Маратонска година +1

Доколку мотивацијата за редовен џогинг ви е на ниско ниво, тогаш прочитајте како оваа средовечна жена сака да успее за една година, од вкупно 365 дена да истрча 366 маратони. Да добро прочитавте, секој ден 42 километри трчање, а еден ден дури 84! Затоа без изговор станете, спремете се, да се истрча зацртаната дистанца, за на крајот од денот со спокоен ум и тело да им заблагодариме на луѓето кои сеуште се способни да не инспирираат.

Откако на Анет Фредсков од Данска и беше дијагностицирана мултиплекс склероза, таа реши на малку поинаков начин да се справи со болеста со тоа што ќе си зададе амбициозна цел, да истрча 366 маратони за една година. Овој проект го започна на 15 Јули 2012 година, а до сега има поминато повеќе од 100 маратони. Нејзините подготовки се воглавно ментална припрема за трката што следи, а нејзиниот персонален рекорд е 3 часа и 36 минути, иако на овој проект неа не ја интересира времето туку успешно завршената трка. 

Доколку се прашувате дали се чувствува исцрпено, таа вели дека никогаш не се чувствувала подобро. Тој сладок умор на крајот од денот, не е никаков проблем за Анет да продолжи со следниот маратон од листата, бидејќи нејзиното тело со секоја трка станува се појако, а нејзиниот ум повитален. Според неа, доколку ги натера телото и умот да работат заедно, се надева дека ќе ја победи болеста, ќе остане мотивирана и полна со елан за животните предизвици.  

Во остатокот од денот таа води нормален живот со своето семејство, кое потполно ја поддржува во проектот, јаде многу повеќе сладолед од предходно, секоја вечер ги стимулира мускулите со помош на електроди, а еднаш неделно оди на физикална терапија за редовна контрола и масажа. 

Интересен податок е што оваа супер жена почнала да трча маратон пред две години. До тогаш, не била особено мотивирана за физичка активност и немала пасија кон природата. Тоа ни кажува дека со секој нов ден, имаме нова можност за промена, само треба да ја препознаеме и искористиме.