Месец мај, месец на велосипедисти

Месецот Мај, во Република Македонија е прогласен за месец на велосипедисти. Би сакале да ве потсетиме зошто, на многу начини, возењето на велосипед е одлично за Вас, и за вашата околина.

 

Најпрво, здравствениот аспект: Возењето велосипед претставува одлична кардио вежба. Ќе ви ја зголеми кондицијата, ќе ви го подобри општото здравје, ќе ви помогне да ја достигнете и задржите вашата идеална тежина. Ќе ви се зголеми тонусот на мускулите, ќе ви се затегнат нозете, грбот, задникот, стомачните мускули, рамениците и рацете. За време на возење велосипед, се зголемува лачењето на ендорфин во вашиот мозок, што прави да се чувствувате среќни и расположени. Се на се, ќе бидете поздрави, посилни и посреќни.

Следен е еколошкиот аспект. Речиси секој велосипед во сообраќајот значи моторно возило помалку на улиците. Земајки го во предвид фактот дека еден автомобил годишно испушта околу 4 тони јаглерод диоксид во атмосферата, плус сите останати отровни и штетни гасови, секој велосипед во сообраќајот претставува светла точка за околината, општеството и иднината.

Сообраќајниот аспект е крајно позитивен, исто така. Велосипедите зафаќаат малку место во сообраќајот, агилни се и лесно подвижни. Велосипедот во часовите на сообраќаен метеж е привилигирано возило со кое се стига побрзо, полесно и со многу помалку нервоза. Воедно, секој велосипед значи возило помалку, и помалку гужва на улиците.

И на крајот, но еднакво важен, е економскиот аспект. Набавката на велосипед е неспоредливо поефтина постапка отколку купувањето на моторно возило. Нема трошоци за гориво, нема трошоци за паркирање (целиот град е огромен бесплатен паркинг за вашиот миленик на две тркала!), а трошоците за одржување се занемарливи во однос на било кое друго возило.

Затоа, возете велосипед. Доколку не сте сигурни дали сте за тоа или не, барем обидете се. После само неколку часа, ќе се уверите дека тоа е мудра постапка и за Вас, и за околината.

Автор

RSBSP

Скопје

Македонија