Интервју со Алберто Ангуло директор на кошаркарската академијата Реал мадрид

Магдевски во Кралски поход на паркетот

Убаво на душата ти е кога ќе чуеш дека двајца млади македонци се дел од спортскиот гигант Реал Мадрид. Едниот (Дориан Бабунски) во фудбалскиот, другиот (Андреј Магдевски) во кошаркарскиот клуб на Реал Мадрид. И двајцата се дел од младинските погони, готвејќи се за големиот спорт и предизвиците да ги полнат нашите срцата, стадиони и сали.

Сакајќи да направиме прилог за Андреј Магдевски како најновото пополнение во младинските редовите на кралевите, исконтактиравме со претставниците на клубот кој со задоволство ни овозможија да поразговараме со Алберто Ангула, поранешен играч на Реал и на Шпанската репрезентација кој сега ја исполнува улогата на директор на академијата на Реал Мадрид. 

Андреј од неодамна е дел од овој тим откако во претходниот период  успешно настапуваше за Белградски Партизан. Неговите почетоци се во тимот на Водно Санс од Скопје од каде што го почнува својот поход на паркетот.

Со своите 190 сантиметри на бековската позиција и своите итри и пргави потези Андреј ѝ дава посебен шарм на оваа игра. Редовен во своите настапи за младинските селекции на нашата репрезентација, очекуваме позитивни резултати на секое поле кај овој млад играч.

Еве како помина краткиот разговор со Алберто Ангуло околу академијата и доаѓањето на Андреј во Реал.

К4Т-Кога за првпат го забележавте Андреј и неговите квалитеи, и дали брзо донесовте одлука дека тоа е профилот на играч кој треба да дојде во Реал Мадрид?

Алберто-Секогаш ги следиме најдобрите млади кошаркари за време на цела сезона, Андреј беше меѓу нив. Кога првпат го забележавме, добивме одлични референци за него и брзо се одлучивме дека тој ќе биде одличен за нашиот тим.

К4Т-За која категорија настапува моментално и како сте задоволни од адаптацијата?

Алберто-Андреј ќе има регистрација за младинскиот тим, но ќе тренира и ќе настапува за ЕБА тимот. Воедно за време на подготовките тој ќе се приклучува на првиот тим и постои можност да отпатува на некој пријателски натпревар. Засега, тој го поминува оној почетен период во клубот и во градот, но неговата адаптација е одлична и нема никакви проблеми.

К4Т-Како е организиран тренажниот процес, односно колку тренери и помошен персонал има секоја генерација?

Алберто-Секој младински тим има главен тренер, помошник тренер, тимски менаџер и 4 или 5 технички лица во зависност од генерацијата.

К4Т-Кажете ни нешто повеќе околу тренинг кампот и помошната инфраструктура која ја користите?

Алберто-Тренинзите на академијата се во истиот објект каде што е и првиот тим. Младите играчи се во непосредна близина на првиот тим и можат секојдневно да ги гледаат нивните тренинзи. Воедно имаа секојдневен постојан контакт со нив. Нашиот персонал се труди максимално да го пренесе професионализмот на првиот тим во академијата односно во сите младински тимови, знаејќи ја важноста на тренингот и едукацијата на нашите кошаркари.

К4Т-Како котира вашата школа по успеси во Шпанија и на надворешни турнири?

Алберто-Последната сезона бевме шампиони во сите младински категории во Мадрид. Воедно го освоивме и Шпанскиот шампионат со категоријата U14, а имаме многу играчи кој се во националните состави. На пример Бланко и Јуста го освоија златен медал во U16 со шпанската рапрезентација, Мартин ја освои бронзата со U18, а Диез исто така освои бронза со U19

К4Т-Колку деца од школата добиле шанса за да играат во првиот тим?

Алберто-Знаеме дека е многу тешко, зависи многу од квалитетот на играчот и на првиот тим заедно. Како што знаете не е лесно да се пробие во професионално ниво на натпревари а уште потешко кога е во прашање Реал Мадрид. Сите работиме да извлечеме максимум од нашите млади потенцијали но времето ќе покаже дали некој од нив ќе се пробие, на нас останува да работиме во тој правец.

Андреј во свој елемент:

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија