Младински олимписки игри НАНЏИНГ 2014

Во периодот 16-28 Август 2014 година во Нанџинг (Н.Р. Кина), ќе се одржат вторите Младински олимписки игри, на кои ќе настапат најдобрите млади спортисти од целиот свет.

 

Македонскиот олимписки комитет обезбеди учество за 5 (пет) млади спортисти од Македонија кои ќе имат можност да ги одмерат своите сили со своите врсници од целиот свет. Во изминатиот период младите спортисти имаа квалитетни подготовки и учество на официјални натпрвари целосно финансирани од страна на МОК, а финансиската поддршка ќе продолжи до почетокот на МОИ НАНЏИНГ 2014.

Олимписката делегација ја сочинуват:

– Ана Ивановска (спортско стрелаштво 10м. воздушна пушка) – со официјално лице во придружба Иванчо Ивановски

– Стефан Јанкуловски (пливање- 200 м и 400 м) – со официјално лице во придружба Боро Блажевски

– Елмедин Сејфулау (борење – слободен стил) – со официјално лице во придружба Седат Бафтија

– Јован Јованоски и Андреј Петровски (велосипедизам – екипно) – со официјално лице во придружба Сашко Ванчевски.

Македонскиот олимписки комитет преку своите контакти со ИОК обезбеди официјални покана и за Нина Балабан (спортско стрелаштво) која од страна на ИОК е назначена за млад амбасадор на МОИ НАНЏИНГ 2014.

Шеф на мисијата (официјално име за Водичот на Олимписката делегација на МОК) ќе биде Владимир Богоевски, спортски директор на МОК.
Деновиве Елмедин Сејфулау ќе учествува на младинското светско првенство во борење слободен стил, а потоа ќе замине и на завршни подготовки во Бугарија. Стефан Јанкуловски е веќе во летниот олимписки камп во Шарлот, САД каде што тренира со најдобрите американски пливачи. Ана Ивановска учествуваше на натпреварите од светскиот куп во Москва, Минхен и Љубљана, а деновиве треба да замине и на завршни подготовки со најдобрите стрелци од Србија. Велосипедисот Јован Јованоски учествуваше на Младинското светско првенство во Јужна Африка, а Андреј Петровски е на подготовки во Швајцарија.
Веруваме дека со овие квалитетни подготовки и контролни натпревари, целосно финансирани од страна на МОК, нашите млади спортисти ќе постигнат добри резултати на игрите со што ќе го оправдат своето учество на МОИ НАНЏИНГ 2014.

Извор