Недела, 31 Јули 2011

Мојата прва експедиција – Ден 14 (Бордигера-Пиза-Понтедера 37 км)

Утрото морето беше мирно. Се разбудивме таман кога сонцето беше излезено. Локалците веќе почнаа да доаѓаат на плажата, тоа беа главно постари луѓе коишто имааат обичај да си ги завршат утринските обврски и да си дојдат на плажа. Како што ние одиме на прошетка или да се видиме со нашите пријатели во парк, така овие луѓе си одат на плажа. Си доаѓаат само по купаќи, и мажи и жени, и си пуштаат пешкир и легнуваат. Носат весници, овошје и вода. Ништо повеќе. Само лежат на песокот и си дофрлуваат нешто како да прават муабет.

Претходни страници од книгата: Ден 13


Беше многу тешко за мене да разберам што зборуваат. Исто како жените во продавницата на границата со Франција. На крај дојде и еден дечко со нуркачко одело и харпун. На појасот имаше врзано мрежа. Нурна да лови риба на здив. Многу интересно. Сите го чекаа да излезе и да видат што уловил.

Се собравме и тргнавме кон Сан Ремо. Таму требаше да го фатиме возот и да се поздравиме со Гоце. Постојано се расправавме, ама сепак ми беше криво што го оставаме. Не сакав да вози сам. Не дека е опасно или досадно, туку бидејќи поминувавме низ убави места кои што вредеа да се споделат со друг. Ништо друго. Набрзо стигнавме во Сан Ремо. По целата должина на патот имаше туристички населби. Во градот немаше ништо посебно. Немаше таков гламур каков што имаа градовите на француската ривиера. Италијанците се малку поискрени. Не глумат многу.

Градот е познат по музичкиот фестивал и ништо повеќе. Ах да, и трката Милан-Сан Ремо. Се повозевме по главната улица чисто да го разгледаме, но и да ја побараме железничката. Патокази имаше насекаде, но не беа баш јасни. Прашавме за патот и ја најдовме станицата. Како што ни кажаа, спроти полициската станица. Влегов внатре да прашувам за карти. Си ветив себеси дека ако картата е поскапа од 40 евра веднаш ќе тргнам на север кон Милано и нема да одиме во Понтедера. Едноставно немавме време. Влегов внатре и застанав да чекам ред пред на билетарата. Прашувам колку е карта до Пиза, ама со три точаци. И тој смета, смета…гледа во мониторот и ми вика 57 евра. За тројца, го прашувам. И три точаци, ми одговара. Абе си викам да не е скриена камера ова. Како е можно картите да се толку евтини? Подоцна видов дека карта за еден човек е 15.50 евра и плус 3.50 за точаците. Значи си ги наплаќаат и нив. Поштено. Што ќе дојде по 19 евра по човек. Па тоа е за пола помалку од она што го очекував. Излегов надвор да им ја соопштам убавата вест. Ама два пати ќе сме менувале воз. Абе нема гајле. За тие пари се исплати. Потоа се обидовме да го разубедиме и Гоце да земе воз бидејќи така би заштедил пари. Ќе плати 19 евра за пат од 300 километри, коишто иначе би ги возел три дена и ќе потроши најмалку 30 евра за јадење. А каде се цигарите? 

Потоа требаше да се поздравиме со Гоце. Него му беше сеедно. Со нас беше само две недели, а до дома му остануваат уште 20 дена. Тоа беше големината на неговиот подвиг.

Отидовме на станицата да го чекаме возот. Зградата беше од бетон и вкопана во самиот рид. Имаше некаков футуристички изглед. Искрено, мене не ми се допаѓаше многу. На станицата разговаравме со човек што патуваше во ист правец како нас. Ни објаснуваше зошто картата била толку евтина. Рече дека тоа е така за да се мотивираат луѓето да патуваат и со тој воз бидејќи сите оделе со брзиот воз којшто е многу поскап, но побрз. Се качивме на воз. Ги бутнавме точаците во делот кадешто седевме. Онака, без врска, исто како што правиме и во нашите возови. Никој ништо не ни рече. Требаше да смениме уште два воза. Еден во Џенова и еден во Ла Специа. Кога дојде кондуктерот немаше никаков проблем. Ни ги провери картите и почнавме муабет. На крај не праша каде ни е листот на којшто пишува кога сме ги поништиле картите. Казна за непоништен билет е 40 евра по човек.

Веднаш до билетарата каде што сум ги купил билетите имало некоја машина каде се става билетот кој што ќе биде поништен и ќе пишува време кога тоа било направено. Тоа се прави заради заштита. Да не можеш да ги користиш билетот кога сакаш. На крај се договоривме да ни наплати само 5 евра вкупно. 5 евра казна се плаќа во случај да сте немале време да го поништите билетот, но кога ќе се качите во возот морате веднаш да му пријдете на кондуктерот и да му кажете дека сте доцнеле и не сте го поништиле билетот. И тоа ни беше многу ама си плативме.

Седнавме во седиштата и веднаш потонавме во себе. Никој ништо не зборуваше. Само молчевме и гледавме кон морето. Возот постојано се движеше покрај морето и плажите, а застануваше во секое гратче. Имало-немало луѓе тој ќе си застане. Мала пауза и продолжува. Затоа патувањето ни одзема толку време. За некое време стигнавме во Џенова. По пат го гледавме големото пристаниште. Најголемо во Италија. Имавме само 11 минути за да го најдеме следниот воз за Ла Специа. И трчавме низ станицата избезумени. Дознав дека е на перон (бинарио на италијански) 11.

Некако го фативме и се качивме. Дојде кондуктерот и пак истиот муабет. Зошто не сме ги поништиле картите? Во вагонот се качија и две девојчиња од Америка, па беше убаво да се разговара со нив. Нешто за промена. Така разговарајќи стигнавнме во Ла Специа. Тој град го знам од времето кога таму играше Пандев. Имавме 45 минути до следниот воз. Марко остана во Мекдоналдсот да јаде и да полни телефон, а ние демек ќе шетавме низ градот, ама додека излеговме од станицата помина времето. Ајде назад. Дојде возот и се качивме во предниот дел. Во овој воз имаше и простор за велосипеди. Домаќински. Си седнавме и си разговаравме за велосипедизам со кондуктерот. Ни се приклучи и уште едно момче кое што одеше да вози по планините во областа Марке, централна Италија. Интересно искуство. И конечно стигнавме во Пиза. За неколку саати поминавме 300 километри. Тоа ни заштеди време и пари. Имавме мала промена. Можеме да кажеме дека овој ден сме одмориле, иако поминавме околу 60 килоемтри. 

Од порано знаев дека во Пиза нема ништо друго освен тоа кулата и црквата. Убаво мало гратче со тесни улички. Бевме гладни. Начекавме еден донер и веднаш влеговме да јадеме. Дечките внатре знаеја неколку турски зборови. Мислам дека беа Мароканци. Јадевме по два донера со две литри кока кола. Каков ли е тоа оброк? Фантазија. Така најадени отидовме кај кривата кула. Таму имаше и убава голема црква, а понатака уште поубава крстилница. И над нив кривата кула од Пиза. Сирота како се искривила. Читавме историја за нејзе, ама и Марко нешто знаеше па ни раскажуваше. Имаше многу народ. Се сликаат, чекаат ред за да влезат во кулата, лежат по тревата. Ние веднаш ги извадивме знамињата, да се знае кој дошол, ги врзавме за точаците и легнавме на тревата. Правиме се што прават останатите. Лежевме токму под кулата и и се восхитувавме. Тоа е убаво историско место. Станав и отидов да прочитам нешто за кулата да не гледам како теле. По некое време ни се придружи извесен Ќамурдан од Шутка. Таму живел веќе некое време, па си ја повлекол и фамилијата, па и за жена му нашол работа, ама пак не стигнувале пари. Беше радосен дека може да зборува македонски. Имал гости од Скопје па ќе ги носел на море. Јас имав впечаток дека сме многу далеку од морето. Но висински бевме на ниво на морето и одалечени само 10 километри. Всушност, во минатото Пиза излегувала на море, но со текот на времето наносот од реката Арно создаде плодно земјиште и го одалечила брегот од градот. Во минатото Пиза била поморска сила.

Го чекавме и го видовме зајдисонцето, а потоа веќе беше време да тргнуваме во правец на Понтедера и да бараме место за спиење. Од Пиза до Понтедера имаше 27 км ама не моравме да стигнуваме токму до Понтедера, бидејќи секако следниот ден ќе стигневме таму. Само што излеговме од градот влеговме во друг, па во трет…и постојано населени места. Нема каде да се залегне. Така возејќи стигнавме и до Понтедера. Се сместивме во близина на пожарникарската станица. Комарци колку сакаш. Насекаде вриеше од комарци. Колку ли се само досадни. Ако треба да бирам животно/инсект да се уништи, за комарците око нема да ми трепне. Најдосадно нешто. Се облековме и почнавме да готвиме вечера. Јадевме и го извадивме виното со италијанско сирење. Убаво мезе за пред спиење. Не спиев во шатор бидејќи сакав да бидам на отворено.

Ова беше во ден недела. Марко постојано не предупредуваше дека музејот нема да работи бидејќи ретко каде музеите работат во понеделник. Ќе видиме сабајле….


Свртин на наредна страница – Ден 15