Четврток, 21 Јули 2011

Мојата прва експедиција – Ден 4 (31км)

За овој ден немам ставено фотографии поради испразнетиот фото-апарат, а и немам наведено места кадешто го почнуваме и завршуваме возењето. Веќе бевме навлезени во Алпите. Населените места се се поретки. И километражата за овој ден е мала. Само 31 километар.

Претходни страници од книгата: Ден 3


 

Затоа е тешко да одговорам кога ќе ме прашаат по колку километри поминувавме дневно. Тоа е релативно и зависи од тоа каде е следната етапа. Деновите кога гледаме трка се посветени на турот и возењето има второстепена важност. Тоа се претежно денови кога дремете покрај тарабите на финишот на трката, чувајќи го најатрактивното место за гледање. Зошто ако мрднеш одма ти го зафаќаат местото. Но и тие денови знаат да бидат исцрпувачки. Цел ден на сонце, стани, седни, легни, спиј…галама, не можеш ручек да направиш, па мора да прекаснеш нешто набрзина.

Сабајлето не разбудија некои коњи. Од каде па тука коњи? Дури сега видовме каде сме спиеле. Тоа беше фарма за коњи коишто беа заградени од оние тенки жици со струја. Ги имаше насекаде околу нас. Ама едни големи. Пукани со стероиди. Доле на патот веќе имаше велосипедисти кои се движеа кон Лотерат и Галибие. Знаевме дека прво треба да го качиме Лотерат, па после Галибие. Сè уште се движевме во долината на Сере Шевалие. Гледаме што сме пропуштиле ноќта додека возевме. Лево и десно од патот имаше водопади кои што извираа од самата планина и имаа големи падови. Фантазија. На сите страни Јово само покажува со прстот. Милина. Како сцена од Госпордар на прстените. Почнаа да се редат и трејлерите. Се движевме во тунел од бели приколки. Лево и десно само приколки. И сите ги гледаат знамињата на точаците и навиваат. Нè бодрат.

Некои мислеа и дека сме од Каталонија или уште полошо, од Шпанија. Утро беше. Луѓето си се запознаваа, си одеа на кафе, на доручек, некои на пиво. Најмногу имаше Белгијци и Холанѓани. На еден свиок пред Лотерат го извадив спрејот да цртам сонце и да напишам Македонија. Малку повозевме и ни се отвори превојот на планината. Море кога се исплашивме. Па ако е она Лотерат, каде ли е Галибие? И врти-врти наидовме на толпа народ. Ги прашувам каде е Лотерат. Па ова е Лотерат, ми одговараат. Мораме да се тргнеме од патот. Со велосипеди само до тука, ни вели еден полицаец. Како бе само до тука? Јас од Македонија сум се потегнал да одам на Галибие тој сега ми забранува да се качам горе. И им викаме: ок, ќе ги оставиме точаците. Ама сакавме да се правиме попаметни од џандармите и успеавме да заобиколиме неколку кордони на тревата надвор од патот. Еднаш моравме да излеземе на асфалтот и одма ни пријдоа. Видоа дека сме ги насамариле и беа малку погруби. Јас веднаш се повлеков ама Јово даваше отпор. Море страв ме фати малку. Го фатиле двајца џандари под рака, тој па се фатил за точакот и не го пушта. Едниот му зборува на англиски другиот на француски. И одеднаш овој им се дере: English!!! Speak English!!! И тој што збореше англиски нешто му кажа на Јово и овој потврди и тоа беше тоа. Нашиот последен обид да се качиме на Галибие. Ги фрливме точаците позади камионите од организацијата, така незаклучени, и отидовме да земеме нешто за јадење. Да се мешаме со народ. И земавме нешто леб, патлиџан, кока-кола и некоја локална салама со ореви. За енергија. Многу вкусно, ама многу скапо. Мора да се јаде. Си се сместивме на една височинка и ја надгледуваме ситуацијата. Што е следно? Уживаме во Алпите.

Насекаде високи врвови и глечери. Ветерот дуваше силно и ги удираше облаците од сртовите. Почна да врне. Не сме толку баксузи а? Земавме тоа што ни беше најнеопходно за горе и тргнавме пешки кон Галибие. Всушност ништо од облека не земавме и по пат смрзнавме. Горе некако се разведри па не фаќаше и сонце малку, за среќа. Нагоре одевме пешки со уште илјадници други луѓе од цел свет. Оние посреќните си дошле претходната вечер тука, па си логорувале во шатори или во приколки. Некои стигнуваа и со точаци од други страни. Не знам зошто беше забрането со точаци. Можеби заради наша безбедност? Имаше една кратенка и се одеше по земја. Беше многу стрмно, како на Кораб пред врвот, ама многу кратеше. Нагоре се запознавме со многу луѓе. По малку муабет со сите. Едни Мадриѓани ни ги видоа знамињата и почнаа да викаат: Еј, Македонија!!! Горан Пандев!!! Александар македонски!!! Море душа ти се полни.

Почна да врне некој ситен смрзнат дожд, ама ние не го чувствувавме. Само одевме нагоре. За саат и пол сме стигнале на врвот. Огреа сонце за среќа. И требаше да чекаме. Немаше многу народ горе. Сите се откажуваа по пат. Сепак не е малку да се искачиш на 2645 метри. Времето на Алпите е многу непредвидливо. Луѓето се плашеа. Ние не го знаевме тоа и немаше од што да се плашиме. Почнаа да ми стигнуваат смс дека не имало на слики. Од каде па сега слики? Не ни текнуваше дека оној Јапонецот ја објавил сликата што ја направи и сите македонски весници, телевизии и веб-портали ја објавиле. Не имало насекаде. Ние појма немавме. Не ни беше ни гајле. Не дозволивме тоа да ни го наруши уживањето тука. Се симнав подоле и земав по два Амстела за мене и Јово и си се опуштивме. Сонце во лице, пивце, поглед од милион долари. Чекајќи да пристигнат водечките, почнаа да стигнуваат гласини за пелотонот и оние што се напред. Се дозна дека Контадор имал неколку обиди за бег тој ден, но Енди е во водство. Зар шампион ќе го прават бе? И така беше. Енди стигна прв, па по него пелотонот. Веднаш отидовме да го видиме прогласувањето. Прв пат тоа го гледаме. Фантастично. Симнувајќи се надоле толпата запре. Требаше да се испразни тунелот од другата страна на планината. Чекавме 15тина минути. Интересно беше. Луѓе од цел свет. Сите кажуваат некои смешки. Се радува народот. Додека стоевме покрај нас поминуваа велосипедистите. Многу од нив повраќаа од исцрпеност. Вака рамо до рамо си стоиш со цел тим на Мовистар. А батериите на апаратот не работат од ладно. Немаме ниедна слика од Галибие. Потоа ја кренаа рампата. Одејќи надоле видовме како пар од Америка заглавиле со комбето во каналот покрај патот и млади Белгијци се обидуваат да им помогнат. Ама не треба само сила. Тие туркаат, комбето турира, ама не оди. Се лизга на тревата. Па им покажав некои Дакар трикови и го извадивме комбето. Затоа си добивме превоз до доле. А таму луѓето веќе заминуваа. Точаците си беа како што сме ги оставиле. Ништо не им фалеше. Никој не ги пипнал. Целата планина се сели кон Алп Дуез. Мислев дека никогаш нема да се испразни колоната. Илјадници возила одат во еден правец. Двете ленти се за во еден правец. Другите мораат да чекаат. Ние нормално сме најбрзи. Правиме слалом помеѓу возилата. Гоце и Марко пробаа да не контактираат. Не успеавме да се чекаме горе, па се договоривме да се чекаме штом заврши удолницта. Застанавме во една продавница да докупиме нешто за вечера. Веќе се стемнуваше и требаше да залогориме. Алп Дуез не е далеку од тука па така каде и да легнеме ќе бидеме блиску до финишот на утрешната етапа. Застанавме на едно место ама Јово не го бендиса. И возејќи надоле Јово здогледа водопад и место за кампување. Тоа е тоа. Конечно ќе спиеме на рамно, покрај вода, на место за кампување, ќе јадеме како луѓе на маса и ќе уживаме.

Го заслуживме тоа после двете лоши ноќи. Тоа можеби беше едно од трите најдобри места каде што спиевме. Го забодевме знамето покрај патот за да можат Гоце и Марко да не видат, ама и тие се разделиле. Марко беше со побрз точак и се одвоил од Гоце. Значи и таа вечер не спиевме заедно. Јово готвеше вечера а јас го местев шаторот. Конечно јадење на маса, како луѓе. Еј ама добар ден. Шумот од водопадот го исполнуваше просторот. Тоа место беше направено за кампување специјално за турот, но ние бевме единствените што го приметија. Возилата брзаа надоле и не го приметиле. Го собравме ѓубрето во кеса и го обесивме на дрвото за да не го докачат животинките и да го расфрлат. Влегувам во шатор и заспивам со звукот на водата. Исполнети сме. Заспиваш, а насмевката не ја тргаш од лице.


Сврти на наредна страница: Ден 5