Македонските нуркачи дел од глобалната подводна акција за Гинис

Тим од триесетина нуркачи од „Сојузот на Подводни Активности на Македонија” спелеонуркачкиот клуб „Врело”, „Амфора” од Охрид, „Акватек” од Скопје и „Клубот на Подводни Активности Охрид” викендов учествуваа во најголемата глобална акција за чистење на водите во светот со која се обидоа да влезат во Гинисовата книга на рекорди.

Во втората по ред синхронизирана глобална акција во соработка со GUWAA (Global underwater awareness association) домашните нуркачи заедно со нивните илјадници колеги нуркачи учествуваа во глобалното чистење на уште толку реки, езера и мориња и со тоа се очекува да постават Гинисов рекорд во максимален број на нуркачи- учесници во синхронизирано подводно чистење кое траеше 24 часа во 80 земји од светот.

– Драго ми е што Македонските нуркачи повторно се обединија за ваква благородна мисија, а нивниот број годинава е двојно поголем од лани. Оваа година учествуваме во акција која треба да стане дел од историјата со влегувањето во Гинисовата книга на рекорди, па нашата задача и одговорност се двојно поголеми. Сепак ќе мора да почекаме неколку дена за да излезат официјалните резултати на глобално ниво за да можеме да потврдиме дека сме ја испишале историјата во Гинис. Настрана од ова, чистењето на водните површини во нашата земја е од големо значење и со оваа акција повторно сакаме да делуваме на будењето на свеста кај сите граѓани за важноста на

зачувување на скапоцените природни ресурси на вода за идните генерации- вели г-дин Киро Ангелески, претседател на спелеонуркачкиот клуб „Врело”.

Како и минатата, така и оваа година од дното на Охридското езеро, во двата дена колку што траеше акцијата, беа извадени стотина килограми тежок отпад како гуми, лименки од пијалоци, стаклени шишиња и ситен и крупен железен отпад.

– Посебно задоволство ми претставува фактот што ја имав можноста да го водам тимот кој учествуваше во оваа манифестација составен од мои искусни колеги, долгогодишни нуркачи со кои постигнавме двоен успех. Сакаме оваа акција да прерасне во традиција и да стане препознатлива во светски рамки, како и да влезе во Гинисовата книга на рекорди- вели Периклија Бешка, претседател на „Сојузот на Подводни Активности на Македонија” и додава дека за првпат акција за чистење на тврд отпад во водите на Охридското езеро се бележи во 1996-та година, а оттогаш па наваму активностите се надополнуваат и надградуваат со воведување на конкретни чекори и средства за едукација на граѓаните во заштита на човековата околина со посебен акцент на заштита на водите во Македонија.

Втората по ред синхронизирана глобална акција за чистење на водите во светот почна во Монако, а продолжи со синхронизирано чистење на крајбрежјата во 80 земји од светот меѓу кои беа и нашите соседи Хрватска, Словенија, Србија, Бугарија, Црна Гора, Босна и Херцеговина но и во Франција, Италија, Белгија, Англија и многу други земји.