Наслов

Тосев со голем успех на војнички маратон во Швајцарија

Во близина на Цирих, Швајцарија во малото градче Фрауенфелд се одржа 81-от војнички маратон (militarwettmarsch) со повеќе од 200 учесници. Наш преставник од АРМ беше Жан Тосев кој ја заврши трката со време 3:32:31 и се закити со прво место во конкуренција на учесниците од странски армии.

" Маратонот се трча во околината на Фрауенфелд, низ други помали гратчиња и села, цели 42,2км, (со висинска разлика од 520м +-) , по секаков терен, асфалт, земја, трева, низ шуми полни со срни, покрај пасишта за крави и овци. Најинтересно е тоа што и низ најмалите места, па и во шумите имаше луѓе што те бодрат, а секако и тоа дека цело време ме бодреа брат ми, со роднините и пријателите кои што работат и живеат во Швајцарија, како и сите други луѓе на кои што им беше мило што го гледат македонското знаме на мене.. За припадниците на армиите, се трча во униформата на својата земја, со свој борбен ранец, и ти позајмуваат пушка, која мораш да ја носиш, во принцип на ранец, со цевката нагоре. Тежината на ранецот со пушката мора да ти биде 6,2кг и ја мерат непосредно пред трката.

Капата може, но и не мора да ја носиш. Надолу си со патики, бидејќи едноставно е невозможно да трчаш маратон во чизми. Маратонот и без ништо на себе е тежок, а пак со тежина на рамења, каишите колку и да се квалитетни те сечат, колку и да си ставал сунѓер за изолирање, рамењата ти паѓаат, ти отрпнуваат рацете. Пушката е незгодна, бидејќи како и да ја стегнеш и наместиш, ти скока и се бориш цело време со неа, шета лево и десно. Инаку на овогодинешното издание припадници на швајцарската армија кои беа наградени за своите јубилејни 50, 30, 20, и 10ти учества по ред, каква традиција! Пред стартот, со воен оркестар и музика се маршира од касарната до местото за старт и сите луѓе излегуваат да не поздрават. И што е доста интересно за мене, стартот не е одбележан со пиштол, туку со 80 години стар голем топ, кој што буквално те дига од земја кога ќе пукне. "- Изјави Тосев за К4Т

16 Ноември 2015

За авторот