Учтиви полицајци во убави униформи коишти убаво им стојат. Народ весел, услужлив. Јас на италијански: Дове е ил тур? Тие мене: дроа, гош, мош. Си се разбиравме. И оп, ја најдовме гужвата. А каде е Марко па сега? Најмногу гужва имаше на стартот. Ама не е тука интересно. Целта е интересна.

Одиме да ја бараме. По пат си застанавме на неколку штанда да си земеме гага сувенири. Целта беше на другата страна на паркот. Веднаш тргнавме во тој правец. Земавме тоа што ни треба од торбите и ги фрливме точаците. Сами нека се чуваат. Застанавме на 25 метри од целта. И одма пораки од Македонија. Каде сте денеска? Каде да ве чекаме? Дали ќе ве има? Абе нормално дека ќе не има и тоа на самата цел. Застанавме покрај оградата, ама беше многу гужва. Јово вика да сме се обиделе на други места зошто тука сме им сметале на луѓето што веќе стоеја покрај оградата. Абе, му викам, тие нека се тргнат. Ние кога пак ќе гледаме тур. Така и бидна. Поделивме по некој лакт, колено, клоца и оп, си се сместивме сами тука.

Одма ставаме јакни, знамиња и реквизити да се знае дека местото е наше. Е сега треба да јадеме. Прошетав малку и најдов пицерија кадешто имаше големи пици како за тројца, за 5 еур. Одма земав една пица и дволитарка кока-кола. Лапнавме по третина пица додека поминуваа неатрактивните возачи. Оние со послаб резултат стартуваат порано. Преносот почнува во 14 часот а ние бевме таму околу 11. Цел ден на едно место. Тргнав да барам сувенири. Ги имаше оние тезги со облека наредена како во Шутка, само разликата беше што овие се брандирани Тур де Франс производи од по 70-100 еур. И така бива на хронометар. Цел ден ќе си чекаш да помине твојот возач да му се нарадуваш. Да уживаш во тој дел од секунда кога ќе биде на пола метар од тебе. А до тогаш ќе се дружиш со публиката. До нас застанаа двајца Холанѓани коишто имаа интернет на телефонот и ни ги кажуваа сите резултати. Страсни велосипедисти. И си правиме муабет за трки, за возачи, за спортот општо, за допингот. Беа навивачи на Роберт Хесинг. Позади нас застана едно семејство од Канада кои беа на патување низ Европа па застанале во Гренобл да навиваат за единствениот Канаѓанец на Турот Рајдер Хесједал. Мајката се викаше Ани и беше пејачка, а таткото не беше. Имаа две ќерки и жената најљубезно не покани да бидеме нивни гости кога би отишле во Монтреал. Не бе, и викам на смеа, мајка барам во Канада. Ладно е.

Во принцип хронометар е многу досадна работа. Тоа го знам од Толедо кога бев на Вуелта Еспања 2009. Само седиш, тие си поминуваат еден по еден и толку. Но овде беше интересно дека на крајот на оваа етапа ќе се реши победникот. Од некаде се појави Марко. Којзнае каде бил до сега? Па пак го снема. Цел ден беше некаде. Не се замараше да гледа трка. Холанѓаните ги имаа сите резултати. Немаше некоја измена во генерален пласман. Само знаевме дека Тони Мартин толку добро извозел што нема шанси да го стигне никој на таа етапа, дури ни Канчелара. Е сега ги чекаме резултатите од водечките. Кога помина Енди, се беше јасно. Кадел Рванс денеска ќе ја облече жолтата маичка и ќе победи на Тур де Франс 2011. Браќата Шлек се во аут. И конечно победа за Кадел Еванс. Бевме и на свеченото доделување на наградите и маичките за тој ден. Најрадосни беа Австралијците, навивачите на Еванс. Конечно после неколку втори места во генерален пласман, ќе го освои турот и тоа во голем стил. Со победа против двајцата браќа Шлек.

Толку од турот за нас. Сега караванот ќе продолжи на север кон Париз, а ние ќе си одиме на југ кон морето. Нема веќе стресови и борба да се биде на одредено место во одредено време. Нема веќе дремење на тараби и гладување по десетина саати. Нема веќе планини и студови. Одиме на југ, каде што е потопло и порамно. Нема да има толкави планини за искачување, освен ако не направиме некое скршнување чисто да искачиме некој превој на наша иницијатива. Утре ќе го дознаеме конечниот победник.

Додека Марко се шетал низ градот, малку и работел. Нашол јавна перална за алишта. И си отидовме таму. Си ставивме сè да ни се пере. Додека перевме си купивме пица, ама овојпат за секого по една. Па ако ни остане ќе си ја јадеме за вечера. Море какво останување? Јади додека има. Собравме алиштата и тргнавме по патот. Чисти, миризливи, суви алишта. Веќе беше скоро 19 часот. Имавме мали проблеми да излеземе од градот. Се заради нивното незнаење на ниеден друг јазик освен нивниот. Лутавме додека не наидовме на човек што знае два збора англиски и ни објасни. Не само што ни го покажа излезот од градот туку и ни кажа дека цело време треба да возиме покрај реката Рона. Тоа значи се спуштаме. Се симнавме покрај реката на една тесна патека и тргнавме надоле. Во грмушките покрај патеката имаше многу бездомници. Зар и тука ги има, си мислам. Полека излеговме од градот и останавме само ние, патеката и реката. Тоа беше едно убаво, диво, мирно место. Ах, како ни требаше нешто вакво после сето тоа брзање околу турот. Конечно нема градови. Патеката беше убаво мазно асфалтирана, поткачена на насипот покрај реката, тревичката искосена од страна, гранките на дрвата скастрени. Што да ви кажам? Реката си тече надоле, а ние ја следиме. Одеднаш патеката заврши во еден мост. Го поминавме мостот и отидовме во едно село. Беше 9 часот навечер, а немаше никој жив во селото. Дури ни светилките во куќите не светеа. Значи луѓево веќе спијат? Аман бе. Целта за денеска беше да извозиме колку можеме, без форсирање, и кај ќе најдеме убаво место да одмориме. Денеска не возевме воопшто. Само станавме и отидовме да гледаме тур. Но сепак, моравме да покриеме некој километар. Овој регион беше убаво среден. Се гледаше дека живеат богати луѓе. Имаше огромни плантажи со ореви. Може колку цела Скопска котлина само дрва со ореви. По целиот пат. Насекаде. И сите плантажи беа убаво средени.

Наидовме на едно градче, Винај. Исто така веќе празно. Нема никој по улиците. Сретнавме една жена која ни помогна да се снајдеме низ градот. Се исплаши кога ја запревме. Го отвори само задниот прозор од спротивната страна за да не би ја нападнале. Винај беше убаво градче. Имаше убава голема црква и тврдина на ридот, што значи дека некогаш ова бил голем град. Работеше само едно мало кафанче, и тоа беше празно. Влеговме да ги замолиме да ни дадат вода за во бидоните. На сите ѕидови внатре имаше обесени знаменца од навивачки групи или од други држави. Па и ние му дадовме едно мало знаменце од Македонија и го обеси над шанкот. Бон соар. На неколку километри од излезот на градот во еден двор видовме многу луѓе. Беа пијани и одма почнаа да ни викаат: Але, але. Беа многу весели. Направивме полукружно свртување и им отидовме во дворот на прославата. Разбравме дека тоа е една семејна прослава којашто ја организираат секоја година на ист ден и се собираат сите членови на семејството. Ги имаше околу четириесетмина. Веднаш не примија љубезно. И ние се израдувавме. Ги предупредив дека ќе им се обратам на англиски со цел да ме разберат поубаво. Сакав да им кажам колку сум среќен дека се собрани во толкав број, дека на некој начин не повикаа и не поканија да бидеме нивни гости. Но сепак, ние моравме да ги одбиеме за да не би оставиле лош впечаток демек: еве ги овие сега ни седнаа да се најадат гага. Им рековме дека сме почестени што не поканиле но мораме да ги одбиеме. Кога ќе размислам повторно, требаше да прифатиме да испиеме барем по една чаша вино. Требаше чест да им направиме.
Веќе почна да врне. Покрај патот имаше знак за кампинг. Тргнавме по патот, но веќе стана многу стрмно. Моравме да се вратиме. Марко толку инсистираше со тие кампови, со овој посебно, и одеднаш тој беше прв што инсистираше да се вратиме. Или одиме или да не одиме. Џабе накиснавме по угорницата барајќи го кампот, а пак не се сместивме таму. И се симнавме повторно на главниот пат и тогаш почна многу силно да врне. Немаше каде да поставиме камп. Здогледавме еден надвозник преку пруга и застанавме тука. Местото беше одвратно но ни даде малку време да пуштиме шатори. Јас и Јово најпрво бевме против шатори, но подоцна почна повеќе да врне и ветерот го носеше дождот во нас. Јас влегов во шаторот на Гоце. Јово нешто му се налути на Марко и си замина. Не остави нас тука да спиеме, тој којзнае каде отиде да спие. Не знам ни дали пуштил шатор? Тоа беше можеби најгадното место кадешто спиевме. Бевме покрај пруга. Возовите поминуваа на пола саат. Со секое поминување го повлекуваа шаторот на едната страна, како да дува ветер, правеа галама и добивав срцебиење. Постојано се будев со тахикардија. Страшно беше. Но тоа е. Кога нема подобро, ќе си ќутиме и тука. Некако ја поминавме ноќта. Тој период беше врнежливо во сите региони кадешто бевме. Поминувавме прекрасно време, освен што имавме мака со дождот. Тој па, се посилно си врне, ветерот го носи во шаторите, појма немаме каде сме и каде ќе се разбудиме. И така некако сме заспале. И ете ти воз…


Сврти на наредна страница: Ден 7