Почувствувај ја легендата, истрчај го митот

Наслов

Крали Марко Треилс - Трка за јунаци

Ако сте љубители на трчањето и престојот во природа, имате авантуристички дух или пак едноставно сте во потрага по предизвик повеќе кој тешко се заборава, ви предлагаме да ја посетите Крали Марко Треилс - трката за јунаци.

ВИДЕО НАЈАВА

Од 22 до 24 септември оваа година, во Варош - Прилеп ќе се одржи седмото издание на трката во планинско трчање Крали Марко Треилс. Оваа најстара и најмасовна планинска трка кај нас која има меѓународен карактер од година во година се повеќе расте. Пријавите за годинешното издание се отворени (www.kmt.mk) и се очекува годинава да биде срушен рекордот по бројот на учесници.

Програмата на настанот вклучува вкупно пет трки (четири трки за возрасни и една детска) кои ќе бидат одржани во три дена. Патеките кои учесниците ќе треба да ги истрчаат се со различна должина и позитивно висинско качување. Најкратката трка е со должина од 16км, а најдолгата трка која годинава се воведува за прв пат е ултрамаратонот од 110км која во исто време е и најдолга трка од ваков тип некогаш одржана во нашата земја. Покрај овие две трки на настанот ќе бидат застапени и трките со должина од 31км и 65км.

„Трките на Крали Марко Треилс се прилагодени за речиси секој да може да учествува на макар една од нив и да ужива во неверојатниот крај околу Марковите кули. Целиот овој регион кој е преполн со историја, традиција и кулутра се одлична подлога за авантура вредна за паметење. Она што исто така е интересно е дека трките на 65км и ултрамаратонот на 110км се и квалификциски трки за престижната Ултра Треил ду Монт Блан. Со успешно завршување на истите, секој натпреварувач добива 4 односно 5 квалификациски бодови." - истакнува Игор Јовановски, директор на трката.

Учесниците на трките ќе минат низ манастирот Трескавец, ќе трчаат низ Марковите Кули, Прилепското Езеро, ќе се качуваат на врвот Козјак, врвот Единак и ќе минат низ повеќе села, манастири и резервати на природата. Организатори на трката се клубот ТРЕКС, Општина Прилеп и ПСД Макпетрол.

Пријавувањето трае до 31.08.2017. 

За подетални информации во врска со трката и пријавување посетете го веб сајтот www.kmt.mk и следете ја Фејсбук страната -https://www.facebook.com/kralimarkotrails/

 

03 Август 2017

За авторот