Македонци доминираат на подиумот на Ултра Треил Стара Планина

Планинските тркачи од македонскиот TREX, Марјан Бонев и Јовица Јованчев, викендов убедливо финишираа на првите места во своите конкуренции во комшиската Скајранинг Лига во Србија. Ако на ова го додадеме и првото место на Тања Стојановски која половично е Македонка тогаш имаме три од три први места на ултрамаратонските трки на Стара Планина. 

Ултра треил Стара Планина (УТСП) е ултрамаратонска трка во планинско трчање која е дел од српската Скајранинг Лига која оваа година брои повеќе вакви настани во текот на годината. Таа се одржува во националниот парк Стара Планина во близина на градот Пирот и источната граница на Србија со Бугарија.

Оваа година во склоп на целото натпреварување беа вклучени три трки со различни должини на кои настапија повеќе натпреварувачи од Балканот, но и од Европа и Русија. На најкратката должина од 20 километри наш претставник беше Марјан Бонев во машка и Тања Манчева во женска конкуренција, на 84 километри нашето знаме го бранеше Јовица Јованчев (минатогодишниот трето пласиран на 122К), Љубиша Андриќ и Дејан Крле, а на најдолгата 122 километарска трка тука беше Србинката со македонско потекло Тања Стојановски.

Во одлична конкуренција од силни натпреварувачи од Русија и Португалија, Јовица Јованчев заврши на првата позиција на 84 км. со време од 11:16, повеќе од час време пред второпласираниот Педро Конде од Португалија. Пред Јовица заврши Русинот Јури Штанков но тој беше дисквалификуван поради нечекирана контролна точка, но Јованчев во спортски дух го подели првиот подиум со него.

Марјан Бонев (кој има повеќе подиумиоваа и минатата година во Скајранинг Лигата) беше неприкосновен на 20 километарската трка со време од 2:01, а Тања Манчева пак заврши на четвртото место во женска конкуренција, додека Тања Стојаноски ја одбрани титулата на 122 километри во женска конкуренција.

Останатите натпреварувачи истотака ги завршија своите трки и придонесоа за одлично целокупно прикажување на македонските потенцијали во планинското трчање.

Фотографии – Скајранинг Србија

 

Автор

TREX

Скопје

Македонија