Мала лавина, голема беља

Иако ситуацијава мина добро, ова нека биде уште еден потсетник за тоа колку беља може да направи и една мала лавина тазе паднат снег предизвикана од скијачи, и за уште нешто побитно, важноста за опременост и спремност да се реагира на вакво нешто. 

Тројца другари скијаат фрирајд некаде на швајцарско-француската граница. Расположението е на високо ниво со оглед на убавите услови за скијање на длабок, свежо паднат снег, но набргу на малку пострмен терен ситуацијата оди на лошо откако се откачува лавина. 

Двајца од нив остануваат на површина додека еден комплетно го снемува. Еден од нив (дечкото чија камера снима) ја сфаќа сериозноста на ситуацијата и бргу започнува да се мобилизира во акција за пронаоѓање. Од неговиот ранец вади сонда за олеснување на потрагата по затрупаниот и лопата, две многу важни алатки во вакви ситуации.

Иако дечките не поседуваат локатор за барање на затрупани (или во ситуацијата не го користат) имаа среќа што лавината не беше преголема и тоа што едниот од нив го слушна слабиот изивк на затрупаниот (дополнително, неговата штека ѕиркаше на површината). 

Со брза мобилизација и поседување на минимумот потребна опрема за движење во необележани делови двајцата успеаја да ја откопаат главата на затрупаниот со што се овозможува најважниот елемент за преживување во вакви ситуации – дотурот на кислород на затрупаниот.

Овој викенд во несреќен случај на Пирин во близина на хижа Јаворов загинаа тројца млади луѓе во лавина. Обилните врнежи од снег и непочитувањето на препораките за забрана за движење во одредени планински места беа причината за оваа трагична несреќа.

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија