Четврток, 4 Август 2011

Наслов

Мојата прва експедиција - Ден 18 (96км)

Сабајлето нè разбуди сообраќајот. Тоа беше Виа Емилија, улица што влегуваше во градот од северозападна страна. Мојот пријател Енрико од Модена, ми кажа дека тој пат е многу атрактивен за возење. Дека има стари римски мостови, многу велосипедисти, интересни села. Всушност тоа беше вториот по значење пат во Римската империја и беше изграден од Императорот Емилиј.

Сцена од Виа Емилија

 Претходни страници од книгата: Ден 17


Излеговме од Болоња и веднаш почнавме со редење на селата. Скоро по целата должина на патот имаше селца и градови. Долината на реката По е огромна. Ја покрива цела северна Италија и регионите Емилија-Романа, Ломбардија, Пиемонт, Венето, Венеција-Фриули. Се движевме во правец на Милано. На патот требаше да ги поминеме градовите Модена, Реџо нел Емилија, Парма и Пјаченца. Ова што го имавме пред нас беше далеку од она што ми го раскажа Енрико.

Патот беше долг, рамен и прав. Катастрофа. Знаев дека овде нема да има ништо интересно и одвај ќе чекаме да стигнеме до Аграте, нашата крајна дестинација од патувањето. По патот имаше многу сообраќај и кружни текови со интересни скулптури. Посветуваат внимание на сè. Претпоставувам дека и нив патувањето со автомобилите им е досадно и ги поставуваат смешниве скулптури за да им го развесели патувањето. По некое време мртви гладни се доближивме до Модена.

Уби ја досадата

На сите страни знаци што покажуваат дека тоа е градот на Ферари. Во близина се наоѓа и Маранело, седиштето на Ферари и големиот автодром Енцо Ферари. Веднаш се упативме по обиколницата, иако е забрането, за да стигнеме до индустрската зона каде што ќе најдеме маркет за да купиме нешто за јадење. Не ни доручкувавме во паркот во Болоња зошто гледавме што побрзо да избегаме од таму. Влеговме во маркетот и проблем стана што да купиме за јадење. Нешто брзо што би ни го задоволил апетитот и би не држело долго на патот. Пазаривме неколку оброци и седнавме во паркот на блиските згради да јадеме и да одмориме малку. Локалците не гледаа чудно. Ние си се распославме со јадењето на една клупа, па си легнавме да спиеме.

акробација за промена

Откако одморивме, продолживме со патувањето. Не не интересираше Модена. Можеби е интересен град, но во тој момент веќе ретко нешто да ни беше интересно. Досега на патувањето посетивме стотици градови и илјадници села. Не ни беше многу до посетување градови па продолживме по обиколницата којашто не однесе повторно на Виа Емилија. Требаше да се држиме само на тој пат, СС9. Тоа е наједноставниот и најкраткиот начин да се стигне до Милано. На едно место прочитавме многу паметна работа. Ознаките што ни го посочуваат патот кон одреденото место, не секогаш го покажуваат најкраткиот пат до тоа место, туку најбрзиот. Овие патишта СС, СП и СР овозможуваа слободно движење за велосипедисти, постојано се движат покрај автопатите, но на нив имаше многу сообраќај. Го продолживме патот. Од каде ли само волку коли на улицава? Луѓево постојано некаде одат. Го користат и овој пат иако оди паралелно со автопатот. Ние си возиме право, тие брзаат покрај нас. И стигнавме во Реџо нел Емилија. Значи имало и тука град Реџо, како во Калабрија? Ништо посебно од градот. На влезот во градот не предупредија да не возиме по обиколницата бидејќи е забрането и казниво. Се движевме во правец на Парма. По пат застанавме во една бензиска да полниме вода. Наполнивме од она чешмиче што го има на секоја перална за коли, што се користи за миење на крпите. Водата беше топла и многу гадна. Секаде во рамницата водата беше невкусна. Разбирливо е.

ручекот во парма

После педесетина километри стигнавме во Парма. Какво освежување? Влеговме во еден маркет да докупиме нешто за јадење и почнавме да бараме место за ручек. Многу убаво гратче. Освојува уште на влезот. Беше далеку пошармантно од претходните неколку градови. И богат. Неговите жители се разликуваа од жителите во другите градови. Веднаш на влезот од десната страна, забележавме паркче каде влеговме да ручаме, но веднаш излеговме зошто имаше комарци. Пак оние тигрести комарци што ни досаѓаа кога бевме во Торино, пред да влеземе во Франција. Излеговме од тој парк и најдовме друг во близина на центарот. Почнавме да ги занемаруваме комарците бидејќи бевме гладни. За ручек земавме патлиџани и краставици за салата, пире, цело печено пиленце, 2 литри Браво сок од портокал и пиво Бира Морети. Како да не сме виделе. Седнавме на едни клупи со маси во парк кадешто е тренинг центарот на Интер од Милано. Таму тренираат кога се во Парма. Додека Јово готвеше бев да ги посетам просториите на стадионот. Имаше многу слики од Горан Пандев. Во околината имаше фанови на Интер. Оброкот беше обилен и вкусен.

низ центарот

Конечно, после долго време видовме убаво спакувано гратче. Парма нè освојуваше со своите паркови, тесни улички, катедрални цркви и убави девојки на точаци. Отидовме во најголемиот градски парк да спиеме. Имаше голема активност. Луѓето спортуваа, трчаа, возеа ролерки и точаци. Откако поспавме малку продолживме со обиколката на градот. Центарот на градот беше со тесни улички и убави цркви. Имаше по неколку цркви една до друга. Главната им се наоѓаше на плоштадот Свети Јован.
На излегување од градот влеговме во еден Лидл. Не се пропушта шанса кога има Лидл а да не се влезе. Убедливо најевтино. Купивме по една лименка кока-кола за енергија. Кока-колата прави чуда. Дава убедливо најмногу енергија од се друго што можете да внесете во организмот. Е сега штетна била? Па штетна е. До пред тоа избегнував да конзумирам газирано, ама на пат морав некако да одржувам енергија. Веќе возевме кон зајдисонцето. Сме се задржале повеќе од планираното. Но сепак, гледавме прекрасно зајдисонце низ тесните улички во Парма.

паркот

Веднаш откако излеговме од градот посетивме еден Декатлон, и продолживме во правец на Пјаченца. По пат почнавме да бараме место каде што би спиеле. По патот постојано имаше селца и беше многу тешко да се најде место за кампување. Веќе и не стемни а се уште возевме низ населени места. Конечно, на излезот на едно гратче Фиденца, се исклучивме од патот и легнавме во една нива да преспиеме. Јадевме малку и легнавме. Мислам дека тоа беше едно од најодвратните места на коешто спиевме на целото патување. Шаторот го сместивме позади еден џбун на ораница. Теренот беше тежок за спиење. Плус имаше и комарци. Најодвратните услови за спиење. Но мораше некаде. Веќе беше доцна, а и така ни беше последна вечер. Ќе се стегнеме и ќе преживееме. И како капак на се, во близината ни се погоди фабрика за сточна храна. Епа ела заспиј кога ќе почне да го меле житото. Ух каква ноќ.

споменик на гарибалди

Но утре стигнуваме во Аграте, ќе се частиме по еден туш, ќе јадеме на маса, ќе излеземе во Милано и ќе спиеме на меко. Одамна немавме спиено на душек. Бевме подготвени за вакво нешто, но го правевме прв пат. Ќе издржиме некако. Само уште оваа ноќ.


Прочитајте ја последната страница (ден 19) од патеписот „Мојата прва експедиција" наредната среда на 30.03.2016

јован и свети јован

вообичаена глетка на италијанските улици

зајдисонцето во парма

последната вечер

23 Март 2016

За авторот