По трагедијата која се случи овој месец

Крај за качувачката сезона на Еверест?

Од информациите што стигнуваат од терен, многу веројатен е крај на качувачката сезона на Еверест за оваа година доколку шерпаската заедница се одлучи да направи пауза во чест на загинатите сонародници во најцрниот месец на планината. 

На 18ти април во лавина која се случи нешто над базниот камп во месноста Кумбу загинаа 16 шерпаски носачи во најцрниот ден во историјата на Монт Еверест. Иако сè уште не се знае за дефинитивно, ова сигурно ќе го намали бројот на експедиции, а може и целосно да ја затвори сезоната на Еверест. 

Во деновите по несреќата група на Шерпаси во Базниот камп дискутираа на оваа тема и направија листа на барања кои беа доставени до владата на Непал. Покрај седумдневната забрана за качување која беше една од наведените, од неофицијални извори многу веројатно е дека голем дел од нив имаат намера да стават крај на оваа сезона но не поради некаков протест, туку најмногу поради чест према нивните загинати колеги. 

„Горе е како воена зона, а шерпаската заедница е во шок“ – вели Дејв Хан, еден постарите качувачи за National Geographic. „Засега сите што се наоѓаат тука се во обид да се соземат од магнитудата на трагедијата.“

Сè уште не се знае каков ќе биде ставот на различните експедициски тимови и Шерпасите, но за голем дел од нив, ова претставува работа која што обезбедува егзистенција за многу фамилии. 

Шерпасите претставуваат `рбет на качувачката индустрија на оваа планина без кој ниедна странска експедиција не би можела да успее во намерите за освојување на врвот на светот. Тие се во голем дел најмувани за носење на опрема во текот на искачувањето и се изложени на огромни ризици особено во пределот на замрзнатиот водопад Кумбу каде што лавини и одрони на сераци се честа појава.

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија