Вторник, 19 Јули 2011

Мојата прва експедиција – Ден 2 (Торино-Сестриере 116км)

Спиевме во некои пченки. Беа многу високи. Што ли нема да направат за да родат повеќе? Беа високи и по 5 метри. Во близина имаше и некоја куќарка, ама беше напуштена. Планиравме таму да се скриеме ако заврне. Некако како да се подготвуваше да врне…

Претходни страници од книгата: Ден 1


 

Многу е важно кога барате место за спиење да имате и „сува” опција, каде би се скриле доколку почне да врне сред ноќ. А бидејќи никој од нас немаше водонепропустлив шатор, тоа беше многу важно. Немавме никакво претходно искуство со временските услови на Алпите. Подоцна ќе дознаеме дека тоа е многу дождлив регион, затоа е и зелено преку целата година.

Утрото не разбуди некој трактор на којшто имаше прикачено нешто како крила за прскање на пченката. Прв пат видов такво нешто. Ете зошто е толкава пченката, нон-стоп ја клукаат со хемии. И почна многу гласно да прска. Моравме да избегаме. Одма собравме шаторите и тргнавме. Според картата кратко требаше да бидеме во Торино. Големи, многу големи индустриски зони пред секој град. Возиш и насекаде околу тебе магацини, производствени погони и џамбо маркети. Веќе беше извесно дека ќе заврне. На влез во Торино застанавме за утринско кафе. Цената беше 1.20 еур. Не беше скапо. И кај нас е толку. Потоа почнавме да се пикаме по некои тесни улички пред да влеземе во градот. И конечно почна да врне. Се посилно и посилно. Се сокривме под дрвата во еден парк во којшто застанавме и да јадеме. Беше ладно утро. Алпите имаат големо влијание во Торино. Јадевме и продолживме кон центарот.

Нè водеше една голема улица со многу сообраќај и автобуси и шинобуси. Да не знаеш од каде ти доаѓа опасноста. Не сакам такви градови. Но Торино имаше некаков друг шмек. Стигнавме во центарот и се сокривме под едни сводови. Бевме токму на централниот плоштад. Лево се гледаше старата кралска палата. Таму престојувале кралевите од династијата Савоја. Ми пријде еден човек и ми вика: Are you form FYROM, from Macedonia? Не познал по знамињата на точаците. Леле кога сум му се свртел. Кој фиром бе, му викам. Проба да се извади на тоа дека го кажал и зборот Macedonia. Ама не ме интересира. Малку му викав со повисок тон, кренав паника за и другите луѓе да приметат за да му биде незгодно. Да сфатат и другите демек којзнае што лошо ми направил. Си избега. Дождот немаше абер да престане. Ни се здодеа од стоење под сводовите и се стрчавме кон кралската палата, таму да подремеме малку.

Се плаќаше карта за влез, но сепак имаше и бесплатни делови коишто беа отворен за посета. Абе кралска палата. Луѓето што имаа завршено со турата во палатата излегуваа од друг крај на палатата и си заминуваа. Гоце праша од каде излегуваат тие луѓе, а јас му одговорив дека тоа е јавна кујна и дека добиле гага ручек. Па се попали и ние да сме оделе да сме чекале ред. И тука ни досади па отидовме во една кафетерија за Марко да го наполни лап-топот и да пијат кафе. Тоа го искористивме јас и Јово да прошетаме малку низ центарот на градот. Се криевме под терасите коишто беа покриени со сводови. Непрегледни коридори со сводови. Тогаш сфатив дека Торино е многу поубав, помирен и почист од Милано. Ми се допадна градот. После четири часа стоење во место заради дождот, конечно преврна и можевме да продолжиме кон Алпите. Прашавме еден полицаец за излез. Убаво ни го покажа патот. Требаше да се движиме по Виа Рома, долга широка улица којашто води до главната железничка станица, покрај фабриката на ФИАТ и стадионот Деле Алпи до летната резиденција на италиајнските кралеви, дворец наречен Ступиниџи.

Пред дворецот лево и десно имаше штали и на секоја штала презимето на фамилијата што ја поседува таа штала. Коњите од тие штали трчаат заедно со коњите на кралот. Порано тоа било привилегија, но некои се уште ја почитуваа и им значеше.

Продолживме кон следниот голем град Пинероло. Насекаде имаше зелени полиња, убави дрвореди и прецизно обработени ниви. Генерално ни во Италија, ни во Франција не видовме некој да работи на тие ниви, а сепак беа обработени. Сообраќај на секој пат. Не се движевме по автопат бидејќи е забрането и заради опасноста, но и овде беше многу опасно. Постојано имаше возила бидејќи тоа беше дел од денот кога луѓето си одат од работа. Алпите беа се поблиску. Гоце имаше проблем со задната осовина и касетата па мораше да ги смени. Тоа го направивме на влезот во Пинероло. Човекот во сервисот беше толку добар што остана после работното време за да го средиме проблемот. Му рековме дека одиме на Тур де Франс и дека вечерта ќе треба да стигнеме до Сестриере. Ни се сожали и реши да ни помогне. Додека се работеше на точакот јас и Марко отидовме да купиме нешто за јадење пред да затворат продавниците. По пат накај Пинероло имаше електронски билборди на кои се најавуваше доаѓањето на ТдФ во областа и периодот во кој патиштата ќе бидат затворени заради караванот.

Каква возбуда? Се поблиску сме до турот. Колите што не поминуваа ни свиреа за да не поздрават. Мило им беше дека доаѓаме во нивната земја заради трката. Имаше и многу велосипедисти, но не беа нешто посебно возбудени за турот. Не како нас. Можеби зошто повеќе си го сакаат џирото. Еден кружен тек го најави влезот во Пинероло.

Се сликавме и продолживме кон центарот да најдеме парк за да јадеме и да решиме што ќе правиме после. Седнавме во паркчето, се измивме, јадевме, одморивме и го чекавме Гоце може пола саат за да купи цигари. Продавниците за цигари ги викаше табакери. Купил цигари, дојде во паркот, му се изнавикавме малку затоа што долго време во немаше и продолживме. Никој во градот не се потресуваше премногу за турот. Имаше некои барови во центарот па со гостите успеавме да направевме муабет и им кажавме дека сме тргнале кон Сестриере. Не направија будали. Некои ни рекоа дека во Преџелато, населба пред Сестриере, имало пола метар снег и дека со точаци ќе биде невозможно да се помине. Рековме дека ќе пробаме. Беше околу 22 часот. Моравме да возиме. Кога го планирав овој дел од турата, јас знаев дека веќе завлегуваме во Алпите. Но ги потценив. Моравме да возиме навечер за да го надополниме времето што го изгубивме во Торино криејќи се од дождот. Но вака беше можеби и подобро. Ако возевме преку ден ќе требаше да спиеме ноќта во Алпите сред никаде на невиден ветер и студ. Ние решивме да возиме.

Се уште не држеше еуфоријата. Утре ќе следиме етапа на Тур де Франс. Па не е мала работа. Возевме во темница. Небото беше ведро. По цела должина на патот имаше населени места. Кој да не види не прави будали. Ние навистина не знаевме каде одиме. Полека, еден по еден почнавме да попуштаме. Гоце почна многу да заостанува, па Марко се почесто почна да бара одмор. Ако застанеме тука ништо од утрешниот ден. Имаше опасност да ја пропуштиме етапата којашто планиравме да ја гледаме пред Сестриере. Затоа моравме да продолжиме. Не смеам да ризикувам ништо. Дуваше страшно силен ветер. Тоа правеше да биде уште поладно. Веќе немаше ни населени места. Пустелија. Почнавме да туркаме зошто немаше ефект возејќи да му се спротивставуваме на ветрот. Веќе ништо не ти е интересно.

Пцуеш сè. Што ли мајка бараме тука? Абе многу беше напорно, не уби ветерот. Ај викаме ќе се разонодиме. Извадив еден спреј што ги планиравме за цртање на асфалтот и почнав да пишувам. Ништо не се познаваше. Ветерот не му даваше на спрејот да допре до асфалтот и да остави боја. Е толку силно дуваше. Спрејот не оставаше трага на патот дури ни кога го доближив на два сантиметра. Иначе носев два спреја за да пишувам пароли и сонца на асфалтот. Направив и картонски шаблон со којшто требаше да цртам идеално сонце со 16 краци. МАКЕДОНИЈА!!! Ми падна криво дека џабе ги носам кога не можам да напишам ништо. Стигнавме до Преџелато. Тоа е исто така скијачки центар но се состои од повеќе планински села. Ништо од снегот. Џабе не испалшија доле. Возевме и туркавме. Само читаш по таблите некои имиња на села. Да се прави нешто, да се остане свесен. Но мене тоа не ми одеше баш најдобро. Збор немавме кажано веќе долго време. Осетив дека веќе се губам и дека истовремено туркам и спијам. Како мал имав читано дека од исцрпеност некои делови и центри во мозокот можат да се исклучат за да се заштеди енергија. Можеби токму тоа ми се случуваше. Му реков на Јово да ми даде 15 минути да поспијам. Памтам дека седнавме на едни скали што водеа во една куќа. Тука се скривме од ветерот, седнав и заспав во истиот миг. После на картата видовме дека дел од угорницата потегот околу Преџелато бил и 20 проценти. Што е многу, многу е. Јово ме разбуди и ми даде да јадам нешто. Морав да кренам шеќер. Картата покажуваше дека не сме далеку од Сестриере. Конечно го видовме и знакот.

Беше околу 5 часот наутро. Знаете ли како е да се биде во тоа време на Алпите на отворено? Екстремно ладно, ветровито, опасно, откачено. Еј, ама влогот е голем. Веќе станав целосно бескорисен. Седнавме да јадеме во едно зимско засолниште. Оние што се користат ако забегате некаде и ве завее снег. А каде ли се Марко и Гоце? Се надевам дека се заедно и дека не им е ладно како нас. Се скривме од ветерот да јадеме. Носев ракавици со кратки прсти. Немав сила ни да ги облечам долгите ракавици. Делот од прстите што не ми беше покриен ми беше помодрен од ладното и не ги чувствував. Јадевме нешто колку да се рече и Јово отиде да бара место за спиење, а јас требаше да се соземам и да го соберам јадењето. Набрзо го најдов во близина на засолништето. Целосно бев исцрпен. Веќе се раздени. Сфаќаме каде сме ја поминале ноќта туркајќи по патот. Изгрејсонцето ни ја откри целата убавина на Алпите. Тоа беше нашата награда за целовечерното патење. Легнавме под некои борови. Не пуштивме шатор зошто бевме уморни. Облековме се што имаме и влеговме во вреќа. Абе еден студен ветер што дуваше. Таман ќе заспијам, ќе се стоплам од сонцето што проаѓаше низ гранките на боровите и ветерот ќе ме разбуди. Ми поминуваше низ вреќа, низ шушкавец и дрес. Како низ душава да ми дуваше. Беше многу ладно.

И туку ќе се разбудам и ќе видам каде сме. Абе една глетка. Врвови над 4000 метри, снегови, глечери, чисто небо. Милина. Ќе си се насмеам и ќе се свртам да се доспијам. А Јово спие ли спие.


Сврти на наредна страница: Ден 3