Мојата летна ултра авантура

Мала шарпланинска трансверзала – големо планинско искуство

Полека и мрзеливо, но во одлично темпо на опоравок минува вториот ден после сериозното викенд ултра искуство кое го имавме трчајќи ја Малата Шарпланинска Трансверзала, а впечатоците започнуваат се посериозно и живописно да се навраќаат. Да се мине речиси половина од билото на грандиозната Шара во една единствена сеанса и целосно самоодржливо претставува сериозно голем подвиг и уште посериозно искуство и истражување на себеси, природата и многу повеќе. 

Малку за Шара

Шар Планина претставува еден од најголемите планински масиви во Македонија кој во својата должина се протега околу 80 километри почнувајќи од Качаничката клисура над која се издига врвот Љуботен на североисток до врвовите Лера и Морава на југозапад. Самиот срт на Шара преставува една од најмаркантните географски обележја на овој дел од Македонија и карактеристично за истиот е тоа што константно се протега на над 2100 метри надморска висина во негова цела должина. За мене лично, таа претставува своевиден симбол на македонските планини.

Кратка историја за Западната Македонска Трансверзала

Во 1974 година, на иницијатива на планинарското друштво ЕЛЕМА (денешен ДПС Трансверзалец) беа поставени темелите на една од најатрактивните планинарски трансверзали во тогашна Југославија – Западната Македонска Трансверзала која во должина од околу 180 километри движи по целото било на целата Шар Планина, Бистра, Стогово и Караорман за да финишира во Охрид. Просечно време за минување на оваа планинарска авантура е околу 8 до 10 дена и истата се минува скоро целосно самостојно со кампување во шатори и носење на целата опрема.

Малата Шарпланинска Трансверзала со трчање

Паралелно на ова, од 2014 година па наваму една неформална група на македонски планински тркачи започна со своите блесави идеи за минување на дел од истата – поточно врзување на Старо Село со Попова Шапка во помалку од еден ден – реално изводлива опција ако се нафати спремна, компактна и искусна екипа.

Во 2014 формираната екипа има отидено на првично испитување на теренот – дел попатно се откажале, дел завршиле некаде под Вртоп спуштајќи се во селото Вешала. Минатата година веќе многу покомпактна трочлена екипа составена од Жикица Ивановски, Јовица Јованчев и Александар Симјановски ја поминаа трансверзалата. И тоа Жико и Јоцо преку Титов Врв и Вакуфска до Попова Шапка, а Симјаноски преку патото од Долна Лешница до Попова.

Јули, 2016 година

Оваа 2016, пак, ред беше на помладите, секако со поддршка од постарите и поискусните. Се собравме јас, Игор Јосифов, Жикица Ивановски и Александар Симјаноски кој поради обврски реши да не дружи само до Пирибег.

Поради искуството од минатите години договор падна да се отиде петок 22.07.2016 приквечер во Старо Село и убаво да се отспие во шатори до кај 3 часот наутро бидејќи раното (на полноќ) станување и тргнување изминатите години се покажало како неефикасно и повеќе малтретирање отколку заштедување на време.

Се сместивме некаде во 22 часот на игралиштето во Старо Село кадешто испадна дека е главно место за собирање на околните деца и млади – нешто што наговестуваше на не толку добар сон. Кратка вечера и правец во вреќа. Ноќта беше топла и пријатна за спиење, небото беше чисто, а во долината се приметуваше грозниот чад од Југохром кој на момент се издигаше и до Старе Село. Од Скопје во далечината се гледаше само малото плаво „Крсче” на оттаму гледаното џуџе Водно. Капакот од тинејџерскиот џагор и „тјунираните” југовци дефинитивно не убеди дека подобро ќе беше да ги поставиме шаторите погоре во селото, некаде кај гробиштата, барем таму е секогаш тивко.

Прв аларм во 2:30 – снуз. Втор во 3:00, стануваме средуваме шатори, спремаме патики, некоја банана и веќе за 50тина минути сме спремни за старт. Полниме вода од горната чешма и полека го фаќаме макадамскиот пат за Љуботен.

Стартувавме свежи и полни со енергија, единствено Жико најверојатно не можеше да се загрее бргу па заостануваше и одеше поспоро. Гледавме да не форсираме премногу, но убавото утро ни даваше одлична енергија и наговестуваше прекрасен ден во планина. Држевме константно темпо до домот, кратка пауза за полнење на вода – најважниот детал до ваквите герила акции.

Самата Шар Планина во контекст на вода претставува доста интересна бидејќи и на таа висина од 2000 метри, таму е релативно лесно да се начекаат извори под поголемите врвови. Сепак, планирањето особено во вакви напорни акции е од круцијално значење. Попатно вода знаевме дека има под врвовите Куле и Ливадички пред Пирибег, после тоа према Езерски вода има единствено ако се симнеш до езерата, Кобилица некаде на страната која гледа према Лешница има бројни потоци, а накај Шилеџе, Вртоп и Караникола вода има на секој чекор. За делот накај Лешница долу, да не правиме муабет. Сепак, вака личи напишано, во реалноста секако дека е поинаку.

Го качуваме Љуботен и некаде на 2000 го фаќаме првото сонце. Времето утрото беше екстремно пријатно, со некое свежо ветарче. Од врвот го фаќаме „ѕидот” надолу према седлото веднаш до Козја Стена т.е. западниот гребен кој е навистина екстремен и треба да се внимава. 300 метри висински се симнуваат навистина експресно.

Оттаму започнува класичната треил патека која движи на некои 2100 метри висина под самиот срт на Куле и Ливадица. Започнуваме лесно да трчаме и после неколку километри по договореното скршнуваме према Ливадички врв. Сепак, не го качивме сртот и врвот туку некако фативме по малку незгодна патека и движевме цело време косо. Реално ако одиш директно по патеката до самото подножје на Пирибег на крајот ќе ти остане само едно стрмно качување до врвот, а вака е малку поинаку, можеби позезнато. Сепак, штеките кои ги земавме сите тројца кои планиравме да ја тераме цела трансверзала се покажаа како одличен партнер во вакви услови и отсега сум сигурен дека никогаш не би одел без нив.

Без разлика на малку зафркнатиот терен движиме понатаму, полниме вода од еден извор и пристигаме до Пирибег за околу 4 часа и 10 минути. По договореното тука се раздвоивме со Симјаноски кој си се врати преку Љуботен назад во Старо Село, направивме мала пауза и најважно од се, тој ни ја даде водата од еден негов бидон за секој случај – а тек да не ни ја дадеше… Жико во негово шишенце од пола литар ја зема оваа вода во ранче и тргнавме кон стрмното спуштање од Пирибег.

Оттаму следи пристапот кон Чаушица т.е. најдивтарскиот дел од Шар Планина каде сртот и врвовите во 80 посто се исполнети со огромни блокови на камења, сипари и навистина сериозен терен. Сепак, ако го гледаш од друга перспектива, тој дел мене најмногу ми се допаѓа. Тука движевме споро, Јосифов најави дека има мачнини во стомакот па зема две апчиња медицински јаглен. Уште во старт бевме договорени да не се симнуваме до езерата да полниме вода туку да го фатиме сртот и преку Чаушица, Пескови да фатиме накај Бистрица и Црн Врв. Делот е навистина екстремен, потребно е одење по стрмна изохипса во делови и качување и симнување по сериозни камени блокови.

Згора на тоа почнавме и да губиме голем дел од резервите на течности, а следната вода беше далеку од нас. Некако истеравме до седлото пред Црн Врв откаде се открива спустот према Кобилица и Лешница со сета убавина во далечината. Тука Игор Јосифов реши да ја откаже акцијата, а најблиско село до кое можеше да се спушти беше Вејце. Некако го поделивме она пола литро вода од Александар, а последните 100мл. се думавме кој да ги земе – Јосифов на кој му беше малку лошо, или ние кои имавме уште 40 километри пат. Бидејќи Игор беше релативно близу до селото, тие неколку голтки ги земавме ние како последна резерва.

Се разделивме и заедно со Жико продолживме према Кобилица. Мислам дека во тој период и двајцата бевме во одлична свежина но слабата хидрираност започна да ги троши резервите. Згора на тоа, јас конкретно слабо јадев тој дел со страв храната да не ми повлече жед. Пред Кобилица на моја идеја (од трансверзалата 2014) отидовме малку во Косовската страна да ги побараме изворите каде полневме вода. Се спуштивме, тапани, суво… Назад, следен чекор беше према Кобилица т.е. нејзините извори. Ја штедевме буквално секоја капка вода, но не престанавме да трчаме бидејќи реално си поефикасен, а и потребно ти е да најдеш течност што побргу.

Најдовме некаде под Кобилица и Трескавец, седнавме одморивме и не можевме да се изнапиеме. Јадевме сериозно и после кратката пауза продолживме да движиме. Оттука делот е многу попитом и има убава патека за трчање која е релативно лесна. Тој дел движевме прилично солидно, со малку застанување и добро константно темпо. Веќе следно во подножјето на Караниколичко езеро започнавме повторно да осеќаме акумулиран замор. Стигнавме до езерото и направивме втора поголема пауаз. Таму бевме за некои 11 ипол часа. Задолжително ладење во езерото и чистење на патиките и набргу продолживме према Долна Лешница.

Во овој дел пред Караниколичко реално имав проблеми со транзицијата од трчање во пешачење. Трачањето ми одеше сосема лесно, но штом сменев режим на пешачење тогаш тешко ми одеше со смирување на пулсот. Најверојатно поради благата дехидрираност и заморот кој не фаќаше. Тука и падна договорот турата да се скрати т.е. да не се качува и Титов Врв за да не се заглави премногу со време, башка и на Жико наредниот ден му беше роденден, па најверојатно ќе го прославевме некаде на Титов 🙂

Сепак, накај Лешница следи спуст каде ни се врати енергијата и насмевките. Веќе надолу откако влегуваш во делот каде има вода на секој чекор, не треба да се секираш на повеќе од пола работи. Воедно влегуваш во попитом дел од планината, има сенка, убави шуми и макадамски пат, после 50 километри повторно макадамски пат – во наш речник – автопат.

Оттаму во долна Лешница, вода полневме од каде стигневме, сите реки беа солза чисти и со свежа вода и веќе почнавме да ги враќаме резервите на загубени течности. За Попова Шапка тргнавме по патот кој благо искачува. Не бевме во можност да го трчаме, освен рамните делови, но навистина брзо го пешачевме. Мрежа во овој дел немаше никаде па не бевме во можност да го контактираме Александар кој требаше да дојде и да не земе од Попова.

Сонцето веќе здивнува, а ние се осеќаме прилично ок. Го минуваме Церипашинското бачило и тераме на патот над Јелак. Го здогледуваме репетиторот и радоста е веќе неизбежна. Се јавуваме на Александар за да тргнува, а ние собираме енергија да ја финишираме авантурата со убаво темпо.

Најпрво се упативме во планинарскиот дом Смрека со надеж дека ќе ги израдуваме „Трансверзалци” со нашето присуство. Подоцна разбравме дека дента тие биле во потрага по изгубените планинари на Бистра… Се симнуваме на паркингот и превозот набргу пристига.

Сонцето заоѓа а ние успеавме да се транспортираме од Старо Село преку целиот срт на Шара до Попова Шапка за 14 часа и 50 минути неверојатна авантура и животно искуство кое дефинитивно ќе го повторам.

Технички спецификации:

Должина: 66,5km

Висинска разлика: 4000D+ / 3000D-

Време: 14:50

Логистика: не

Фотографии – Александар Симјаноски, Игор Јовановски