Понеделник, 01 Август 2011

Мојата прва експедиција – Ден 15 (Понтедера-Винчи-Галено 79км)

Тоскана е убава пријатна земја. Мене ми се допаѓаше уште пред да ја запознаам. Очекував да видам убави пејсажи. Отсекогаш ја замислував како ридеста земја со лозови насади и плантажи со малсинови дрва. Во подножјето на ридот ќе почнува дрворед што ќе заврши на врвот на ридот кадешто ќе се наоѓа куќата на домаќините и другите објекти. Тоскана беше токму тоа. На сето тоа додадете ги и Апенините, па Фиренца, Пиза и Сиена, морето.

Претходни страници од книгата: Ден 14


Утрото нè разбудија луѓето што одеа на работа. Се наоѓавме во некоја индустриска зона. Но сепак, убаво бевме сокриени позади некои трња, па луѓето не можеа да не видат. Секогаш се обидувавме да не привлекуваме многу внимание. Се собравме и тргнавме накај градот. Целиот бев со рани од комарците. Лоша напаст. Патот не одведе право во центарот. Плоштадот беше полн со луѓе, но претежно постари. Овие Италијани се некако различни од оние во Лигурија. Тие беа малку позатворени. Посомничави. Имав чувство дека не доживуваат како некои што сакаат да украдат нешто од нив. Овие беа поотворени и веднаш почнавме да разговараме. Изгледа дека одвај чекаа во градот да дојде некој нов што ќе ги праша нешто токму нив. Многу им се зборуваше.

Зборуваа чист и разбирлив италијански. Немав проблем да ги разберам. Марко и Јово влегоа во некои од продавниците. Онака, чисто да не ги слушаат старите што зборуваат, кога веќе не мораат. Но јас сакав да ги слушам. Ми раскажуваа за градот, историјата, за Тоскана, за семејството Пијаџо, нивната гордост. Кога првиот пат Јово ми спомна дека кога сме веќе во Италија ќе ја посетиме и фабриката на Пијаџо, реков: во ред. Ама јас не ни знаев каде се наоѓа седиштето на Веспа. Ни Јово не знаеше. Веднаш го најдов на интернет и видов дека се наоѓа во Тоскана. Ама ова не ни е на патот, си помислив. Ама му ветив дека ќе одиме. Сакам Јово да оди во музејот и фабриката на Веспа бидејќи е голем Веспа фан. Но сепак, не згрешивме што отидовме до таму.

Од плоштадот отидовме во фабриката на Пијаџо. Момент на вистината. И навистина музејот не работеше. Веднаш промена на планот. Па сигурно нема да седиме во Понтедера да дојде вторник за да отвори музејот. Одиме во Винчи да се поздравиме со Леонардо. Веднаш тргнавме на запад. Картата си ја вршеше работата. По целата должина на патот имаше населени места. На една бандера покрај патот имаше јавна покана за свадба за сите луѓе што сакаат да одат. Онака, објавуваш за сите да знаат и кој сака ќе си донесе пиење и ќе си присуствува на журката. Ќе има луѓе што ги знаеш и што не ги знаеш. Супер.

Не очекувавме Винчи да биде толку далеку. Но сепак уживавме во Тоскана. Како што кажав погоре, Тоскана испадна токму онаква каква што ја замислував. Прекрасни мали средени села. Местоположбата на секое село беше посебна. Сите села беа сместени на специјално место. Така возејќи слушнавме сирена од камион. Што ли му е па на овој, си помисливме. Убаво си возиме на страна. И на првиот кружен тек камионот застана и излезе човек. Почна да вика и да зборува на македонски. Тоа беше Зоки од Македонска Каменица кој што живее во Алесандрија со своето семејство. Пред две недели имаше добиено син и ни рече дека набрзо ќе оди во Каменица и не покани да му одиме на мекици. Третата куќа десно од плоштадот во правец на Саса. Тоа беше уште еден Македонец што не можел да успее во Македонија и се обидел во странство. Не се пожали. Само рече дека му фалеле повеќе Македонци, иако ги имало многу во околината на Алесандрија. Тој си се качи во камионот и си продолжи по патот, а и ние кон Винчи.

Видовме патоказ за лево. Свртевме и поминавме покрај фабриката за сладоледи на Самонтана. Мирисаше на слатки работи. Го видовме и патоказот за Винчи. Добредојдовме. Се уште беше претпладне. Решивме да ја најдеме куќата на Леонардо па да јадеме. Така се упативме нагоре по патот. Таму разбравме дека Леонардо всушност не е од Винчи, ами од Анкиано. Ама бидејќи Винчи е поголемо село, тоа презиме и го земал. И возевме нагоре. Беше многу жешко. Не е ветерот најголем непријател на велосипедистите, туку сонцето. Тоа може да те утепа, да те исуши. Така се почувствував во тие моменти. Беше толку жешко, а ние притискавме да стигнеме во куќата-музеј. Ух колку ли ми беше жешко? Никаков пејсаж во тој момент не можеше да ме олади, да ме освежи. А околината беше прекрасна. Насекаде непрегледни плантажи со маслинки. Покрај патот имаше од оние огради од камења, ама не ѕидани, туку така само редени. Тие се уште поинтересни. Ептен природни, амбиентални. Угорницата беше многу напорна, помножено со жештината, и одземи го значењето на посетата на родната куќа на Леонардо. Можеби и се исплати.

И стигнавме. Куќата се реновираше. Половина беше затворена заради реконструкција, но други три соби беа отворени. Значи сепак некој музеј работи и во понеделник. Беше интересно да се посети тоа место. Видовме оригинални записи, нацрти, скици и планови на Леонардо од Винчи. Се гледаше дека е генијалец во најава. Всушност тој се уште бил анонимус додека не излегол од Винчи. Својата слава ќе ја достигне кога ќе се пресели во големите градови Фиренца и Милано. Внатре имаше и еден кустос кој што, за чудо, зборуваше и англиски. Убаво ни објасни се што треба да видиме, направивме и некоја фотка и плус се беше бесплатно.

Следуваше брз спуст до Винчи. Веднаш влеговме во еден парк каде што имаше вода. Земав да перам некои алишта додека Јово го правеше ручекот. Овој пат за тројца. Каде ли беше Гоце сега? Се најадовме убаво и легнавме да спиеме, како што е ред. Барем додека да помине жештината. Сигурно нема да го разгледуваме градот по сонцето? Спиевме убаво. Градот беше тивок. Беше значаен, но не многу посетен. По некое време не разбудија некои палави деца коишто не престануваа да испуштаат досадни крици. Беше неиздржливо. Марко се изнервира и им свика да престанат. Мислам дека продолжија. Потоа во паркот дојдоа некои млади луѓе и почнаа да не гледаат чудно. Веќе се направи гужва и немаше смисла да се мачиме да заспиваме. Ајде си одиме од тука. Измивме садовите и тргнавме во разгледување на градот.

Тоа беше мало гратче сместено на врвот на еден рид. Од сите страни беше опколено со ридови и маслинови насади. Се беше во знакот на Леонардо и Човекот од Ветрувиј. Имаше еден голем музеј и неколку продавници за сувенири. Убаво го средиле сето тоа. Пазаривме некој сувенир и тргнавме накај музејот. 15 евра за влезница??? Многу е. Бегај надвор. Сепак не сме тука да посетуваме музеи, а уште помалку музеј посветен на Леонардо да Винчи во пубертетска фаза. Тоа е тоа. Се враќаме назад. Марко изјави дека не сака да се враќа во Понтедера бидејќи и онака немал инетерес да го посетува музејот на Веспа, па ќе продолжел кон Фиренца и таму ќе се најдеме следниот ден. Се симнавме заедно до главниот пат. Тој тргна лево за Емполи, ние десно за Понтедера. Останавме двајца. Со Јово се договоривме да не се враќаме по истиот пат туку да одиме по други споредни патчиња. Им викав: Тоскана не е на автопатиштата, туку по споредните улици. Така ќе ја доживееме уште поубаво. Бев среќен дека можам да ги посетам Тоскана и Прованса во Франција, и тоа со точак. Онака полека, без брзање. Токму да ги доживееш.

Тргнавме по некоја угорница. Пејзажот не се менуваше никаде. Каде и да погледнеш имаше маслинки. Малечки села, градови на сите страни. Кај Галено свртевме лево. Тој пат водеше до Понтедера. Се договоривме да спиеме подалеку од градот. Да бидеме на тивко, надвор од населено место, а сепак да сме на високо и да имаме да возиме сабајле за да се загрееме. Додека сеуште се гледаше видовме една шума покрај патот. Го имаше оној знакот за приватен имот, ама не се загриживме многу. Одвреме-навреме ќе пролеташе некој хеликоптер со канистер со вода. Гасеше пожари некаде. Во близината на нашата шума имаше тазе изгаснат пожар. Уште мирисаше. Сепак, се распославме. Јас го пуштав шаторот, а Јово правеше вечера. Се извадивме од торбите. Се што ни требаше за вечерта. Ги поставивме и знамињата. Извадив и апарат да сликам, како што правевме секоја вечер. И кога сликнав се вклучи блицот и веднаш кон нас светна огромен моќен фар. Не заслепи. Одма знаевме дека тоа ќе биде полиција. Се наоѓаме на приватен имот и можеме да имаме проблеми. Со колата се доближија до нас, но се уште држеа растојание на патот.

Фарот светеше накај нас за да не заслепи. Јас се упатив кон нив со кренати раце и зборувајќи на италијански. Сакав веднаш да оставам впечаток дека не сме им опасност. Немој па да запукаат. Што знаеш? Човек од страв се прави. Мавтав со рацете и викав: Добро вечер пријатели. Ние сме велосипедисти од Македонија. Тука сакаме да преноќиме. Добро вечер пријатели. Тој ми зборуваше на мегафон и рече да застанам. Јас не можев да видам ништо од силната светлина. Потоа видов дека излегле од кола и доаѓаа накај мене. Значи се опуштиле. Продолжив да им објаснувам кои сме. Се доближија до нас. Почнаа да ми зборуваат со авторитетен глас. Реков дека не сакаме никому да наштетиме. Им покажав дека сме пуштиле шатор и дека спремаме вечера. Ништо страшно. Прво не искараа затоа што сме на приватен имот. Потоа ни нагласија дека во цела Тоскана имало пожари и дека е опасно да се престојува на отворено. Рекоа дека ќе мораме да се собереме. Мораме да одиме во градот. Сфативме дека целта им е само да не откачат од областа што беше нивна одговорност. Рекоа само да ја напуштиме околината на блиското село и да одиме во Понтедера бидејќи што и да се случи таму има кој да изреагира. Има противпожарна служба. На крај им објаснивме дека сме биле во Винчи бидејќи музејот на Веспа не работел, па сме морале да утепаме уште еден ден.

Еј ама се израдуваа дека сме фанови на Веспа. Не им се веруваше дека луѓе од Македонија дошле во нивниот град само заради Веспа, па и жртвувале цел ден бидејќи музејот бил затворен. На крај ми побараа пасоши за да не регистрираат за секој случај и муабетот го свртевме на пријателски. Веспа, велосипедизам, фудбал. На крај фалеше само уште да се изгушкаме. Абе пријатели. Си заминаа дури откако се уверија дека почнуваме да го собираме кампот. Тие заминаа и ние по нив. Тоа беше првиот и единствен пат да имаме ваков контакт со полиција. И беа во право. Не предупредија за наше добро. Се може да се случи.

Тргнавме во правец накај Понтедера. Ама веќе беше темница. Како ли сега да најдеме место за спиење? Тогаш видовме голема ливада покрај патот. Немаше ни километар од претходното место. Се распославме пак. Логорувавме покрај пат, ама бевме затскриени од дрва. Јадевме и легнавме. Јово влезе во шатор, а јас спиев на отворено. Тлото малку боцкаше. Имаше од онаа боцква трева и одвај си го наместив лежиштето.


 Сврти на наредна страница – Ден 16