Краси Георгиев – 36 часа нон-стоп трчање во добротворни цели

Бугарскиот ултрамаратонец Краси Георгиев изминатиот викенд го спроведе неговиот најнов проект – 36 часа нон-стоп трчање на машина со цел да се поттикне хуманитарна акција за собирање на средства за деца кои се заболени од рак. Подвигот привлече големо внимание, а целите беа остварени. 

Овој викенд, бугарскиот ултрамаратонец Красимир Георгиев и неговата екипа преку предизвикот наречен „36 часа трчање со Краси” се насочија кон хуманитарни цели за донирање средства на деца кои имаат (или преживеале) рак на коскената срцевина. 

Во подвигот, Краси успеа за 36 часа да истрча 246 километри на стационарна машина за трчање со просечно темпо од 7,5 км/час. На спротивната лента во изминатиот период друштво му направија повеќе од 200 луѓе кои вкупно истрчаа околу 200 километри. На оваа лента, секој изминат километар носеше по 10 лева за здружението, а целиот настан собра вкупно 16.000 лева или околу 8000 евра и 200 рубљи. 

За време на трчањето кое траеше едно ипол деноноќие Краси направи само 3 паузи за сон и тоалет во времетраење од 23 минути и 5 мали паузи (од 5 минути) за масажа и истегнување, односно, вкупно 40тина минути пауза. Истотака, испотени беа 20 маици и сменети два пара патики кои претрпеле доста абење на ѓонот во текот на трчањето. 

Красимир Георгиев е бугарски ултрамаратонец кој досега има учествувано на некои од најтешките ултрамаратони низ светот како Бед Вотер во САД – 220 километри во т.н. Долина на смртта и Џангл Ултра 230 километри во Амазон.

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија